| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на „Трудна приказна“, претстава за враќање кон традицијата, во Театар Комедиија

- Темата на проектот е кршење на традицијата и овој текст е дел од тој проект. Мислиме дека традицијата како една од основните теми во театарот може да ја разгледаме на еден современ, постмодерен, свеж начин и со млади авторски екипи и актери да стигнеме до очекувани резулати кои ќе го збогатат нашиот репертоар - изјави Цветановски

Театар Комедија утревечер, на 31 јануари, во 20 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Трудна приказна“ по текст на драматургот Благица Секулоска, а во режија на Лидија Дедовиќ од Црна Гора.

Според Андреј Цветановски, уметничкиот директор на Театар Комедија, „Трудна приказна“ е поддржана од Министерството за култура и е  дел од проект почнат во 2016 година со Црна Гора.

– Темата на проектот е кршење на традицијата и овој текст е дел од тој проект. Мислиме дека традицијата како една од основните теми во театарот може да ја разгледаме на еден современ, постмодерен, свеж начин и со млади авторски екипи и актери да стигнеме до очекувани резулати кои ќе го збогатат нашиот репертоар – изјави Цветановски.

trudna prikazna1

Дедовиќ, која е уметничка директорка на театарот во Цетиње, истакна дека прва и единствена тема која сакале да ја актуализираат е традицијата и модерното време. Според неа, исто така важно било и соочување со други важни теми, како младиот човек, жена, проблемот на раѓање, технолошки манипулации, политичка бесмисла…

– Хероини од три позначајни македонски пиеси од 20 век бегаат во комедија сместена во 2032 година. Тие сакаат промени, сакаат да станат мајки. Мажите, нивните херои, одат по нив во новиот жанр за да ги вратат назад. Со театарот поставуваме и се обидуваме да одговориме заедно со публиката на најважните прашања со кои ќе нè однесат кон подобар човек, подобро општество и среќа. Дали иднината е во криза, дали светот ќе стане клиника за вештачкото во секоја смисла на зборот, па дури и за драмското оплодување? Дали големите промени се во облаците или навистина може да ни се случат? Ако се можни, промените ќе ни се случат само доколку ги направиме ние самите, а не некој друг, затоа што секогаш другите ни се виновни. Напротив – сите ние сме виновни за тоа што минатото станува подобро од сегашноста. Сите ние имаме обврска да работиме за иднина која нема да биде голтната од мас-технологијата, лагите и брзиот автоматски живот. Иднината е во природата, работата, мирот, среќата и во раѓањето – рече Дедовиќ.

trudna prikazna2

Како дел од овој проект е и претставата „Нок“ од Александар Радуновиќ Попај, во режија на Андреј Цветановски а во продукција на Зетски Дом – Цетиње, како и размена на гостувања на двете претстави.

Благица Секулоска нагласи дека овој текст е препрочитување на традицијата и на македонската драматургија.

– Успеав да најдам женски карактери кои се во слична или идентична ситауција. Секоја од овие жени-Ленче, Неда и Цвета е во љубовен триаголник во оригиналните драми. И како потенцијален проблем во тие драми, од тоа што имаат проблеми со општествено уредување и традиција не можат да затруднат – рече Секуловска.

Таа рече дека ја искористила постмодерната, ги преземала овие драмски ликови и ги ставила во поинаков контекст, во 2032 година. Нагласи дека на ликовите им дава можност да се ослободат од стегите на традицијата и да забременат.

trudna prikazna3

– За мене клучната порака беше – да се вратиме кон традицијата, да ги преиспитаме вредностите, да се вратиме кон природата и да го продолжуваме коренот и родот, рече Секулоска.

Секулоска објасни дека идејата на текстот „Трудна приказна“ е ревидирање или преиспитување на традицијата, како на онаа која е создадена во оригиналните текстови („Македонска крвава свадба“, „Бегалка“ и „Црнилa“), така и на онаа другата која ја живееле нејзините автори кои имале потреба да артикулираат одреден став кон таа стварност.

– „Трудна приказна“ е коментар на ова време и го прикажува континуитетот или дисконтинуитетот на сите претходно споменати нивоа. Низ „Трудна приказна“ ние можеме да ја видиме неверојатната брзина со која се имаат променето цели системи (политички, вредносни, морални, тематски), а воедно можеме да видиме и во кој правец се движи човештвото – изјави Секулоска.

trudna prikazna4

Во претставата играат Јелена Жугиќ, Елизабета Стефановска, Ева Скендеровска, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски-Тино, Атанас Атанасовски, Жарко Димоски, Иле Илиоски, Столе Мицов и Едмонд Сотир. Костимографијата е на Марта Дојчиновска, музиката на Димитар Андоновски, а сценографијата на Милан Несторов, Сергеј Светозарев и Лидија Дедовиќ.

Цветановски на денешната прес-конференција  ја соопшти програмата која ќе ја работат годинава, односно класици на комедијата. „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир е предвидена за 27 март со што ќе се одбележи петтиот роденден на Театар Комедија, „Човек, ѕвер и крепост“ во режија на Нени Делместре, на авторот Луиџи Пирандело и „Микс Чехов“ во режија на младите Димче Николовски и Теа Беговска од Драмски театар и „Развратникот“ од Ерих Емануел Шмит, а во режија на Здравко Митков.

Театар комедија предвидено е годинава да учествува на два фестивали со „Случајот Хармс“, на „Нитра фест“ во Нитра, Словачка и на „Сараевска зима“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top