Резултатите во текот на вчерашниот и денешниот ден им одеа во корист на македонските ракометари, па веќе е јасно дека нашиот национален тим дури и во случај на пораз на вечерашната пресметка со Чешка би обезбедил пласман на ЕП 2018 во Хрватска. Поточно, на Македонија би би одговарал и пораз до убедливи 10 гола разлика за да стигне до хрватска виза, но незамисливо е дури и во очаен ден нашиот национален тим да загуби двоцифрено од ривалл како што е Чешка.
За да биде јасно – пласман на ЕП 2018 покрај двете првопласирани селекции од секоја група, осигурува и најдобрата третопласирана репрезентација, и тоа во табела во која ќе се бришат резултатите против „фенерџиите“ на табелите.
Во една таква ситуација, Македонија би имала два бода (доколку второпласиран е Исланд) или три (доколку пред неа се најде Украина), а против себе на табелата би имала селекции како БиХ и Холандија, кои се без бодови, или Португалија, која има само еден бод против селекциите кои завршија пред неа на табелата.
По два бода, исто колку и Македонија (во најлош случај за нас) би имале и Русија, Романија и Литванија, но тие имаат очајна гол-разлика, така што избраниците на Раул Гонзалес дури и со пораз од десет гола би се нашле на претстојниот континентален собир.
Тоа никако не значи дека битката со Чешка ќе биде без никакво значење, бидејќи влогот е првото место во групата. Тоа само по себе значи и позиција во вториот шешир при извлекувањето на групите за Eвропското првенство и нешто полесни противници во Хрватска, што не е мала работа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.