Интересно, во Република Македонија почнува превртување на историјата за 180 степени. Со тиранската платформа, која СДСМ сака да ја спроведе во Македонија, се прави преседан од светски размери. Во точката каде што треба да се обвиниме ние самите за некаков геноцид врз Албанците, на вештачки начин ја менуваме историјата од периодот на Втората светска војна.
Во Втората светска војна Македонците застанаа на страната на антифашистичката коалиција борејќи се против фашизмот. Денеска во Македонија има обид антифашистите да бидат обвинети за геноцид извршен врз фашистите. Ова се нема случено никаде досега, вака како што е поставена платформата, би стигнале до заклучок дека Евреите треба да им се извинат на нацистите дека, всушност, тие извршиле геноцид врз нив, а не дека нацистите отвораа концентрациски логори. Македонците треба да им се извинат на Албанците за окупацијата на западна Македонија. Или Франција, Британија и САД треба да ѝ се извинат на нацистичка Германија за окупацијата на Франција, бомбардирањето на Лондон и нападот на Перл Харбор. Мислам дека овој преседан треба да го презентираме пред целата светска јавност, нека знае светот дека во Македонија антифашистите се осудени за геноцид врз фашистите, нека дознаат дека тука се изменуваат историските факти, кои се востановени од целата светска историографија.
Но да се вратиме на домашен терен.
Каде е генералот Тодор Атанасовски да ја осуди тиранската платформа со која борците од НОБ се обвинуваат за геноцид врз Албанците? Дали генералот (по војна) се согласува за вистинските борци од НОБ да бидат обвинети за геноцид? Дали Сојузот на борци, во кој членуваат луѓе родени по војната, се согласуваат борците што ја ослободија оваа земја да бидат обвинети за геноцид и со тоа нивната борба да се прикаже како терор врз нацистите?
За моментот кога избиле немирите на скопското Кале и во штипската касарна каде што македонската војска се побунила под паролата „Не на Срем туку на Солун“, Михајло Апостолски во своето последно сведоштво го кажува следново: „Со Темпо веднаш отидовме во Штип, но раководството не го најдовме на своето место. Го најдовме само командантот, додека политичкиот комесар го најдовме на спиење. Го разбудивме и веднаш го сменивме. Место него, за комесар го поставивме Тошо Атанасовски“. На овој начин Атанасовски од скоевец добил некаква функција, благодарение на спанкото во Штип.
Можам само да замислам што би му кажал денес Апостолски на Атанасовски додека вториов го обвинува првиов за геноцид. Можеби генералот, тој вистинскиот, би го испратил скоевецот на ударна акција на пруга, можеби само саркастично ќе се насмеел гледајќи ги пулените на социјализмот како ги газат илјадниците жртви за слободна Македонија. Пулените на удбашкиот систем, кои веруваа дека сѐ почнува од нив, решија да ја анулираат борбата на илјадници Македонци за време на НОБ.
Од почит кон возраста и искуството што го има Атанасовски не би навлегувал во детали околу неговата борба. Но Атанасовски беше политички активен последниве години. Во 2014 година Атанасовски ги обвини Македонците од Егејска Македонија дека биле „канцер“ на нашето општество споредувајќи ги со големосрпството и со големобугарството од кое страдаше Македонецот. Атанасовски ги спореди Македонците од Егејска Македонија со нашите окупатори преку изјавата: „Македонија поминувала и поминува низ различни амплитуди: големосрпска, големобругарска… Сега повторно сме во една амплитуда. Не знам дали правилно ќе ја наречам, но сега сме во една егеизација на Македонија“. Човекот забележал „егеизација“. Човекот стравувал од Македонците од Егејска Македонија, но не ја увидел опасноста од албанизација на Македонија. Можеби ја увидел, но тогаш генералот водеше политика, во 2016 година Сојузот на борци потпиша платформа со СДСМ „Заедно за слободна Македонија“, при потпишувањето претставникот на Сојузот, Трајко Стаматовски, изјави дека тие за оваа платформа се определиле уште во 1941 година. Изучувајќи ја историјата, ми се отвораат многу дилеми, дали борците од НОБ во 1941 година се определиле за платформа со која тие самите ќе се осудат за геноцид врз Албанците?
На борците им се превртуваат коските во вечните почивалишта гледајќи како се обвинети за геноцид од страна на сегашниве членови на Сојузот, кои за време на војната биле на 15-годишна возраст и како тоа го прават во коалиција со Зоран Заев.
Но прашањето навлегува уште подлабоко. Да го тргнеме за момент настрана периодот на НОБ, да видиме какви импликации има оваа платформа во претходниот период на кој се однесува. Во тиранската платформа се бара донесување резолуција во Собранието на Република Македонија со која ќе се прогласи геноцид извршен врз Албанците на територија на денешна Република Македонија во периодот од 1912 година до 1956 година. Во јавноста се шири тезата дека во периодот од 1912 година, па сѐ до АСНОМ ние ќе треба да ги осудиме Србија и Бугарија за извршен геноцид врз Албанците. Но тука има скриена потточка. За време на српската и на бугарската окупација Македонците биле попишувани како Срби, односно Бугари. Првата потточка е докажување дека тука не постоеле Македонци и дека Албанците се староседелци на овие простори, додека Македонците ја „окупирале“ албанската земја по АСНОМ. Втората потточка е осудување на Македонците за извршен геноцид во целиот период на кој се однесува резолуцијата, преку нивното попишување како Срби, односно Бугари.
Оваа платформа е последниот удар врз Македонија и Македонците и, конечно, затварање на македонското прашање, кое подразбира непостоење на македонска држава и на македонски идентитет. Доколку со векови никој не успеал да го збрише Македонецот, сега гледаме нова стратегија, Македонецот е притиснат самиот да се избрише.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.