| четврток, 6 декември 2018 |

Били Холидеј – Несреќната дама на џез-музиката

Што и да правиш без чувства, се сведува на ништо

Били Холидеј во филмот „Дамата пее блуз“

За тие што го сакаат џезот, тој има дополнителна смисла на столетник на постоењето на оваа музика. Џезот е егзотична уметност, која се истакнува со неколку својства и возбудува на различни начини. Уметничкиот дух во џезот оперира најнапред со импровизацијата, па со симпатична мелодика, неопходна хармонија и, секако, тука е и неизбежната ритмика. Добрата џез-изведба не може да се замисли без ниту еден од овие фактори. Ретко кога некој џез-уметник ги има сите и во доволна количина. Еден од малкуте исклучоци е легендарната Били Холидеј – позната и призната како една од најдобрите џез-пејачки на сите времиња. Ниеден уметник не беше толку многу подлежен на мит и погрешно сфатен како Били Холидеј. Пред сѐ, и над сѐ, таа беше една од првите икони на музиката и харизматична и единствена интерпретативна уметничка, која, еднакво ги допре болката, очајот и милоста. Сите се согласуваат дека била прекрасна жена, многу едноставна и добродушна. Имала добар вкус, што значи била многу пребирлива и грациозна во сѐ што работела.

Таа е извонреден, вонсериски пејачки талент. Направи блескава кариера проткаена со животна горчина на расната сегрегација. Животната сторија за Били Холидеј, ненадминатата во вокалниот џез, не би можел да ја замисли и измисли и најинвентивниот и најдосетливиот холивудски сценарист. Нејзиниот живот бил постојана борба против расистичкото општество и мизогинијата, како и против своите душевни демони, кои ја воделе кон зависност од алкохол и од наркотици. И покрај тоа, таа успеала да го промени и надмине своето сиромашно потекло и детство и да изгради пат за светска слава. Била успешна затоа што пронашла неисцрпен извор на радост во своите музички настапи. Таа по многу нешта е единствен наследник на легендарната Беси Смит. Исто како и славниот каубој од Дивиот Запад, Док Холидеј, таа „Дојде тивко и влезе во легендата“… Прво беше малата Елеонора, која преживеа ужасно детство (силувана во својата 11 година, престој во специјална установа за девојчиња со обоена кожа, подоцна и во јавна куќа, каде што „чинела“ пет долари, а најнакрај и во зат­вор поради прекумерно консумирање алкохол и дрога), која беше загубена и препуштена сама на улицата, и ако некој тогаш и помислеше да каже дека таа мала девојка ќе стане вистинска икона на современата поп-култура и една од највлијателните пејачки во историјата на музиката – сите ќе помислеа дека тој некој е нетокму. Но, со тек на времето, се случи токму тоа. Таа поради обезбедување егзистенција за себе и за својата мајка, пропеа блуз и џез во баровите по Харлем во Њујорк, така што израсна во најголема дива на џезот, сѐ додека проблемите со законот, хероинот и цирозата на црниот дроб, конечно, не ја докрајчија. Нејзиниот живот, е живот исполнет со мака, тага, болка, алкохол, дрога, насилство, слава и успех. Сеќавањата на траумите од детството ја прогонуваа цел живот. Со горчина се сеќавала на сите грозотии од детството, за што изјавила: „Јас сум црна, силувана и шворц. На денот кога се родив, Господ Бог не даваше попуст. Немав можност да играм со кукли, како другите девојчиња, туку веќе со шест години почнав да работам“. Сепак, сето тоа го надмина, и пеењето џез и блуз, настапите во ноќните клубови, направените џез-снимки и соработката со најголемите имиња на џезот како што се Луј Амстронг, Дјук Елингтон и Арти Шо ја направија најпозната и најславна џез-пејачка – кралица на блузот. Но, на крајот, трауматичното детство, алкохолот, марихуаната и хероинот, а, секако, и погрешниот избор на животни партнери, ѝ донесоа тага и ѝ го уништија животот. Затоа, во сеќавањето на љубителите на џез и на блуз-музиката остана позната како несреќната кралица на блузот, која имаше бурен и краток живот.

