Вообичаено, сите сказни, приказни и бајки од нашето детство и младоста, без разлика дали беа од браќата Грим или од Андерсон, почнуваа на ист начин: си била една убава принцеза…. или си бил еден храбар принц и….. така натаму. Бајката за која денеска ќе пишувам оди малку поинаку: Беше еднаш еден генијалец, Брајан Епштајн, кој од Ливерпул изнесе четири тинејџери во светот… и ги внесе во нашите животи. Погодувате, се работи за ливерпулските „бубачки“ – Битлси! Инаку, да се пишува за нив е многу тешко, но, сепак, предизвикот е поголем од таа тешкотија. Тие се творци на популарната рок и поп-музика и култура од 60-тите години на 20 век. Музиката што ја компонираа и изведуваа и новата културна парадигма што ја создадоа не беа само потрошувачки категории. Напротив, тие беа врвни уметнички форми исполнети со многубројни вредности и богата содржина достојни за почит. Овие млади креативни тинејџери од Ливерпул се творци на феноменот „битлманија“, феномен кој навидум е музички, но во основата е културен, во изразот уметнички, а по опфат, обем и карактер општествен. Најпрвин го изумија, а со времето и популаризираа рокенрол-звукот на две електрични гитари. Додадоа суштинска алка на синџирот на музичката експресија, така што го сменија дотогашниот концепт на музика. Со тој звук создаваа песни и музика со која го урнаа ѕидот помеѓу музиката за млади и музиката за возрасни, што беше клучно достигнување во 60-тите години од минатиот век, па така потоа сѐ почна да звучи и да изгледа поинаку. Во крајниот исход тоа беше вистинско ослободување на личноста. Денес никој не може да го врати назад часовникот на индивидуалноста и слободата да биде тоа што е. Во таа смисла ова беше револуција во човековата историја, лична на индивидуален план, културна за општествената заедница, револуција која беше многу подлабока од сите други политички револуции познати дотогаш. Да се присетиме само на годините на бунтот на „децата на цвеќето“, кога цветаа хипи и афрофризури, годините на рокенрол и мјузиклот „Коса“, и на идолите на младите кои маршираа низ улиците и плоштадите (Мартин Лутер Кинг – „Јас имам сон“), но и тие кои вистински дигаа револуции (Че Гевара – Вистинскиот револуционер секогаш се раководи со огромни чувства на љубов). А, да не заборавиме дека тие беа идоли и на Битлси. И што можеа да направат овие музички, и не само музички, генијалци од Ливерпул?
Тие, дефинитивно, ги запалија 60-тите години на 20 век. На младите, и не само на нив, им дадоа веселба, задоволство и возбуда. Но, тие станаа и симболи за нешто многу поважно, симболи за младешка непослушност и вредно спротивставување на зголемената задушливост и хипокризија на материјалистичката култура. Битлси укажуваа на апсурдите на општеството. Но, не се задоволуваа само со тоа. Не застануваа само на ниво на укажување. Активно се спротивставуваа на лицемерството и на алчноста. Не престанаа да бараат коренити промени. На крајот беа доживеани како вистинска промена, предвесник на сите идни музички, културни и општествени промени. На младите тинејџери им ги отвораа срцата и душите, а црниот неизвесен свет им го претвораа во прекрасно и смислено место, откривајќи им целосен спектар на емоции кои носеа голема надеж, уште поголеми соништа и немерлива инспирација за активност и креативно творештво. На тој план тие никогаш не изневерија (Don’t Let Me Down – Не ме изневерувај). Со еден збор, тие направија вистинска разлика во нашите животи. Ни докажаа и покажаа дека не сме безнадежно беспомошни, дека не треба да се помируваме со општествената маргинализираност и дека очајот, немоќта и бесперспективноста можеме и мораме да ги претвориме во голема активирачка енергија и заедничка синергија, која рушејќи ги старите догми и конзервативните правила, ќе создаде нови вредности за кои вреди да се бориме, избориме и да ги живееме.
Имаа визија за иднината. Инспирацијата за создавање им беше непресушна, а ентузијазмот немерлив. За сето тоа нивните пораки беа многу едноставни: Ако имате талент и енергија, можете да го победите системот. Само така можете од општествената заднина да истрчате на општественото игралиште и да го одиграте својот натпревар на животот. Како го правеа тоа? Па, тие не создаваа само музика. Даваа интервјуа, при што „сликаа“ со зборови. Маршираа низ улиците и јавно говореа за сѐ. Кога Џон, Пол, Џорџ и Ринго извикаа „Help! I need somebody“ (Помош! Потребен ми е некој), младите сфатија дека на секоја смртна душа ѝ се потребни љубов, пријателство и искрени чувства. Така тие им пркосеа на конвенциите, снимаа филмови, се бореа за цели во кои веруваа, провоцираа дијалог и дебата, и го насочуваа вниманието кон неконвенционалноста. Можеби некогаш се однесуваа неразумно, но тоа беше резултат на нивниот нескротлив бунтовнички дух. Вистински бунтовнички класици! Сепак, беа и останаа (најверојатно за секогаш) музичари, поети, творци, изведувачи, кои со топлина ја допреа нашата душа, ги растреперија нашите срца, се грижеа за светот. Многу млади, а имаа свој цврст став. Со него ја создадоа и претставуваа новата култура на младите, која денес е доминантна. За нив младите отсекогаш биле мнозинска група во светот, врз која тие вршеа позитивно влијание, говореа во нивно име, но и заедно со нив поставуваа нови вредности. Таа култура и денес се негува, тие вредности и денес се живеат. Направија сѐ што е во нивна моќ никогаш да не останеме без нивен стих, збор, поезија, проза, мелодија, акорд или песна. Целото творештво на Битлси е најдобар доказ за докажување на тезата дека рокот е уметност. Имињата на четворицата не случајно во 2004 година се најдоа на листата на 50 бесмртни’ на списанието „Ролинг стон“ по повод одбележувањето педесет години од рокенролот. Сите ја признаваат генијалноста на тандемот Ленон – Макартни. Инаку, сета нивна умешност се состои во асимилирањето и синтезата на мноштвото постојни музички шеми, преку кои тие творејќи создаваа нови вредности. Тие први ја увидоа неограничената можност на музичката надградба, на рокенролот, така што, условно речено, една обична музичка форма директно ја трансформираа во уметност. Притоа успеаја сопствената индивидуалност да ја подредат на заедничкиот израз. Влијанието на ливерпулската четворка е толку големо што тие ги вообличија патоказите на цела една генерација во Европа и во САД. Нивната музика ѝ даде посебна моќ на една нова култура, и тоа во мера во која истата беше сѐ поблиску до академското поимање на уметноста. Тие беа пионери на рок- и поп-авангардата од 60-тите години на 20 век. Сето тоа заедно е нивната филозофија, која се темели на мотото: „Верувај. Мисли. Дејствувај“. Посакуваа и се бореа за свет во кој единствен пасош е срцето. Тоа е филозофија јака и силна како филозофијата на Бертранд Расел. Сето тоа што го смислија, направија и пласираа на младите, но и на возрасните, е нивниот извонреден перформанс, оригинален и неповторлив, како генијалноста на Ајнштајн. Генијалци трајно посветени на идеите за мир, заедништво, праведност, слобода и демократија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.