| четврток, 6 декември 2018 |

Бесплатно здравство во Европа, а во Македонија?

 Дафина Стојаноска
– пратеничка

Додека луѓево од власта жестоко ја загазија кампањата за референдумот, здравството во Македонија се’уште е во мртва точка.
Сега најважен им е референдумот, за здравјето после ќе мислат. Повторно купуваат во време. Ах, пак ли:„ЌЕ БИДЕ“? До кога?
И, замислете, една од пораките за влез во ЕУ им е „Бесплатно здравство во ЕУ“. Која им е пораката? Дека македонскиот народ, откако ќе гласа ЗА, ќе

може слободно да оди во Европа и бесплатно да се лекува или дека македонскиот народ заслужува бесплатно здравство во сопствената држава. Патем, овие ни бесплатното болничко лекување не го спроведоа, а камо ли целосно бесплатно здравство. Тоа и уште многу други ветувања од областа на здравството во нивната програма останаа само празно слово на хартија.
15 месеци имаа време, барем едно ветување да реализираат. Ништо. Чиста нула. Но, затоа, стигнаа навреме да си поделат и распишат тендерчиња ( пардон – тендеришта ), да направат депонии од болничките кругови и болниците, да го стопираат проектот и кредитот за новиот клинички центар, да опустошат се’ што со тешки маки се успеа барем малку од малку да пркне.
И да, нели докторите си заминуваа од Македонија, нели ВМРО ДПМНЕ ги избрка? Сега, што се случува? Останаа ли во Македонија или уште повеќе си заминуваат? И, не само докторите, туку и средниот медицински персонал. Учат забрзано германски јазик и се подготвуваат за пат.
Ветените 15% покачување на платите на сите здравствени работници во земјава за од 01.01.2018 се сведоа на само 5%, и тоа токму во предвечерјето на референдумот. Падна и по некое вработување – да, но не за било кого, туку само за кадри блиски на директорите и членовите по управните одбори.
Референдумот ќе бидне. Што после него? Дали од 1 – ви октомври здравството во Македонија ( Северна Македонија ) ќе почне конечно да биде квалитетно или северомакедонците ќе можат слободно да си заминат по бесплатни здравствени услуги во ЕУ? Со кои пари, да прашам, да одат на пат

за ЕУ? Со кои покачени плати и пензии? Или почестени ќе бидат само оние кои ќе гласаат ЗА? Или оние кои ќе бидат наградени од нивните газди?

За само 15 месеци владеење здравството во Македонија претрпе таков шок, што ниту ЕУ не може да помогне. Здравството во Македонија бара работа, а не празни ветувања и неспособни кадри, кадри кои гледаат само да си ги донаполнат сопствените џебови.
Ако се оди по утрото, денот одамна ни е јасен. Денот нема да не’ осветли на 1 – ви октомври, за жал. Денот ќе не’ просветли кога оваа владеачка гарнитура ќе увиди дека народот не и’ верува веќе во ништо. Дека народот е преизлажан, преосиромашен и дека е „презаситен“ од се’.
Затоа, мој народе, добро размислете како ќе постапите на 30 – ти септември. Дали ќе гласате за бесплатно здравство во ЕУ или за квалитетно здравство во сопствената држава? Одлуката е само ваша и ничива друга.
П. С. За договорот и името во оваа колумна нема да пишувам, бидејќи само сакав да му посветам внимание на нашето уништено здравство и на бајките за бесплатното здравство. ( Ќе биде… )

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top