Постојат луѓе за кои мислам дека ќе живеат вечно. Еден од нив е Дејвид Боуви. Музичар кој прво беше ексцентричен уметник, потоа славна личност, која израсна во ѕвезда, а ѕвездата во поп и рок-икона. На 10 јануари 2016 година физички нѐ напушти заминувајќи кон патеката на легендите. Денес, во нашата меморија е мит. Се работи за феномен. Феномен не само според авангардното дело што го создаде, туку и според начинот на кој живееше. А тој избра да живее по сопствени правила и во сопствена режија, а неговата редизајнирана верзија на глам-рок го направи вистинска музичка икона. Беше и остана прв и последен, најголем и единствен уметник со јако изразена автоконцептуализација и имагинативно самоосмислување, и секогаш одново, и како по правило, различно осмислување. Невиден бунтовен херој до неговото паѓање на планетата Земја. Создавајќи разновидна уметност, стана мајстор на трансформацијата, вистински и вечен камелеон, кој со својот извонредно квалитетен и шокантен перформанс, сите ги воодушевуваше, заведуваше, насочуваше и забавуваше. Самиот, во една пригода, рече дека сакал да биде и натчовек, а не само човек. Од друга страна, пак, одбиваше да стане витез и сер Дејвид, и двапати на кралицата Елизабета Втора ѝ даваше „корпа“, културно и елегантно, како никој пред него. Дефинитивно, беше креативна личност со бескрајна имагинација и немирен дух, со нагласена индивидуалност. На музичката и целата светска јавност ѝ стана познат со првиот негов музички хит Space Oddity, уште во 1969 година, наговестувајќи големи промени во светот на музиката и покажувајќи нешто ново, свежо, дотогаш невидено. Овој хит го лансираше во врвовите на музичката орбита, а тој првпат инкарнираше во Мајорот Том. Таму, истражуваше во многу области, а најмногу од сѐ експериментираше. Пред сѐ и над сѐ, Дејвид Боуви беше за промена. Го артикулираше задоволството на мутацијата: Зошто да бидеш она што си бил вчера ако утре можеш да постанеш нешто друго? На почетокот, самиот себе се пронаоѓаше. Го бараше својот идентитет. Тоа беше првата драма на неговото „јас“. Следуваше албумот The Man Who Sold the World (1970), кој содржи нумери во кои е отфрлен дотогашниот акустичен манир и го менува со звукот на електрична гитара, а веднаш по него во 1971 го објавува и Hunky Dory. Со нив не постигнува некој голем успех, па заради публицитет, ја објави својата хомосексуалност, косата ја обои црвена и ја почна својата трансформација во рок-ѕвезда – вонземјанин. Стана вонземјанин меѓу земјаните и земјанин меѓу вонземјаните.
Во периодот на преминување од мод во хипи фаза, кога кокетираше со сопствената андрогиност и кога „making love with his ego“, тој беше Зиги Стардаст од истоимениот негов албум (1972). Се работи за клучен албум, не само за неговата кариера, туку и за иднината и за историјата на рокот. Со овој лик тој се прикажува како футуристичко андрогено суштество од друг, повозбудлив и поексцентричен свет. Неговиот физички сценски изглед содржел елементи на кабуки театар (Јапонија), италијанската комедија дел арте и елементи од пантомима. Со таков футуристички изглед Дејвид ја фасцинираше публиката, а тој стана пионер во трансформирањето на рок-концертите во екстравагантни спектакли. Откако успеа во тоа, повторно се самоизмислуваше… се менуваше и самоубиваше (Ashes to Ashes, Rock n’ Roll Suicide), стануваше и повторно почнуваше (Absolute Beginners). За само 10 години се впушти во невиден и неверојатен жанровски слалом со кој помина преку глам-рок, пластичен соул, експериментален и арт-рок. Покрај веќе споменатите албуми, ги издаде и „Aladin Sane“, „Young Americans“, „Station to Station“, „Low“, „Heroes“, „Lodger“, „Lets dance“. Сите тие ја сочинуваат алката во која секој бисер блеска со магичен сјај. Така, со својот најкомерцијален албум „Lets dance“ ја обележува ерата на новиот романтизам (1983). Истоимената насловна нумера се искачи на врвот на топ-листите во САД и во Велика Британија, и заедно со „Modern love“ и „China girl“ ги поставува новите стандарди на музичкиот свет.
