| четврток, 6 декември 2018 |

Курт Кобејн – Поп-рок божеството на генерацијата

Нирвана. Цвеќе. Парфеми. Кукли. Љубов.

(Реклама за „Nevermind“)

 

Осумдесеттите години во САД беа чудно време за рокенрол. Владеењето на Роланд Реган симболично почна со убиството на Џон Ленон, со што беше најавена победата на конзервативниот дух, кој жестоко се спротивставуваше на секоја индивидуалност. Влијанието на панкот, слабо и во почетен налет, остана заклучено во гаражите и во подрумите, далеку од главната сцена. Но, друга револуција, содржана во три букви – „Ем-Ти-Ви“– ја потресе тинејџерската популација од темел. Големите ѕвезди на видеоерата најдобро се чувствуваа на подиумите за игра, додека рок-сцената беше оставена на проверените легенди од минатото и на неверојатниот бран нашминкани момчиња, кои повеќе се грижеа за изгледот на своите фризури, отколку за својот музички талент. Оваа состојба на масовно привлекување глупости имаше само една добра страна – некаде зад заклучените врати на гаражите и на подрумите се подготвуваше соодветна реакција. Се појави алтернативната музичка група „Нирвана“, предводена од креативниот и харизматичен лидер Курт Кобејн. Начинот на кој „Нирвана“ го освои музичкиот пазар и шоу-бизнисот во музиката беше единствен. Не личеше ниту на еден друг. Практично непознатата „Нирвана“ за неполна година ги освои сите топ-листи, и тоа благодарение на нумерата „Smells Like Teen Spirit“ и агресивниот глас на Кобејн, кој стана глас на цела една генерација. Поточно, „Нирвана“ стана предводник на таканаречената генерација X, а Курт Кобејн, како харизматичен водач на бендот, од медиумите беше прогласен како гласник на генерацијата. Кобејн, иако имаше кратка музичка кариера, успеа да создаде армија следбеници, која сега е помногубројна со секоја нова генерација. Дојде од никаде и никому не му беше познат, и веднаш тргна да го промени светот. Во суштина, тој беше рок-ѕвезда каква што порано никогаш не била видена. Повеќе беше антиѕвезда, отколку славна личност. Одбиваше да го посочуваат како ѕвезда, а во сѐ што работеше внесуваше огромен сензибилитет. Беше многу неформален, а многу често и чуден во однесувањето. Беше личност со компликуван карактер. Еден вид контрадикторен мизантроп. Имаше силна волја за работа и за успех, но имаше и омраза кон самиот себе. Без разлика на сѐ, беше грижлив, добродушен и мил. Неговата етика за обожавателите се базираше на панк-рок размислувањето дека ниту еден бенд не е толку посебен, а ниеден музичар не е крал. Доколку имаш гитара и душа, само исфрли нешто од себе и застани зад тоа, и веднаш си суперѕвезда. Тој на тоа ниво им се обраќаше на обожавателите и така ги освојуваше нивните срца. Само го фаќаше ритамот и оставаше мелодијата сама да истекува од срцето. Публиката знаеше да го препознае тоа.

 

Како Хамлет, морам да изберам меѓу животот и смртта.

(Од проштална порака во Рим)

 

