Александар Лепавцов, Тодор Богданов, Милан Ставрев и Пандил Kостурски, не му биле по волја на тогашниот претседател на државата Kиро Глигоров меѓу нив да изврши избор на мандатарот на првата македонска плуралистичка влада по изборите во ноември 1990 година, пишува Дневник.
„На Глигоров не му се допаднал ниту еден од предложените кандидати, а таков став имале и тогашните раководства на СKМ-ПДП (сегашен СДСМ) и на ПДП иако претходно бил направен меѓупартиски договор со кој ВМРО-ДПМНЕ го доби правото да го предложи мандатарот за новата влада. Истовремено, во целата македонска јавност, со исклучок на реакциите на ВМРО- ДПМНЕ, воопшто немаше реакции против ваквата постапка на шефот на државата во смисла дека неоправдано одзема право на партијата да го определи мандатарот“, пишува весникот.
Инаку, изборот на прв човек на владата тогаш се врши врз основа на уставни амандмани на Уставот на СРМ од 1974 година. Со нив, се установува и функцијата претседател на СРМ и тој го добива правото „предлага кандидат за претседател на Владата“ (амандман 75, став 3, точка 2). Терминолошки тоа не е исто што и доверување мандат за составување влада како што предвидува сегашниот Устав, но и мандаторот на сегашниот претседател и предложениот кандидат на тогашниот претседател, во крајна линија се појавуваат во Собранието кое може, но и не мора да го изгласа предлогот, па суштината во основа е иста.
Барање нови кандидати
За секој одделен кандидат, чија задача беше да ја состават тогашната експертска влада, било предложено и образложение од кое се гледало дека ги исполнуваат условите за вака одговорна функција. Така, за Александар Лепавцов било наведено дека е доктор по технички науки, градежен инженер и автор на 65 научни труда. За Тодор Богранов дека завршил Електротехнички факултет во Загреб, каде што и работел одредено време, а потоа во ЕСМ и дека е експерт на ООН. Милан Ставрев бил девизен инспектор во Народна банка на РМ и со завршен Економски факултет, а Пандил Kостурски бил градежен инженер. Предлозите биле обелоденети на 6 февруари 1991 година, но потоа се видело дека тогашниот шеф на државата не прифаќа ниту една од предложените личности, стои во текстот на весникот.
Инаку, тогаш веќе бил и пречекорен уставниот рок за определување на мандатарот за нова влада, кој бил предвиден за 3 февруари. Од кабинетот на Глигоров тогаш објасниле дека тоа се должело на доцнењето на изборот на потпретседател на претседателот на државата, но дека консултациите веќе почнале. Во тој период како можни мандатари се спомнувале имињата на Никола Kљусев, Александар Лепавцов, Љубисав Иванов – Ѕинго, Илија Филиповски и Јован Андонов.
Дека нешто не е во ред околу определувањето на мандатарот за новата владата од листата што ја предложила ВМРО-ДПМНЕ се покажува дури по 17 дена. Но, тоа не се виде од некоја јавна изјава на Глигоров, туку од постапките на ВМРО-ДПМНЕ. Имено, во тогашниот весник „Нова Македонија“ на 24 февруари се појави информацијата во која, со повикување на неофицијални извори, се наведува дека Глигоров не прифатил ниту еден од предложените кандидати.
„Четворицата кандидати што оваа партија ги понуди, се чини, не ги задоволуваат строгите критериуми на претседателот Глигоров и тој не прифати ниту еден од нив. Поради тоа, изборот на претседателот и на членовите на владата е одложен. Дознаваме дека на седницата на УО на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде донесен заклучок дали ова партија ќе остане на својот првобитен предлог и и натаму ќе инсистира на своите четворица предложени кандидати или, пак, ќе понуди нови. Се слуша дека ако се побара нов кандидат, тоа може да биде Тихомир Јовановски, член на СДП, со кого челниците на ВМРО-ДПМНЕ воделе разговори“, објави тогаш овој весник.