Камелеон способен за фасцинантни трансформации. Кога првпат го запозна публиката, Боуви во себе ги носеше дилемите предизвикани со крајот на 60-тите од 20 век и со смртта на контракултурата. Сепак, публиката беше подготвена за нешто ново. Тој понуди еден дотогаш невиден и непознат композит од соул и фанк, преку експресионизам и нов поп, до глам-рок и електронска музика. Во оваа уметничка, музичка и културна понуда Боуви се пројавуваше во новите, измислени ликови, како Зиги Стардаст, Аладин Сеин, Виток Бел Војвода, Мајорот Том, Џон Мерик, Хеловин Џек, преку кои константно ја трансформираше својата личност. Сите овие ликови му служеа да ја раскаже приказната. Тоа е неговата приказна – роман со многу лица. Тој роман Боуви го пишуваше цел живот. Тоа беше и негов филм кој сам го режираше и во него ја играше главната ролја. Сето заедно претстава со многу карактери, кои сите, повторно, се тој самиот – претстава во која на еден по малку Чаплиновски начин ја раскажува приказната за малиот човек, изгубен во светот во кој никој за никого не води сметка и никој на никого не му е потребен. Накратко, Боуви беше голем горостас, кој цело време, преку своите различни ликови, нѐ играше нас – обичните секојдневни мали луѓе. Неговата основна магија беше дрската моќ да ни се обраќа како да ни раскажува само нам. Секој што се впуштил во чувствата на неговите песни, знае дека Боуви беше најдобар кога ги глумеше судбините на различните ликови и ги раскажуваше нивните приказни, кои можеа да бидат и наши. И за чудо, во тоа сите се пронаоѓавме бидејќи беше така уверлив и заводлив во својата љубов за животот таков каков е, додека траеше музиката, а ние затечени, станувавме херои, барем за миг. На сите тие флертови им ги подари својата креација, имагинативноста, идентитетот. На сето тоа само додаде израз и тон, и кругот беше затворен. Уметничкото дело создадено. Од мистериозна и необична фигура која создава бизарна, експериментална музика, тој свесно и намерно се трансформираше во поп-ѕвезда која ги полни стадионите низ светот. Затоа секогаш беше на врвот на музичката сцена, правејќи ги своите фанови, новинарите и критичарите вечно гладни за повеќе скандалозни изјави, повеќе светкава облека и уште нови ликови. За разлика од повеќето негови колеги, тој никогаш не стана клише, ниту пародија на самиот себе. Зад името на Елвис Присли стои епитетот – крал на рокот. Мајкл Џексон го нарекуваат крал на поп-музиката. Музичките критичари Дејвид Боуви го нарекуваат бог на рок и на поп-музиката. Него, само него, и никој друг.
Од самиот почеток на кариерата, па сѐ до крајот – неговата смрт, беше музички астронаут кој ги надминува границите на познатиот свет. Осцилирајќи меѓу артистичката, авангардна церебралност и универзално певливите поп-ноти, од „Ѕвездена прашина“ до „Црна ѕвезда“, тој го изведуваше саундтракот на неговиот неверојатен живот. За цело време ги исполнуваше нашите животи со необични и креативни мелодии, убедувајќи нѐ дека и сами можеме да ги допреме ѕвездите. Така, оние кои ќе се определеа да го слушаат Мајорот Том, Виткиот Бел Војвода или Зиги Стардас, преку нив влегуваа и во книгите, филмовите, уметноста, културата и вселената. Сите видоа, слушнаа и почувствуваа дека преку секој негов нов албум се изливаа нови трендови во музиката, културата и уметноста, а преку секој негов нов музички хит, тој како музички патријарх и моден папа, истите тие трендови ги цементираше, т.е. обликуваше во глам-рок, панк, електророк или нешто сосема четврто. Тој не само во себе, туку и кај сите со кој соработуваше и сите кои го следеа, го будеше магичниот допир на креацијата. Поради него луѓето стануваа пејачи, композитори, текстописци, глумци, поети, писатели и сликари. Благодарејќи на него, многу се учеа на уметничка и други видови слободи и самоизразување. Со децении ни покажуваше како успешно можеме да ја избегнеме стапицата на зачауреноста и инертноста. Многумина велат дека рокенролот денес во секој поглед веќе е музика која ги истрошила своите потенцијали, но изгледа дека Боуви за тоа никој не го известил, па така тој буквално до последниот ден на неговиот живот нѐ воодушевуваше со оригиналност на своето музичко творештво и способност да ги помести границите на сѐ што ќе допре. Доказ за тоа, меѓудругото, е фактот што откако својот живот го претвори во уметничко дело, истото го направи и со својата смрт. Во последниот видеоспот што го сними (нумерата „Лазар“, од албумот „Црна ѕвезда“), го видовме како лебди над болничката постела и пее дека е во рајот, има лузни што не се гледаат и дека нема што да загуби. Како да ни велеше дека не знае каде оди, но ветува дека ќе биде интересно.