Роден е на 20 февруари 1969 година, во гратче во државата Вашингтон, САД, од мајка Венди Елизабет и татко Доналд Лиланд Кобејн. Како што самиот ќе изјави подоцна, имал среќно детство, но само до деветтата година, кога неговите родители се разделиле. Тој прво живее со својот татко, потоа со мајка му, но кога се скарал со неа, се иселил и престојувал кај роднини, пријатели, а еден период поминал и како скитник и бездомник. Од најрани години покажувал интерес за музика и за уметност. Неговиот живот ќе се промени кога од чичко му Чак ќе добие гитара и ќе почне да слуша панк-рок. Станува немирен дух и е апсен за цртање графити со непристојна содржина, поради опивање и скитање. Разочаран од родителите и од животот, ќе најде прибежиште во музиката, на која ќе ѝ биде верен до крајот на својот живот. Во 1987 година се среќава со басистот Крис Новоселиќ, подоцна и со тапанарот Арон Буркхард, со кои го прави бендот „Нирвана“. Прво го издаваат синглот „Love Buzz“, а потоа, по две години гаражи, училишни приредби и мали клубови, следува и првиот албум „Bleach“, во јуни 1989 година. Преку овој албум тие првично се забележани како нов бенд, со нов тапанар Чад Чанинг. Комерцијалниот успех ќе изостане, но, сепак, тој за првпат го демострираше својот талент за пишување текстови и за компонирање и во иницијална фаза ќе го покаже својот карактеристичен звук, на посебна комбинација од панк и од хевиметал. Може да се констатира дека тоа беше борбен албум, кој се занимаваше со половата борба, хомосексуалноста и со симпатиите на Кобејн кон панкот. Во поголем дел тоа беше хардрок, со квалитетни поп-моменти, како во нумерите „About a Girl“ и „Sifting“. Битно е да се истакне дека на овој албум се гледа дека Кобејн како главен автор е растрагнат меѓу влијанието на агресивните алтернативни бендови и сопственото совршено чувство за мелодија, здобиено уште во детството кога ги слушал „Битлс“. Кобејн поминува период на созревање во кој е притиснат со чувство на неприспособеност. Но, музиката, дефинитивно, му стана свет во кој наоѓаше сигурност и комуникација, каква што му недостигаше во тинејџерските денови на разочараност. Сѐ на сѐ, тоа беше албум по кој за Нирвана се велеше дека е група што ветува. Се насетуваше подоцнежниот звучен идентитет на Нирвана. Тоа се гледаше и од меѓусебната хемија на членовите на групата, кои покажуваа дека се подготвени да му го претстават на светот својот музички хибрид од групите „Лед цепелин“, „Секс пистолс“ и „Битлс“. Следува албумот „Nevermind“ и другото е историја. Албумот е издаден во септември 1991 година, постигна голем првичен успех, но тоа не е ништо во споредба на интересирањето што следуваше за таа музика и за „Нирвана“.

Новиот албум беше низа од бомбастични гренџ-химни, како најсовршено чувство на Кобејн за поп-музиката. Во него има еден вид музика на „Битлс“, искомбинирана со мелодични секвенции на специфичниот глас на Кобејн. Многумина велат дека да можел Џон Ленон да ги чуе мелодиите од овој албум на „Нирвана“, тој би бил горд на Кобејн и на музиката што тој ја создал. За младите тоа беше моќна плоча со агресивна музика. „Nevermind“ беше вистинско ремек-дело со универзална привлечна моќ. Ги задоволуваше вкусовите на широк круг слушатели и обожаватели. Музички квалитет, во вистински време и на право место. Носечката „Smeells Like Teen Spirit“, цели токму на суштината, на тоа чувство на одвоеност, а токму тоа чувство се провлекува низ целиот албум. Тоа е обраќање на фрустрираната генерација, која се давеше во културното ништавило на околината. Фасцинантен беше носечкиот гитарски риф на оваа музичка химна, при што магијата се состоеше во начинот на кој Кобејн ја гради мелодиската линија преку едноставна основа. Тука не треба да се заборави и разорната моќ на спектарот на динамичкиот набој, од шепот на строфата, до грмотевица на децибели во рефренот. Сепак, тоа што новата песна на Кобејн ја претвори во нова химна на цела една генерација, беше текстот. Кобејн користи неколку крикови од забавите („Load up on gus!“ и „Here we are now entertain as!“). Потоа, во стил на Боб Дилан, си поигрува со братскиот поздрав („Hello!“) и со констатацијата „How low!“, а и ги цитира двата најупотребувани зборови на генерацијата „Whаtevr!“ и „Nevermind“. Кога на тоа ќе се додаде и незаборавниот видеоспот, приказната е целосна. Така едно име на дезодоранс за млади, прераснува во музичка химна на една разочарана и загубена генерација. Ставен во овој контекст, крикот на Кобејн доби вистинска моќ на крик на цела генерација, убиена во поим, несфатена и отфрлена на маргините на општествените збиднувања. Кобејн им помогна на младите да го отфрлат теророт на прераскажување на туѓата слава од минатото и да го надминат неинспиративното предвидување на сопствената иднина. Албумот „Nevermind“ се искачи на врвот на сите топ-листи и таму остана долго време. Овој албум означи почеток на нов вид музика – алтернативен рок наречен гренџ. Кобејн покажа на дело дека е одличен музичар. Најважен елемент е тонот со кој „Нирвана“ ја обележи музичката сцена на деведесеттите години од 20 век. Таа музика беше оригинална и идејно богата. Во нејзиниот центар беше гласот на Кобејн, кој личеше на отворена рана, низ која се изразуваше чувствителноста на неговата тажна лирика. Имаше невидена промена и трансформација. Во еден момент се чини дека некој луд демон го распарчува неговиот глас, додека во друг момент тој веќе пее мелодија слична на песните на Џон Ленон. Ретко може да се слушне ваква стилска противречност на гласот каква што ни понуди Курт Кобејн.

