Од неодамна сте вработени во Театар Комедија како драматург. Што значи вработувањето на драматург во еден театар, со оглед на тоа дека некои од театрите првпат по 30 години вработија драматурзи?
СЕКУЛОСКА: Што значи за еден фудбалски клуб кондицискиот тренер и дали би го имале истиот квалитет на игра ако главниот тренер треба самиот да ги држи и кодициските тренинзи? Дали ако главниот готвач треба да си биде и асистент и келнер и доставувач на крај ќе го изнесе истиот квалитет на готов производ? Се сомневам. Не поради неговиот неквалитет (готвачот/тренерот), туку поради фактот дека се работи за тимска игра во која се напредува само ако секое делче (поединец) е на своето место и е незаменлив дел од целото. Драматургот и театарот отсекогаш биле во нераскинлива врска, само што физички се немаа сретнато овие триесет години. Зошто? Си дозволивме да оставаме празни страници во македонската култура, да има алки што недостигаат, место да има многу и различни млади автори, место да стимулираме автентична мисла со која се докажува нашето постоење, место театрите да им бидат дом на драматурзите, вратите во нив само инцидентно ќе им беа подотворени? Навистина, не разбирам. Знам само дека сега, конечно, драматурзите се повторно добредојдени дома и дека и срцето и душата и мозокот се на едно место. За нас самите значи дека ќе имаме можност да го работиме тоа за што сме учеле, дека нашиот потенцијал за првпат ќе биде искористен, а тоа само по себе ќе донесе засилување на тимот како целина. А тоа што мојот тим е Театар Комедија за мене е идентично како можност да играм во Реал кога Мурињо беше тренер.
СПАСОВ: Последниовбран вработувања низ театарските куќи во Македонија ќе внесе нова творечка енергија во нашиот театарски свет ако се земе предвид дека во некои театри донеодамна и воопшто немаше лице што би се грижело за преобликување, адаптирање или за преведување текстови, истражување документација околу нив. Од професионалните ангажмани како драматург би го издвоил искуството од Словенија кадешто, по принципот на германската драматургија, е нужен член од семејството на татарот. Најчесто режисерите формираат свој тим од соработници, костимограф, сценограф, автор на музика и драматург. Таквите тимови составени од ист или сличен творечки сензибилитет развиваат долгорочна соработка и може да функционираат во една институција, но и надвор од нејзините рамки. Овој пат таков тим создаваат нашите театарски куќи. Овој потег на нашето Министерство за култура е,несомнено, дел од една долгорочна стратегија за развој на културните институции, нешто што мошне брзо ќе даде плод, ашто се надевам дека ќе продолжи и во тие сегменти што недостигаат. Ова е трет месец како сум на палубата на нашиот театар. Пловиме со полни едра и имаме тим предводен од капетан со јасна цел. Насетувам успешна пловидба.
Македонските режисери велат дека многу би сакале да режираатмакедонски текстови. Дали вие,драматурзите,љубоморно ги чувате текстовите во компјутер или, пак, во прашање е политика на театарот што ќе постави на репертоарот?
СЕКУЛОСКА: Факт е дека и македонските режисери и македонските драмски писатели сакаат да соработуваат, факт е и дека тоа треба да зачести, за општо добро. Но, факт е и дека кога триесет години си непожелен, почнуваш да се сомневаш дали воопшто има смисла да пишуваш драмски текстови на кои никогаш, и покрај толку големиот недостиг, не им доаѓа редот за поставување. Драматурзите беа присилени да бидат копирајтери, да бидат концепционери, да не се занимаваат со својата професија, да се оддалечат од пишувањето за театар затоа што им стана бесмислен обидот да стојат пред затворени врати. Ова го кажувам не како изговор за да не се пишува, јас никогаш и не сум престанала да пишувам во сите форми, но сепак треба и да се соочиме со тоа дека драмскиот елемент на македонската приказна беше непожелен/вишок. Сега сметам дека е дојдено времето да ја промениме таа перцепција, театрите треба и мора да го мотивираат „заспаниот״ дел од домашните драмски автори. Затоа ги повикувам сите свои колеги, па и тие што не се тоа, а знаат да напишат/напишале драма, уште подобро ако тоа е комедија, да го направат тоа. Јас и од мое и од име на Дарко, а верувам и од име на сите нововработени драматурзи, ветувам дека ќе ја прочитаме и дека би биле најсреќни на нашиот репертоар сè почесто да стојат имиња на наши автори, во комбинација со наши режисери.
СПАСОВ: Дали еден драмски автор/драматург ќе се реализира како успешен автор не зависи само од творечкиот набој на авторот и од оригиналноста на неговата работа туку и од репертоарската политика на театрите и од острото око на режисерите, првите „гледачи“ на евентуалната инсценација. Не верувам дека постои драматург што не сонува успешна изведба на свое дело. Инаку, за пофалба е и тоа што неколку театри годинава ја почнаа со подготовки на текстови од македонски автори. Во нашиот театар режисерот БојанТрифуновски го поставува текстот „Нешто пропуштаме“ од драматургот од Театарот за деца и за младинци Горјан Милошевски, а во Драмски театар режисерот Златко Славенски го поставува текстот „Безљубни“ од Секулоска. Таквата тенденција ќе продолжи и нема стихијна природа.
Што значи вработен драматург во театар? Дали е тоа гаранција дека неговите дела ќе се изведуваат на сцената на театарот?
СЕКУЛОСКА: Драматург е тој што треба да чита нови и свежи автори, драматург е тој што треба да пречитува и да открива нови работи во старите текстови, драматург е тој што му помага на режисерот на најлесен начин да стигне до неговата замислена цел (еден вид ГПС) драматургот е тој што се грижи да ѝ се пренесе на публиката јасна порака (режисерската визија), драматургот е тука да внимава на обединувањето на сите елементи и симболи во една единствена приказна, драматургот му помага на уметничкиот директор во создавањето на репертоарот, драматургот е мостот меѓу авторот и режисерот, драматургот се грижи и за визијата и за мисијата на театарот и долгорочно и краткорочно, драматургот е задолжен за афирмирање на домашната култура и јазик… Но работата како драматург воопшто не е гаранција дека неговите дела ќе бидат поставени затоа што не секој драматург е и драмски писател, исто како што и не секој драмски писател може да работи како драматург…
СПАСОВ: Драматургот е,всушност,првиот соработник на режисерот, неодминлив советник на уметничкиот директор околу изборот на нови драмски текстови, и е внатрешен критичар при подготовките на едно дело. Драматурзите внесуваат критичка лиценцна поетика во творечкиот процес и се грижат за издаваштвото, а заедно со лекторите го афирмираат театарот како браник на македонскиот литературен јазик. Не постои гаранција дека вработувањето во една театарска куќа значи и поставување на твоите текстови на сцената на матичниот театар или во театрите општо. Познавам голем број драматурзи вработени во театар, кои имаат по педесетина успешни проекти зад себе и ниту еден исцениран драмски текст, како и многумина автори на драмски текстови што со години се играат на репертоар, а чијашто основна професија не е драматургијата.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.