| четврток, 6 декември 2018 |

Третпат „Паратисима Скопје“ од 10 до 12 јуни

Паратисима Скопје и оваа година повторно ќе награди до 10 учесници, и ќе им овозможи своето дело да го изложат на саемот за уметност Паратисима во Торино, Италија од 2 - 6 ноември 2016 година

Интернационалниот саем на современа уметност Паратисима Скопје ќе се одржи третпат од 10 до 12 јуни во Младинскиот културен центар. Отворениот повикот за учесници истекува во сабота на 30 април и е отворен за сите заинтересирани без селекција за учество.

Паратисима Скопје и оваа година повторно ќе награди до 10 учесници, и ќе им овозможи своето дело да го изложат на саемот за уметност Паратисима во Торино, Италија од 2 – 6 ноември 2016 година.

Куратор на ликовната поставка на третото издание Паратисима Скопје е Јованка Попова.

-Досегашното искуство од претходните изданија на интернационалниот саем за уметност „Паратисима Скопје“ веќе ја потврди потребата од посебен вид на уметничка платформа отворена за работата на веќе докажани уметници, уметници во почетна фаза од нивниот уметнички развој, но и на сите оние креативци без формална уметничка наобразба, а со желба да ги претстават своите дела пред поширока публика. Платформата третпат ќе отвори простор за идентификување и профилирање на млади таленти на локалната уметничка сцена, нивно интернационално претставување, но и можност за македонската публика да се запознае со работата на уметници од регионот или уметници кои се веќе интернационално препознаени.

Истовремено, пријавените автори ќе имаат прилика да го збогатат своето уметничко портфолио, да добијат професионални совети и насоки за развој на нивната уметничка пракса како и да бидат претставени пред мноштво куратори, галерии и уметнички институции – велии Попова.

Модната поставка ќе биде курирана од Ирина Тошева, додека македонската артисанска трговска асоцијација – МАТА ќе ги претстави македонските ракотворци.

-Можноста создадените дела да бидат видени од што поширока публика е голем плус за секој креативец. Особено кога не е само на локално ниво. Секое претставување на настан како „Паратисима Скопје“ овозможува и да се види до каде сме, на што треба повеќе да се работи, а и да се добијат многу инспирации и кураж за нови дела. Покрај уште едно искуство во сечие портфолио, тука е и можноста за учество на „Паратисима“ во Торино и дружење и запознавање луѓе од целиот свет. Ги охрабрувам сите студенти, креативци, колеги да учествуваат. Се радувам на поканата од организаторите да бидам куратор за делот мода. Ова е нов предизвик и за мене. Ветувам убаво искуство и супер дружење. Пријави се!  – вели Тошева, моден креатор.

-Целта на МАТА е да помогне во развојот и промоцијата на дизајнот, креативното занаетчиство и домашното ракотворење. Во таа насока е и настапот на дел од оваа група креативци на Паратисима Скопје 2016. Покрај изложбените активности, ќе се организираат и работилници за изработка на филц, изработка на накит од смола, работилница за изработка на керамички производи и филигран – вели Весна Аврамовска, од МАТА.

Селекцијата на учесниците кои ќе бидат наградени во третото издание на саемот, оваа година ќе биде спроведена од страна на стручно интердисциплинарно жири кое се состои од: Сафет Ахмети – истражувач во областа на историјата на уметноста и визуелната култура, Иван Блажев – фотограф и режисер и Мартин Гулески – архитект, добитник на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“ – 2015 година.

Паратисима Скопје во своето минатогодишно второ издание, брои учество на 106 независни автори со потекло од 21 земја, а беше домаќин и организатор на 15 специјални проекти, 15 настани во живо и 8 работилници.

Од 10 до 12 јуни во Младинскиот културен центар ќе биде поставена ликовната изложба на саемот дополнета со мода, дизајн, перформанс, музички настани, проекции, работилници и голем број интересни содржини изведени од македонски и странски автори учесници. Влезот на настанот останува бесплатен и отворен за секоја заинтересирана публика.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top