Интернационалниот саем на современа уметност Паратисима Скопје објавува отворен повик за учество на своето четврто издание што ќе се одржи од 15-17 јуни во Младинскиот културен центар, Скопје.
Повикот е отворен за академски уметници, автори и работници во полето на креативноста и ги охрабрува сите заинтересирани да експериментираат и да ги трансформираат конвенционалните граници во изразот и уметничкото дело.
Тимот на Паратисима Скопје ги поканува сите модни дизајнери, дизајнери на производ и накит, како и сите визуелни уметници, архитекти, фотографи, режисери и сите останати од сферата на перформансот и мултимедијалните проекти и другите уметнички формати да го споделат своето дело со нова и широка публика.
– Паратисима Скопје е саем на современа уметност што во се’ поголем број ги вклучува и креативните индустрии, односно дизајнот и модата. Како куратор на делот Мода и дизајн на овогодинешното издание, моја задача е да се подигне нивото на квалитет и да постигне успешен настан што ќе претставува некаква слика на денешната модна и дизајнерска сцена кај нас. Особено ги охрабруваме да учествуваат креативците, бидејќи хетерогената и бројна публика на Паратисима е вистинска прилика да го тестираат својот производ или нова колекција. Дополнителен поттик е можноста за патување на партнерскиот саем Паратисима во Торино, Италија што секоја година се обезбедува за десетина наградени како и паралелните можности за остварување на постојани соработки со дизајнерски продавници и салони – вели Драган Христов, куратор за Мода и дизајн на Паратисима Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.