Само политички лаик деновиве може да помисли дека формирањето нова влада може да ја врати рамнотежата во политиката, бизнисот и во животот која со помали потреси Македонија ја живееше до ноември 2010 година кога практично почна последната од многуте македонски политички кризи. Шансите по изборите и мандатот што го доби ВМРО-ДПМНЕ за да формира влада што ќе ја однесе земјата во мирни води се минимални, речиси никакви. Преседаните во начинот на кој функционираа политичките партии во последните шест години поставија урнек како ќе се однесуваат и во иднина опозицијата и власта без разлика на нивната моментална ситуација.
Влада ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ
Доколку двете најголеми партии во македонскиот и во албанскиот етнички блок останат на договорот од мај 2007 година и продолжат да ја водат државата, дури и со двајцата пратеници на ДПА, кои би можеле да ја зајакнат парламентарната опозиција, не можат да се надеваат на мирно политичко море.
Од една страна, за очекување е дека опозицијата окуражена од зголемениот број гласови освоени на парламентарните избори ќе продолжи со блокадата на институциите и на активностите на владата, а, од друга страна, пред сѐ, ДУИ ќе има сериозен проблем да се фокусира на владините приоритети. Радикализираното албанско гласачко тело, на кое Заев им ги отвори очите, нема да му дозволи на Ахмети да продолжи по старо. Лидерот на ДУИ ќе мора постојано да им докажува на Албанците дека тој е поголем папа од папата, односно дека е поголем Албанец од Заев, и со цел да покаже дека навистина се бори за албанската кауза во недоглед ќе измислува нови барања дури и кога знае дека тие се нереални.
Радикализацијата кај ДУИ е уште попотребна и поради локалните избори што треба да се случат оваа пролет, а на кои кандидатите на Ахмети ќе се соочат со заеднички фронт на сите останати албански партии кои заеднички ќе се обидат да победат во Тетово, Гостивар, Дебар и во другите општини каде што Албанците се мнозинска заедница, вклучително и во Струга и во Кичево кои во 2005 година СДСМ со територијалната поделба ги претвори од доминантно македонски градски општини во претежно албански рурални општини.
Кога веќе лидерот на СДСМ ја начна темата за федерализација и кантонизација и кога најави двојазичност на територијата на цела земја, логично е Ахмети да ги прифати, а потоа и да ги доработи овие прашања со цел да ги врати своите потенцијални 70 илјади гласачи што ги загуби на 11 декември. Во такви услови, соочени со нови и нереални барања, за партнерите од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде исклучително тешко да продолжат со своите приоритети затоа што објективно и тие ќе имаат проблем да ги објаснат барањата на ДУИ пред своите 450 илјади гласачи.
Речиси е извесно дека оваа ситуација ќе донесе постојани препукувања меѓу владините партнери кои нема да ѝ донесат ништо добро ниту на ДУИ, ниту на ВМРО–ДПМНЕ, ниту на Македонија. Единствената добра работа што може да се случи е оваа влада да создаде услови за нови предвремени избори по кои полесно ќе може да се формира стабилна влада.
Иако СДСМ во следните месеци, со оглед на промените кај дел од нивните најсилни поддржувачи, ќе ја нема досегашната поддршка, јасно е дека ќе има сили повторно со протести и со насилство да се обиде да ја урне владата во која нема да биде составен дел.
Влада СДСМ – ДУИ – Беса – Села
Оваа варијанта за извршната власт во старт би значела најмалку ветувања за двојазичност на целата територија на Македонија и уште низа други бенефиции кои не се дел од Охридскиот договор, на што е логично ВМРО-ДПМНЕ да реагира со масовни протести и блокада на институциите. За разлика од Груевски, кој како премиер ќе може да преговара со ДУИ, Заев нема да може да одбие повисоко ниво на државност за Албанците затоа што тој токму на таа карта би дошол во ситуација да формира влада. Во таква ситуација Заев ќе се соочи и со бунт во сопствените редови затоа што е јасно дека и голем дел од неговите сопартијци, колку и да сакаат Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да заминат во историјата, нема да се согласат со ревизија на Охридскиот договор и на Уставот и доделување на Албанците права какви што нема ниедна друга етничка или јазична малцинска група во унитарна држава, со што автоматски се поставува како тема и прашањето за федерализација иако тоа Заев го негира и ќе го негира како реалност.
