Во новиот број на неделникот Република ќе читате:
250.000 Македонци со порака до Брисел:
Не ја даваме Македонија
Громогласното НЕ ЗА ТИРАНСКАТА ПЛАТФОРМА, кое одекна од грлата на 250.000 Македонци во 43 града низ државата, се слушна до Брисел. Еврокомесарот Јоханес Хан имаше можност и чест лично да го почувствува револтот на народот кон сценариото за распарчување на државата и за бришење на македонскиот идентитет. Иако дипломатот не покажа доблест да го прифати барањето за средба со домаќините, чијашто судбина дојде да ја крои, сепак успеа да го почувствува „топлото“ добредојде и од блиску да ја помириса македонската пролет.
Јоханес Хан избега од народот
Еврокомесарот се исплаши од македонската пролет
Тежок ден со многу, многу срам за Хан. Утрото му почна со недоветниот коментар на „Твитер“ на антимакедонецот Киријакос, а заврши со уште побезобразно соопштение. Хан молкум си ги „собра парталите“ и молчешкум избега од Македонија. Ни остави аманет за некакво почитување на парламентарното мнозинство и Иванов, кој ги откачи за средба, го повика на повторно размислување. Како еден никаквец пред Собранието на времето, и тој се закани дека „часовникот отчукувал“. Бре, бре… А тие, наспроти нас, добија повеќе време, ама пак не се сретнаа со „За заедничка Македонија“. Порано, пак, со Соросовите филијали немаа проблем за средби. На крајот избегаа од новинарите и пуштија бедно соопштение од 20 реда. Се засрами ли Хан од наметнатата глупост и сфати ли дека не може пред камера да го брани неодбранливото? Хартијата трпи сѐ, „Твитер“ уште повеќе. Веројатно, и тој добро си знае, иако никаде не ја споменува, што значи оваа тиранска платформа за Македонија.
Ќе се смогнат ли сили за македонска платформа?
Документ за зачувување на Македонија
Политичката криза има нов правец по наметнувањето на тиранската платформа, а анкетите покажуваат голем расчекор од тоа што е основа за актуелното парламентарно мнозинство и несогласувањето на јавноста со неа. Новите поделби во општеството наметнуваат потреба од заеднички документ со кој не само што ќе се отфрлат актуелните условувања и странски интервенции туку тој ќе значи и вистинска заложба за зачувување на суверенитетот и идентитетот на македонската држава.
Како Еди Рама ги изигра Ахмети и Заев?
Бугарската формула на албанскиот премиер
Кои се вистинските причини на албанскиот премиер Еди Рама за инволвирање во внатрешните работи на Македонија со свикување на лидерите на албанските партии од Македонија во неговиот кабинет под мапата на Голема Албанија? Зошто лидерот на албанските социјалисти, наследници на Енвер Хоџа, влезе во авантурата да стане сеалбански лидер иако знаеше дека за тоа ќе добие прекор од своите западни сојузници? Нешто што се случува интензивно, но во тајност иако западните лидери не сакаат јавно да го кажат тоа за да не се стекне впечаток дека со тоа ја поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ во македонските политички битки. Причините не се ниту искрената грижа на Рама за Албанците во Македонија ниту, пак, братската социјалистичка поврзаност со лидерот на СДСМ кому му ги сервира албанските партии како владини партнери, туку лукративните политички причини кои му носат домашни поени и, пред сѐ, гласови. За планот на Еди Рама да добие општа популарност во неговата земја со „помошта за Албанците во Македонија“ знаат сите албански и македонски политички лидери. Но, за неговиот план со помош на таа популарност да ги добие следните избори во Албанија знаат само службите во неговата земја и луѓето инволвирани во една од најмасовните операции на албанските институции под контрола на Еди Рама.
Интервју: проф. Марија Емилија Кукубајска
Свеста на македонскиот народ не зависи од академските ѕидови
„Пасивноста“ на МАНУ, според многумина македонски и странски академски и други умови, значи прикривање на активното и долгорочно соучесништво во глобалното бришење на границите. Но Македонија, и низ вековите без МАНУ, и со МАНУ денес – ќе го преживее неговото соучесништво во антимакедонските агенди. Колективната и индивидуалната свест на просветлениот македонски народ не зависи (само) од академските ѕидови, особено ако тие немаат мостови кон народот и се сопствена антитеза, вели професорката во пензија, писател и поетеса Марија Емилија Кукубајска во интервју за Република.
Колумна, Ацо Станковски
Супермен
Хероите како Брус Ли, Спајдермен, Бетмен, Чак Норис или Фантом, се суштества што опстојуваат во зоната што се наоѓа во граничните простори меѓу реалноста и фантазијата. Премногу реални за да бидат заробени во светот на фантазијата и премногу нестварни за да бидат реални, овие ликови се постојано во можност да се појават на сцената и да ги средат работите така како што треба да бидат средени во контекстот на општоприфатениот морал и универзалниот бонтон. Всушност, така тоа дејствува во контекстот на нашето пладнување, но кога, навистина, нештата ќе тргнат наопаку, а ние сме заглавени во проблеми до гуша, нив воопшто ги нема.
Истото тоа се случува и со таканаречената „меѓународна“ заедница. Таа бандитска дружина, строго профитерски ориентирана и добро замаскирана со хуманистички образец, ќе наметне авторитет на моќник и на сезнајко и ќе фати да ви го компликува животот. Животот во општеството и во државата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.