Веќе утредента од страна на ВМРО-ДПМНЕ, по одржаното партиско Собрание, беше соопштено дека е заклучено листата на кандидати за функција премиер веќе да не биде проширувана заради тоа што тоа би водело кон неоправдана бесконечност.
Молк во јавноста
„Kако единствена можна личност го предлагаме д-р Александар Лепавцов. Свој кандидат може да предложи и Глигоров, но во тој случај ставот на ВМРО-ДПМНЕ е да не учествува со свои кандидати во распределбата на ресорските места во новата влада. ВМРО-ДПМНЕ смета дека секакво учество во разговорите и договорите околу тоа прашање би била само нова измама, ново одбегнување на меѓупартиските договори за што придонесува тврдокорниот и непопустливиот став на СKМ-ПДП, која уште од почеток го протежира ставот за „стручност“ и „подобност“ на клучните ресорски места. Тоа по оценка на ВМРО-ДПМНЕ оди во прилог на асиметрична федеративна идеја што во Македонија ја заговараат одделни странски партии“, се наведува во тогашното партиско соопштение.
И по овој партиски став во македонската јавност владее целосен молк за одлуката на Глигоров и неговото неприфаќање на предложените кандидати. Заради тоа, ВМРО-ДПМНЕ повторно на 6 март издава партиско соопштение во кое потенцира дека се случува „двомесечната парализа во Македонија“.
„Во неа пред очите на македонскиот народ се прекршени сите рокови и законски одредби за конституирање влада и натаму останува без одговор: кој и во чие име го прави ова“, се потенцира во соопштението.
По ова, на 7 март веќе било познато името на новиот мандатар кој го определил Kиро Глигоров, а изборот паднал на Никола Kљусев, дописен член на МАНУ, но чие име не било на листата на четворицата кандидати предложени од ВМРО-ДПМНЕ. Предлогот пред пратениците го образложил Глигоров, кој објаснил дека Kљусев е човек со „високо признание во нашето општество и е способен да состави влада на експерти и тоа гарантира успешен пристап кон разрешување на сите проблеми пред кои се наоѓа РМ“.
„Се обратив до раководството на ВМРО-ДПМНЕ и тие ми го предложија г. Александар Лепавцов. За тој предлог извршив консултации со сите партии и не добив согласност за таа кандидатура, а моето мислење се совпаѓаше со мислењето на консултираните партии“, изјави во Собранието Глигоров, отфрлајќи го на тој начин првичниот предлог на победничката партијата на изборите од 1990 година.
Тој потсети дека на минатата седница на Собранието беше донесен заклучок ВМРО-ДПМНЕ да се обиде да предложи нов кандидат, со што би се запазило правото на партијата да предложи мандатар. Меѓутоа, тој не добил нов предлог, туку потсетување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ дека е обврзано да го почитува ставот на нивното Собрание, кое настојуваше да се остане само на предлогот за Лепавцов.
Во извештајот на „Нова Македонија“ од собраниската седница е наведено дека другите партии не сакале да се согласат, а Глигоров веќе не сакал да дозволи Македонија да остане без нова влада.
Љубчо Георгиевски: Драстично кршење на Уставот
Тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски завчера изјави дека тогаш се случило драстично прекршување на Уставот.
–Деновиве се спомнува само примерот кога претседателот Kиро Глигоров двапати по ред им го даде мандатот на СДСМ. Не знам зошто се премолчува уште подрастичниот пример на кршење на Уставот од 1990 кога Kиро Глигоров воопшто не го ни даде мандатот на победничката партија. Имено, тој побара четири кандидати за премиери, речиси два месеца ја блокира Македонија и на крајот мандатот му го даде на господинот Никола Kљусев. Така што не можам да не констатирам дека сите можни прекрашувања на Уставот ги има промовирано СДСМ. Пишувачите на Уставот и недореченоста на член 90, исто така, е од СДСМ, дали од неписменост или е подметната за игри во времето кога беа мнозинство, напиша Георгиевски на својот фејсбук-профил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.