Инаку, роден е како Дејвид Џонс, во 1947 година во Лондон, од мајка Маргарет (Мери), а татко Стентон. Уште од деветтата година ги слушал Фетс Домино, Чак Бери и Литл Ричард. Кога ја чул „Тути Фрути“ од Литл Ричард, воодушевено рекол: „Го слушнав Господ, сега само уште да го видам“. Како на уметник и стилист најмногу влијание имал од Литл Ричард, „Јардбирдс“, „Битлси“, Марк Болан, Џими Хендрикс, Френк Синатра, танци, пантомима, будизам. Соработувал со Џон Ленон (Fame), Фреди Меркјури (Under Pressure), Мик Џегер (Dancing in the Street), а најмногу со Иги Поп, на кого му продуцирал повеќе албуми. Се женел двапати: првиот пат со Енџи, со која го добил синот Данкан, а вториот пат со преубавата Иман, со која ја има ќерката Александра Лекси. Тој е и актер, кој снимил 28 филма и учествувал во безброј театарски претстави. Член е на Рокенрол куќата на славните од 1996 година, добитник на повеќе музички награди „Греми“.
Како и за секоја славна личност, и приказната за Дејвид Боуви има делови кои фрлаат мала сенка врз блескавата ѕвезда. Големата употреба на синтетички дроги, оргиите, опивањата и дилемата дали е бисексуалец или хетеросексуалец, го обележаа успехот на Боуви, колку и акордите на неговите најголеми нумери. Долго се пишуваше за неговата страсна врска со Иги Поп, а некои велат дека имал врска и со Мик Џегер. И покрај сѐ, Дејвид Боуви никогаш не излезе од мода. Беше и остана музички великан, поп-културен маестро и уметнички гениј, од повеќе причини. На почетокот рок, потоа поп-икона. Потоа електроника и соработка со Иги Поп, а во осумдесеттите години враќање кон своето најрокерско издание, но секогаш со примеси на авангарда. Контроверзната и блескава кариера на овој креативен камелеон траеше долго – повеќе од 55 години. И денес некои потполно нови клинци, генерациски многу далеку од златните 70-ти за Боуви од минатиот век, неговиот алтер-его Слабиот Бел Војвода, и понатаму го сметаат како синоним за стил и за став. Иако не умре млад, ниту изврши фамозно рокенрол убиство, успеа да ја преживее средбата очи во очи со својот неверојатен „Man Who Sold the World“.
Мултиинструменталист и пејач со специфичен глас. Шармер, господин, мистик и светец. Комплетен, единствен и посебен уметник. Учевме од неговата уметност, која нѐ надградуваше. Се восхитувавме на неговата инвентивност и оригиналност. Имаме респект кон неговата посебност. Беше неверојатно иновативен и уметнички настроен. Повеќе од сигурно е дека неговата легенда ќе остане постојан дел од популарната култура, а таму некаде во вселенската ширина тој е во друштво на великаните Енди Ворхол и Салвадор Дали, за кои верувам дека и таму се подеднакво ексцентрични и шокантни. Мајоре Том, нека ти биде возбудлива вселенската одисеја која штотуку ја почна. Сигурен сум дека и таму веќе си херој, не за еден ден, туку за сите времиња.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.