billie-holiday-2

Најголема светска салонска пејачка

Френк Синатра

Инаку, кога е таа во прашање, многу факти како што се името, потеклото, датумот на раѓање, не се баш најпрецизни. Запишано е дека е родена е на 7 април 1915 година во Филаделфија како Елеонора Фаган, по мајка ѝ Сејди Фаган, од татко Кларенс Холидеј, кој бил познат гитарист во оркестарот на Флечер Хендерсон. Подоцна таа го зема презимето Холидеј. И, конечно, името Били го зема од актерката Били Дав. Позната е и по прекарот леди Деј, кој ѝ го дал нејзиниот најдобар пријател, тенор-саксофонистот Лестер Јанг. Инаку, сопружниците (Џими Монро, Џо Гај, Луис Мекеј) физички и психички ја малтретираа и злоупотребуваа, а менаџерите финансиски ја искористуваа и ограбуваа. Сето ова го наведувам со цел да се сфати колку животна несреќа и зла судбина имало во и околу несреќната, емоционално недозреана, и особено убава Били Холидеј, која веќе на 15. години пушела педесетина цигари дневно, користела марихуана, се опивала од прекумерно консумирање алкохол, а некоја година подоцна нејзиниот сопруг Џими Монро ја навлекол на хероин. Целиот нејзин живот е хаотичен, трауматичен, исполнет со подеми и со падови и контрадикторен. Нејзиниот талент за музика и за пеење никогаш не беше искористен докрај, ќе ја паметиме како емотивна џез-душа, многу истрауматизирана, длабоко несреќна и очајна личност, и покрај стотиците илјади обожаватели низ светот и големиот успех што го постигна. Таа немаше моќен глас како Беси Смит и имаше распон на гласот од само една и пол октава. Но нејзината фраза, тајминг, како и способноста да си поигрува „светло – темно“со нив, ја правеа неповторлива, особено во изведбата на баладите. Во нејзиното пеење, поуспешно е изговарањето на текстот и фразите, отколку самото пеење. А со својот метален и магичен глас извонредно се согласуваше со саксофонистот Лестер Јанг, својот најголем пријател. Сите овие финеси ја правеа неспоредливо понадмоќна од сите џез-пејачки од најраниот период, па до денес. Инаку, таа никогаш немала свој идол, иако е познато дека извонредно многу ги ценела Луј Амстронг и Беси Смит. Подоцна, таа станува идол речиси на сите пејачки на џезот по неа.

Жена убавица и пејачка ѕвезда од небесните височини, која наоѓаше утеха во наркотиците – марихуаната и хероинот, кои ѝ го докрајчија животот

Костадин Костадиновски

И денес живее легендата за Били Холидеј, како „Џуди Гарланд на џезот“, која никогаш не престана да го фасцинира светот со специфичниот глас и длабоката препознатлива изведба, но и прерано прекинатата животна приказна. Таа беше вистинска џез-уметничка, која успешно ги допираше душите на своите обожаватели. Немаше музичко образование, не знаеше да чита ноти, но, имаше извонреден слух,одлично ги паметеше и изговараше зборовите, и пееше со истенчено чувство за фразирање. Поседуваше и вродена музикалност и интуитивно се разбираше со другите музичари со кои соработуваше. Тие, пак, ја прифаќаа како рамна на себе поради способноста да го користи гласот како инструмент. Таа многу често знаеше да изјави: „Мислам дека не пеам, туку дека гласот го користам како саксофон“. Имаше нешто поинакво, специфично само за неа. Поинаков стил од која било друга пејачка, која кога било сум ја чул. Кога почнуваше да се занимава со музика, критичарите нејзиниот вокал го опишуваа како полетен и детски. Меѓутоа, годините на тешкиот живот оставија последици, па така на подоцнежните снимки нејзиниот глас е видно рапав и напукнат. Значи, со тек на времето гласот постепено и се менуваше, но тој дефинитивно „пукна“ и ја издаде кога во мај 1959 година успеа да отпее само две нумери на концертот во Гринч Вилиџ. Гласот ѝ се влошил и интерпретацијата на познатите песни веќе ѝ станала повеќе како навика. Лошото здравје придонело за преголемата ранливост и чувствителност, што отсекогаш беше нејзин шарм, но овој пат тоа беше најава за крајот. По тој концерт заврши во болницата Метрополитен во Њујорк, во која умре на 17 јули 1959 година како последица на отежнато функционирање на бубрезите и на црниот дроб поради прекумерно користење дроги и алкохол. Уште еднаш треба да се спомене дека нејзиниот живот постојано се движеше меѓу судири со законот, поради наркоманија, повремени неуспешни болнички лекувања и рехабилитации од зависностите, немање доволно финансиски средства, несреќен избор на љубовници или сопрузи, неконтролирано пушење цигари, претерана употреба на алкохол и искажување на својата болка преку песните, во кои најдобро пееше за љубовта, која или ја губеше, или ја бараше, или ја пронаоѓаше. Можеби единствена џез и блуз-пејачка еднакво прифатена од колегите, обожавателите и од критичарите. Кариерата ја почнува во 1929 година кога доаѓа да живее во Њујорк кај својата мајка. Почнува да настапува како пејачка и танчарка во ноќните клубови во Харлем . Легендата вели дека во јавна куќа, во која имало грамофон првпат ги чула Беси Смит и Луј Армстронг, чиј „West End Blues“, ја оставил без здив и тогаш неповратно се вљубила во џез-музиката. Другото е историја. Многу рано ја забележува продуцентот Џон Хамонт, кој е неизмерно импресиониран од нејзиниот глас и ѝ понуди договор со дискографската куќа „Колумбија“. Тој ја поврза со кларинетистот Бени Гудман со кого во 1933 година ја сними нумерата „Your Mothers Son in Law“. Подоцна сними голем број на албуми со мали состави, кои ги раководеа Теди Вилсон, Џо Џонс, Џони Хоџес, Бен Вебстер, Бек Клејтон и други. Особено е успешна нејзината соработка со кларинетистот Арти Шо во 1938 година, кој во тоа време беше популарен како холивудска ѕвезда. Арти Шо многу ја ценеше Били Холидеј и ѝ оддаде признание преку нумерата „Lady Day“. Многу е познат нејзиниот повратнички концерт во „Карнеги хол“, кога ја пречекаа 3.200 луѓе со овации, кога таа покажа дека сѐ уште знае и може извонредно да пее џез својствен само на неа. Во 1936 година го прави првиот успешен запис на „Summertime“ од Гершвин, во 1937 година се придружува на составот на Каунт Бејзи, како вокалист, а наредната година е на турнеја со оркестарот на Арти Шо. Во 1939 година во клубот „Кафе сосајати“ во Гринич Вилич ја изведува „Strange fruit’, нумера против насилство и линчување. Во тој период ја изведува и „Fine and mellow“, песна напишана од неа, како револт на лошото третирање од мажите. А дека беше единствена, оригинална и неповторлива потврдуваат композициите што таа ги изведуваше: „What a Litle Moonlight Can Do“, „Stran ge Fruit, Good Morning Heartache“, „Lover Man“ (песна за жена што никогаш не почувствувала љубов, и која упорно трага за вистинскиот човек), „Georgia on my Mind“, „Night and Day“ или „Stormy Weather“. Сите овие песни се популарни љубовни песни и стандарди на џез-музиката, интерпретирани и пренесени преку флексибилноста на нејзината вокална импровизација, што ги правеле нејзините настапи слични на соло-саксофон.

