Театар Комедија премиерно ја изведе претставата „Трудна приказна“, чијшто автор е Благица Секулоска, а режијата е на Лидија Дедовиќ од Црна Гора. Тоа беше повод за да разговаравме со Секулоска за корените, традицијата, враќањето кон природата, но и за тоа како е да се биде жена денес.
Во претставата на Секулоска хероини од три позначајни македонски пиеси во 20 век бегаат во комедија која е сместена во 2032 година. Тие сакаат промени, сакаат да станат мајки. Мажите, нивните херои, одат по нив во новиот жанр за да ги вратат назад. Претставата се обидува да одговори на најважните прашања – дали иднината е во криза, дали светот ќе стане клиника за вештачкото во секоја смисла на зборот, дали големите промени, навистина, може да се случат?
– Денес е најтешко да се биде човек – да умееш да љубиш без да бараш возврат, во секого да умееш да се видиш себеси, да помагаш, да даваш, да не судиш, да простуваш, да споделуваш, да се радуваш без причина, за секој ден поминат да кажеш благодарам… А, да се биде жена за мене е најголемата привилегија – вели Секулоска во интервјуто за „Република“.
Од кои македонски драми ја црпеше идејата за текстот на „Трудна приказна“?
СЕКУЛОСКА: „Трудна приказна” е базирана врз „Македонска крвава свадба“ – Војдан Чернодрински, „Бегалка/Ленче Кумановче“ – Васил Иљоски и „Црнила“ – Коле Чашуле. Би сакала да спомнам дека, сепак, се работи за мотиви, т.е. за пречитување и на некаков начин толкување на изворните драмски текстови или, поточно, мене како автор најмногу ме заинтригира сличноста на драмската ситуација, а таа е – хероини кои се во напнат љубовен триаголник. Секако, тематиката на секој од овие текстови третира поинаков проблем, што беше дополнително интересно за мене бидејќи пред мене се отворија различни историски, патријархални, политички, технолошки и уште милион други контексти кои со текот на времето се менувале, модифицирале, а некои од нив, за жал, дури и стигнале до степен на длабока дегенерација. Така што „Трудна приказна’’ е обид да го прикаже тој некаков континуитет или дисконтинуитет во нашето постоење, но и во самото драмско писмо – македонската драматургија.
Кои се хероините во драмата?
СЕКУЛОСКА: Главните хероини, секако, се носечките женски ликови од истоимените драмски текстови Цвета („Македонска крвава свадба“), Ленче („Бегалка“), Неда („Црнила„), а како репрезент на денешницата или поточно блиската иднина (дејството овој пат е сместено во 2032 година) е докторката, односно д-р Ката, која е главна на клиниката за ин драмско оплодување. Д-р Ката е олицетворение на сите постигнувања на една успешна жена од иднината и таа, всушност, е показателот на нашето колективно „достигнување и развој“. Средбата на автентичните женски ликови со д-р Ката, всушност, е тој судир или средба на минатото со иднината.
Дали „Трудна приказна” исклучиво ги третира само женските карактери?
СЕКУЛОСКА: Секако дека не, немаше да биде интересно ако паричката имаше само една страна и токму затоа и во мојот текст се појавуваат и сите машки карактери од изворните драмски писма – Осман и Спасе, Бошко и Досе, Христов и Иван. Ним им ја давам можноста на едно драмско разубедување – што, всушност, значи дека тие се појавуваат за да се обидат да ги разубедат хероините да не менуваат жанр, т.е. да се вратат во нивните оригинални драми, а некои од нив овој пат и самите ќе донесат поинакви одлуки за сопственото постоење. Впрочем, јас максимално го користам моето право како автор да си поигрувам со постмодерната, па дури и со самокоментирање на она што овој пат го пишував – и морам да ви признаам дека во целост уживав.
Во ова време може ли да смогнеме сили и да се вратиме кон корените, кон природата и кон традицијата?
СЕКУЛОСКА: Ова време, за жал, е време на кое намерно му ги имаме залепено најлошите можни епитети – го викаме стресно, го викаме напнато, го викаме брзо, го викаме братоубиствено, го викаме тешко. А, времето си е време, не се променило од почетокот, па до денес, исто тече, исто боли, исто радува… Ама ние, ние сме се промениле – нам животот сега ни се темели на стрес, на омраза, на завидливост, на нема доволно, на сакам уште и уште… Ние сме заборавиле кога се будиме да го поздравиме сонцето, ние сме заборавиле да одиме боси по земјата, ние веќе ниту садиме, ниту вадиме, ниту корен, ниту род знаеме… Оние, големите продавачи на ветар и магла успеаја да ни го продадат белегот на ова време и да нѐ натераат да заборавиме како се живеело пред само 50, 100 години, ама тоа чувство дека погрешивме при овој пазар, тоа чувство дека не треба вака да биде, мислам дека тлее во секој од нас и тоа е она кое треба да го разбудиме и да го освестиме, оти јас знам дека секој од нас знае и умее да препознае дека ние го направивме ова време да биде бреме и дека можеме само ако сакаме сѐ да поправиме.
Колку е важно да се продолжат коренот и родот?
СЕКУЛОСКА: Колку е важно куќа да има темел, или може ли автомобил да вози без мотор, или крава да дава млеко без виме, или птица да лета без крилја? Исто е. Суштински е важно да знаеме кои сме, од каде сме, шчо направивме и шчо ќе направиме за однапред. Оти инаку само вејка на ветрот ќе останеме и како муви без глава (без име) ниту ќе одиме ниту ќе стигнеме некаде – оти името ти е дадено да те означит, да те белжит – може не е сѐ, ама и ти без него не си цел (Цвета – „Трудна приказна”). Нема растење без корен, нема живот без корен, нема ни род ни плод. Треба да го чуваме коренот за да може да ни роди постоење.
Тешко ли е денес да се биде жена?
СЕКУЛОСКА: Денес е најтешко да се биде човек – да умееш да љубиш без да бараш возврат, во секого да умееш да се видиш себеси, да помагаш, да даваш, да не судиш, да простуваш, да споделуваш, да се радуваш без причина, за секој ден поминат да кажеш благодарам… А, да се биде жена за мене е најголемата привилегија – оти таа алхемија во која семе во тебе ’рти, расте, а ти на крајот го раѓаш е чудо без кое животот би згаснал. И згора на сѐ, со векови да си бил обесправуван, потценет, угнетуван е најголемата можна неправда и затоа и светот и векот ни се вакви, и време е на жената да ѝ ги вратиме и моќта и круната – за на сите да ни е подобро – оти таа(вистинската жена) нема ниту да двои ниту да дели, туку подеднакво ќе се грижи и ќе го сака целото човештво.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
(интервјуто е објавено во 232. број на неделникот Република кој излезе во печат на 10.02.2017 година)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.