Тоа што за пензионерите е зголемувањето на пензиите, тоа за учениците беше укинувањето на екстерното тестирање. И двете ветувања беа дел од реформите на „реформаторот“ Заев. Токму укинувањето на екстерното тестирање го означи почетокот на работата на неговата влада. Популистичка мерка широко поздравена од родителите и од децата. Но, што добивме сега, откако екстерното веќе го нема?
Иако непопуларна мерка за учениците, екстерното тестирање беше неопходен одговор на државата на застојаноста на водите што протекуваат низ образовниот систем. Брзиот глобален тек и минималните поместувања во образовниот систем со годините создадоа образовно мочуриште, кое почна да произведува одлични ученици со слабо знаење. Екстерното тестирање требаше да биде, пошироко, и општествен коректор на вредностите изместени во транзицијата.
-Никаде во светот нема да најдете од 26 ученика, 24 да бидат со сите петки. Тоа не е реално и тоа се случи во приватизацијата, кога новопечени богаташи инсистираа наставниците да им обрнуваат внимание на нивните деца и да им ги подарат сите петки. Потоа наставниците чувствуваа одговорност дека на дете што не знае за двојка му ставаат петка, нагласи во неодамнешното интервју претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на владата што ја воведе оваа реформа, Никола Груевски.
Токму затоа екстерното беше замислено како реформа со повеќекратни ефекти, а целта беше да обезбеди пообјективно оценување и поквалитетно образование. Тоа значи реални оценки, кои соодветствуваат со покажаното знаење на учениците. Екстерното тестирање требаше да биде поттик за наставниците да ги усовршат предавањата, но и да ги натера учениците посериозно да им пристапат на своите училишни обврски. Конечно, екстерното тестирање требаше да ги заштити наставниците од притисоците на амбициозните родители дека нивното дете мора да има максимална оценка на крајот од учебната година.
Сепак, првиот ден од јуни на учениците им донесе привид на радост – екстерното е укинато и нема враќање назад. Барем така изгледа засега. Тоа што нѐ тера да се прашаме дали е, навистина, така е изјавата на Рената Треневска – Дескоска, која се согласува дека треба да постои систем за евалуација во училиштата.
– Сакам една широка, општа дебата со сите во која заедно ќе го најдеме најдоброто решение. Ние имаме мерки што сме ги предложиле во програмата, но мислам дека тие треба да поминат низ јавна дебата и со поддршка на најшироката јавност да го извадиме најдоброто. Ако сметаат дека не е тоа најдоброто – ќе го смениме и ќе воведеме нов концепт – изјави Дескоска.
„Широката, општа дебата“ остава доволно широк, општ простор да роди сомнеж дека укинувањето на екстерното беше политички каприц, одмазничка победа, а не решение. Потврда на оваа претпоставка доаѓа од самата Дескоска, која најави дека „во иднина ќе се работи на нов модел за да се анализираат слабостите, кои го доведоа образовниот систем до дното“. Прашањето што се отвора е нема ли капацитет новото раководство на МОН, место да врши анализа на веќе анализираното, да обезбеди унапредување на веќе спроведениот модел.
Оваа парадоксална ситуација ќе создаде некоја форма на екстерно, која овој пат, ќе биде со друг назив, „систем за евалуација“.
– Ние никогаш не рековме дека со една мерка тоа може да успее, никогаш не рековме дека екстерното што го понудивме беше идеално и непроменливо. За мене е разочарувачки тоа што СДСМ доаѓа, го укинува, а не нуди никаква друга мерка за подобрување на квалитетот во образованието. Веќе една недела се занимаваат само со ретроградни процеси во образованието, а во ниту еден момент не сум слушнал позитивна изјава, што ќе направат тие за подобрување на квалитетот – критичен е поранешниот министер за образование Спиро Ристовски, во чијшто мандат беше воведено екстерното тестирање.
Дека социјалдемократите не ја отворија партијата со добар потег потврдува и еден постар текст на поранешниот потпретседател на партијата, Зоран Јовановски. Тој не само што не мисли дека екстерното е мачилиште, туку уште во 2015 година нуди и решение за негово подобрување. Јовановски предлага три чекори: да се реши прашањето за учебниците за да се избегне ситуацијата одговорот за некое прашање од екстерното тестирање да го има во еден, но не и во другиот учебник за истиот предмет; да се измени динамиката на тестирањето, наместо еден тест на крајот од учебната година проверката да се врши четири пати во годината на крајот на секое тримесечје; и да се измени приодот во тестирањето, така што ученикот ќе мора да се потруди да ги разбере суштински концептите што ги учи.
– „Јас го поддржувам екстерното тестирање, но не вакво какво што го имавме досега. Тоа беше воведено со добра намера, има потенцијал да даде долгорочно позитивни системски резултати, но потребна е волја за да се надминат постојните слабости. Измените на постојниот начин на тестирање не бараат пари и можат релативно лесно да се направат. Сигурен сум дека потешко беше да се воведе екстерното тестирање и да се обезбедат технички услови за негово реализирање одошто тоа сега соодветно да се коригира“, пишува Јовановски.
На крајот, реформаторите од новата власт имаат готов модел и загубен рецепт. Моделот го укинаа, рецептот не го најдоа, а друг немаат. И повторно од почеток. А сѐ што требаше да се стори е да се погледне подалеку и на децата да им се овозможи поквалитетно образование, кое ќе им обезбеди петки во свидетелствата и знаење во главата. Дали и колку се успеа во тоа, за жал, нема да дознаеме. Реформите не се случуваат преку ноќ, а оваа реформа не го дочека денот.
Пишува: Катерина Митиќ
(Текст објавен во 249. број на неделникот Република, 9.6.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.