billie-holiday-3

За неа се напишани повеќе книги, како „Да посакаш од месецот – животот и епохата на Били Холидеј“ (Доналд Кларк), „Блузот на Били“ (Џон Чилтон), автобиографијата „Леди пее блуз“ (во соработка со Вилијам Дафти), и многу други. Овие книги вешто ги осветлуваат Били Холидеј, нејзините песни и социјално-историското и културно милје на ерата на џезот, свингот и на блузот, а сѐ заедно помага да се напушти сеприсутниот романтичен патос за „трагичната црна жена“ во поделеното американско општество. Во 1972 година е снимен и филм „Леди пее блуз“, а Дајана Рос, која ја играше Били Холидеј, беше номинирана за оскар. Посмртно, во 2000 година е примена во Куќата на славните во рокенролот. Освен по бурниот живот и меланхоличниот глас, ќе остане запаметена и како една од највпечатливите модни и музички икони, најмногу благодарение на уникатниот стил и на природниот изглед. Нејзин заштитен знак беа: необични плетенки, завиткани на едната страна од главата, или пуштена, кратка кадрава коса, со неизбежното бело цвеќе – преубави гардении, од левата или од десната страна. Стана идол на многу ѕвезди, а овој стил се практикува и денес.

Кога ја читам мислата на Френк Синатра дека Били Холидеј е најголема светска салонска пејачка, ми се потврдува мислата дека таа беше џез-авангарда. Уметник многу пред своето време. Живееше во стилот „црното е прекрасно“, многу пред тоа да дојде во мода. Нејзиниот сеопфатен став и начин на кој се држеше и ги поднесуваше ударите на животот и на судбината, е тоа што денес го гледаме – гордост да бидеш црн. Го работеше тоа и пред да знае што, всушност, е – едноставно живееше така. Беше пионер, без да е свесна што ќе направат од тоа луѓето во борбата за еднаквост. За неа можам да констатирам дека секој битен поп-пејач во САД, порано или подоцна, беше допрен од нејзиниот гениј. Били Холидеј е таа што вршеше, а и сѐ уште врши, најголемо поединечно музичко влијание на секоја млада дама, која сака да се занимава со музика и со пеење. Најдобар пример и потврда за ова се Џенис Џоплин и Нина Симон, кои во своите песни имаат елементи од музиката на Били Холидеј.

Апсолутно прекрасна личност, со изглед и став на вистинска дама.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top