Претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов, им го честиташе на ракометарите на Вардар историскиот успех со освоената титула во Лигата на шампионите. Првиот човек на македонскиот ракомет, кој финалето во „Ланксес арена“ го следеше со Генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски, изрази задоволство од овој историски резултат.
„Ракометната федерација на Македонија упатува искрени честитки до најтрофејниот македонски ракометен клуб кој успеа да ни го донесе најелитното европско ракометно злато! Големи и срдечни честитки за Вардарци кои испишуваат историја во македонскиот ракомет! Единствениот дебитант на теренот во Келн им одржа лекција за борбеност, истрајност, силен тимски дух и единство во составот, на веќе одомаќинетите екипи од спротивната страна на голот. Чест и задоволство беше од трибините на “Ланксес арената” да се бодрат момците предводени од големиот Раул Гонзалес, кои го вложија секој атом од силите за да ни го овозможат овој историски успех и да ни го донесат најпосакуваниот ракометен трофеј на стариот континент“ – истакна Живко Мукаетов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.