Интернационален саем на современа уметност посветен на поддршка и промоција на културата, уметноста и креативните индустрии „Паратисима Скопје“, по четврти пат ќе се одржи во Младинскиот културен центар во Скопје.
Ликовната изложба на саемот, како што најавуваат, ќе биде поставена од денеска до 17 јуни, дополнета со мода, дизајн, перформанс, музички настани, проекции, работилници и голем број интересни содржини изведени од македонски и странски автори учесници.
„Паратисима Скопје“ годинава содржи и детска програма која ќе се оддржи в сабота од 11:00 до 19:00 на платото пред МКЦ и во Детскиот креативен центар.
На годинешниот саем десет учесници ќе добијат награди и ќе можат своето дело да го изложат на саемот за уметност „Паратисима“ во Торино, Италија од 1 – 5 ноември годинава.
Куратор на ликовната поставка на четвртото издание „Паратисима Скопје“ е Мира Гаќина, а поставката на мода и дизајн ќе биде курирана од Драган Христов.
Изминатите три години „Паратисима Скопје“ брои над 300 независни учесници со потекло од 32 земји учесници и 30 специјални проекти на кои учествувале ликовни академии, галерии, колективи и организации кои се активни на културно-уметничката сцена
„Паратисима Скопје“ e во организација на здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата „Континео 2020“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.