| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера во Охридски народен театар: „Аналфабет“ – комедија која го исмева малограѓанството и злоупотребата на моќ

Охридскиот народен театар, на Светскиот ден на театарот, 27-ми март, во Центарот за култура „Григор Прличев“, вечерва премиерно ќе ја изведе претставата „Аналфабет“, комедија работена по текст на Бранислав Нушиќ, а во режија на младиот Ѓорѓи Ризоски.

Претставата се занимава со луѓето кои црпат голема моќ од функциите на кои се поставени во општеството и ги злоупотребуваат привилегиите за лични интереси, без оглед на последиците кои ги предизвикуваат, вели режисерот Ризоски.

-Се наоѓаат тројца малограѓани кои се пикнати во една канцеларија и на кои им е дадена моќ да прават што сакаат и да решаваат за животите на другите луѓе. Тоа го прават брутално се до крајот кога публиката мисли дека тие ќе бидат разрешени поради катастрофалното однесување, но тие ќе добијат уште поголеми функции и ќе бидат прогласени за вечни – вели режисерот Ризоски.

Темата е исклучително актуелна на овие простори вели актерот Никола Тодороски кој го толкува ликот на Митре Клатипатлак.

Покрај Тодороски, во претставата играат уште Горан Стојаноски (Максим Благадуша), Стрезо Стаматоски (Руменче Вујаклија) и Елизабета Стефановска (Магдалена Лепајкоска Дупева).

Премиерата на „Аналфабет“ вечерва започнува во 20 часот. Во истиот термин љубителите на театарот утре вечер во Центарот за култура ќе можат да ја проследат првата реприза на новата претстава на Охридскиот народен театар.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top