 

„Јас знам дека некогаш сум вистински дркаџија, а понекогаш е толку лесно да ме повредиш. Такви се и моите песни. Такви се луѓето на мои години: саркастични во еден момент, а чувствителни во следниот. Тоа е тешко да го објасниш, доколку и сам не се чувствуваш така“.

Курт Кобејн

 

Следуваше албумот „In Utero“, кој е многу помрачен од претходниот. Кога ги слушаме песните од него имаме чувство дека навлегуваме во најдлабоките конфузии и очајни мисли на Кобејн. Некои стихови од овој албум се многу интересни, но и чудни: „Самоубиството сметај го како добра старана на работите“ („Milk it“); „Тинејџерскиот бес добро се исплатуваше, но сега сум сит и стар“, „Се извинувам за сѐ, сѐ е моја грешка“. Во албумот, тематски, провејуваат интимни тонови. Еден вид лично исповедување. Песната „Radio Friendly Unit Shifter“, сведочи за длабоко чувство на вина, фрустрации и страв. Овој албум зазема централно место во музиката на „Нирвана“. Тоа беше еден вид тест за издржливоста на нивните обожаватели: дали и по оваа претенциозна плоча, ќе ја сакаат групата. Симболично, тоа беше едно грубо откажување од титулата поп-божество, која Кобејн никогаш и не ја сакаше, а ја доби по албумот „Nevermind“. Во меѓувреме се одвиваа големи светски турнеи на „Нирвана“ низ САД, Европа, Австралија и низ Азија. Како што секогаш и бива, со славата дојдоа и проблемите. Членовите на групата беа фрлени во епицентарот на вителот на животот: Новоселиќ сѐ повеќе тонеше во алкохолот, Грол стана познат по синдромот „зголемена сексуална желба“, а Кобејн од нирваноманијата се заштитуваше со хероин и со алкохол. Колку што повеќе тонеше во пеколот на дрогата, сѐ повеќе сакаше мирен семеен живот. Но и како таков, неговата привлечност растеше. Чувствителен гениј, кој за младите претставуваше идеална икона на деведесеттите. Но, непобитен факт е дека тој беше способен да донесува одлуки. И кога се разочара од родителите и побегна од домот, и кога направи бенд, и кога одлучи да пишува и да компонира, и кога се ожени со Кортни Лав, и кога стана родител на малата Френсис Бин Кобејн. Сепак, како на крајот да изгуби вера во животот и не сакаше да го продолжи. Беше тажно, бесмислено и непотребно да се прекинува животот на еден извонредно талентиран човек. Тие што го прогласуваат за маченик, како да забораваат дека неговата смрт не беше ништо ново. Во историјата на рокот тој им припаѓа на тие посебните, кои живееја опасно, брзо и кратко. Тоа се членовите на „Клубот 27“, генијалци од првиот до последниот (Брајан Џонс, Џенис Џоплин, Џим Морисон, Џими Хендрикс). Тоа е проколнатата возраст и продолжување на митот, за посебен животен стил, голема креативност, иновативност и инвентивност, но и незаобиколна зависност од дрогата и од алкохолот. Зошто Курт Кобејн одлучи веќе да не живее? Беше славен, имаше пари, прекрасна ќерка, жена што ја сакаше, бенд прогласен најдобар на светот. Како тоа да не беше доволно. Како и да е, Курт Кобејн беше највлијателен музички творец на генерацијата, а „Нирвана“, револуционерна музичка група во музичкиот шоубизнис. Секоја генерација има право на свој херој, а Кобејн е, несомнено, еден од нив. Не е лесно да се биде жива легенда. Живите легенди најчесто тешко живеат со товарот на славата. Дрогата, љубовните приказни и медиумското лудило се тука само за да свртат внимание на фактите. Ќе го паметиме како брилјантен текстописец, кој го прослави андерграундот, а зад себе остави класика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top