Женската ракометна репрезентација на Македонија е аутсајдер во двомечот против Шпанија за пласман на Светското првенство во Србија, следната година, но мотивите не недостасуваат за да се одигра најдобро и да се изненади големиот фаворит. Целта е јасна, да се оствари позитивен резултат барем на првиот натпревар што ќе се игра утре во СРЦ „Кале“, од 20.15 часот.
– Го остваривме сето она што беше замислено на подоготовките. Сите очекуваат Шпанките да имаат лесна задача, но јас можам да ветам дека нашите девојки ќе го остават срцето на терен и сите заедно се надеваме на позитивен резултат. Не можеме да ветиме пласман на СП бидејќи против себе имаме моќна селекција, но ние сигурно нема да излеземе со бело знаме -вели селекторот Гино Стрезовски.
Репрезентацијата претрпе сериозни измени во однос на последното Европско првенство, па во националниот дрес веќе нема да ги гледаме Тања Андреева, Јулија Николиќ и Драгана Пецевска.
Капитенот на нашата национална селекција, Билјана Црвенковска, најави максимална ангажираност на македонските ракометарки на утрешниот натпревар.
– Можам да повторам дека нема да се предадеме. Шпанија е апсолутен фаворит, но никој не е непобедлив, ние знаеме на домашен терен да одиграме страшно добро“ – изјави Црвенковска.
Раководството на Ракометната федерација на Македонија донесе одлука влезот за овој натпревар да биде бесплатен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.