д-р Миле Јакимовски
Претседател на Комисијата за земјоделство,
шумарство и водостопанство на ВМРО-ДПМНЕ
Сведоци сме деновиве на една беспоштедна кампања на власта за промена на името преку ветувања на сѐ и сешто, кажувајќи низа невистини во сите области и сфери на нашето живеење.
Самата кампања и методите кои се користат во неа укажуваат на состојбата во која се наоѓаат. Заради прифаќање на мисијата и ветување дека „ќе ја завршат работата“, кутрите се доведоа во состојба, што би кажал нашиот народ, да се фаќаат за гол нож.
Во наредните редови нема да се задржам на небулозните ветувања за бесплатно здравство во цела Европа или за небулозниот апел на премиерот до работодавците да дадат уште по една плата на вработените, за кое нели тој ќе им биде вечно благодарен, па како во старите мафијашки филмови истите ќе можат да му се обратат на „Капото“ кога нешто ќе им биде потребно. Затоа си има институции кои треба да го испитаат случајот и да утврдат не дали има, туку колкава е одговорноста на првиот човек во државата кој јавно повикува на нудење на поткуп. Се надевам дека истите ќе го земат предвид и фактот дека истото лице еднаш е амнестирано за поткуп, вторпат под сомнителни околности е ослободено, а еве веќе се јавува како поттикнувач и јавно повикува за нудење на поткуп на ниво на цела држава.
Во овие редови ќе зборувам за ветувањето во земјоделството кои не се ништо помалку небулозни од претходните и за кои претпоставувам одговорни се луѓето од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и институции кои се занимаваат со таа област.
Кои се тие ветувања?
Отворен пазар во Европската унија и сигурен пласман на нашите производи на пазар од 560 милиони жители.
Врв на непознавање и потценување на интелегенцијата на сите наши граѓани вклучувајќи ги и земјоделците.
Господо од власта, пазарот со Европската унија е отворен уште од 2001 година по потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската унија. Тогаш се потпиша таканаречен договор за асиметрична трговија кој предвидуваше одредено време на усогласување и хармонизирање на нашите царински тарифи за увоз на производи од земјите-членки на ЕУ, додека од наша страна имавме дозволен бесцарински извоз во сите земји со минимални давачки за царинска евиденција.
Како ќе им ги објасните на нашите земјоделци штрајковите на европските земјоделци, кои често можеме да ги видиме во Грција?
За што се бунат тие? Нели имаат сигурен пласман, или баш и не се такви работите како што си ги замислувате вие?
По кој знае кој пат сте ја промашиле темата, или пак си велите добро вака најлесно ќе поминеме народот е прост и неук, ние ќе му ветиме нешто што е веќе завршено, така и нема многу да се замараме со работа, па ќе се посветиме на патувања по светот по разни саеми и симпозиуми и слично и на посериозно спремање и местење на тендери и договори во четири очи, за да не ни се случуваат киксеви како досега набавка на 180 компјутери за 170 вработени, или користење на луксузни возила во Министерството за земјоделство од приватни претпријатија на кои ниту им се знае потеклото ниту пак причината зошто се тука на користење.
Веќе скоро година и половина сте на власт, а сѐ уште не можете ни да допрете до суштинските проблеми, а камоли да ги решавате.
Суштината на проблемите во македонското земјоделство не е во достапноста на одредени пазари кои низ бирократски процедури се решени или ќе се решаваат, туку помеѓу другото е и во конкурентноста на истите тие пазари.
Запомнете го терминот КОНКУРЕНТНОСТ, ќе ви биде потребен, исто како и што е тоа конкурентска предност, вредносен синџир, кои се учесниците во него, кои се силите кои делуваат на конкурентската предност и така натаму и така натаму.
Сте се запрашале ли некогаш зошто македонското вино не се продава толку добро на европскиот пазар како чилеанското вино, иако ние сме од Европа, а тие од Јужна Америка и имаат посебни бариери на европскиот пазар.
Или зошто според скалата на конкурентност која секоја година се објавува на самитот во Давос, Швајцарија, секогаш најконкуретни земји не се најголемите како Русија, Америка, Кина, Индија туку токму малите земји кои по територија, па и по број на жители се слични на Македонија.
Според оваа динамика на состојбите ќе ви требаат уште сто години да ги осознаете работите.
А дотогаш што?
Дотогаш како и досега ќе си ги препишувате мерките од програмата за потикнување на земјоделството и руралниот развој која ја донесе ВМРО-ДПМНЕ, ќе пропаѓа домашниот род, ќе имаме се пониски и пониски цени на откуп на земјоделските производи што ќе доведува до осиромашување на земјоделците, а со тоа и намалување на домашното производство, зголемување на извозот, миграција на работоспособното население кое во моментот за само една година покажува огромен размер спрема некои податоци 4,4% од работоспособното население е иселено.
Не ви помина прикаската дека за се евиновно ВМРО-ДПМНЕ, нема да ви помине и дека само вие гласајте за промена на името ке дојдат чичковците е од ЕУ и ќе тече мед и млеко.
Да не се разбереме погрешно и јас и мојата партија сме за ЕУ и НАТО интеграциите, и нивната помош ни е неопходна, но за да засадиш семе потребна ти е плодна почва, за да имплементираш идеи и мерки и активности потребни ти се квалитетни луѓе од власта но такви моментално во Македонија нема.
Има една група на„ Климоглавци“ кои кој и да дојде од страна само климаат со главите и се смеат како прости ме боже недоветни, а само петнаесетина минути после средбата забораваат и кој дошол и зошто дошол и што им кажал и што ветиле. А нели деновиве е фреквенцијата на ВИП личности голема, па има простор за секакви ветувања и за тие од надвор, а нормално и за граѓаните од внатре. Еуфоријата ќе потрае до 30 Септември а се поставува прашањето што после?
После ќе се соочиме со суровата реалност на празни џебови и стомаци, благодарејки на лажни ветувања, а властодршците како и секогаш ќе имаат една агенда да најдат дежурен виновник за нивната неспособност.
А да а за конкурентноста?
За јакнење на конкуретноста ќе треба да почекаме подобри времиња да се смени власта, сите искрено се надеваме што поскоро бидејки дотичниве си го кажаа своето наместо да се занимаваат со работи за подобрување на општата состојба на земјоделецот отвараат пазари кои веќе се отворени осумнаесет години. Што значи навика, еднаш ќе се навикнеш да отвараш објекти, автопати кој друг ги направил и стануваш зависен од китење со туѓи перја.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.