Дополнителна опасност од оваа влада е и сценариото кое се разгледува во опозициските редови за „кинење на главата на змијата“, односно за апсење на целиот врв на ВМРО- ДПМНЕ со цел да се оневозможи партијата соодветно да се организира како опозиција додека СДСМ не ги зацврсти позициите со своите албански партнери. Ова опасно сценарио е изводливо со оглед на почнатите предмети од Катица Јанева со кои веќе има за цел голем дел од врвот на ВМРО-ДПМНЕ и може да извади стотина илјади народ на улица и дополнително да ја втурне Македонија не само во уште една голема криза, туку и во братоубиствена војна. Наводниот план за апсење триесетина члена на ВМРО–ДПМНЕ, кој треба да биде вовед во целосна „демонтажа“ на победникот на последните избори, е сценарио што не го посакуваат најголем дел од раководството на СДСМ, но во ситуација кога нивните најгласни поддржувачи и дел од странците го посакуваат тоа, а нивото на желбата за реваншизам е огромно, не смее да се исклучи и тоа сценарио.
Широка коалиција
Иако, навидум, оваа варијанта на краток рок е најбезболна, формирањето широка коалиција на долг рок може само да ги турне реалните проблеми под тепих, но никако нема да реши некој од проблемите. Напротив, ривалитетот меѓу министрите, без разлика дали се партиски претставници или експерти предложени од партиите, само дополнително ќе отвори конфликти што ќе ги блокираат институциите и фирмите. Во оваа влада повторно не можат да бидат занемарени барањата на албанскиот блок, кој нема да може да се откаже од нив поради стравот дека за тоа ќе бидат казнети од гласачите. Во ситуација кога Беса има доволно ресурси во опозиција да турка великоалбанска и исламска агенда и така да поентира кај албанските гласачи, ДУИ повторно ќе мора да биде радикална и со тоа да создаде тензии во големата коалиција кои сигурно нема да бидат корисни за функционирањето на владата. Формирањето влада со поддршка на сите парламентарни партии или само од најголемите четири може да биде корисна само доколку има договорен рок на траење од неколку месеци. Сѐ подолго е катастрофално за Македонија затоа што во ситуација кога не може да се измерат резултатите, ќе влеземе во уравниловка во која сите партии меѓусебно ќе се обвинуваат за грешките, што секако ќе биде на штета на граѓаните.
Странците и кризата
Македонија никогаш не била изолиран остров каде што политиката зависела само од внатрешните состојби. Така било и во СФРЈ кога се чекало став од Белград, така е и сега кога за најголем дел од работите постои условен рефлекс и се чека на позицијата од Брисел и од Вашингтон. Проблемот или предноста, зависи кој како гледа на овие работи, сега е во тоа што ЕУ е премногу зафатена со себе, а никој со сигурност не може да каже како администрацијата на Трамп ќе се однесува со Балканот и со Македонија.
Иако малку е веројатно дека Вашингтон по 25 години и десетици милијарди долари потрошени во регионот ќе се согласи да го препушти на Русија, не треба целосно да се исклучи можноста дека секоја од земјите во регионот ќе биде оставена сама да решава каква политика ќе гради во овој контекст. За Македонија, која и со драматично намалена поддршка за НАТО и за ЕУ, ова воопшто не е и нема да биде реална дилема затоа што во земјата нема сериозни разидувања околу евроатланските интеграции како единствен надворешнополитички приоритет.
Сепак, во овој контекст постојат две отворени дилеми. Прво, што ако од Брисел отворено ни порачаат дека Македонија не ја гледаат како дел од Северноатлантската алијанса и од Европската унија и, второ, што ако во пакетот на новиот американски државен секретар Рекс Тајлерсон (кој е добитник на руски државен орден, кој му го доделил лично Путин) целиот Балкан или групата земји што сѐ уште не се дел од НАТО и од ЕУ добијат нова позиција во новата поделба на интересни зони на суперсилите. Постои и трето прашање кое исто така е релевантно и особено важно за Македонија. Што ако по иницијалната позитивна реторика меѓу Трамп и Путин дојде до несогласувања меѓу САД и Русија и нивниот судир продолжи со уште посилно темпо од тоа што го гледавме во последните три години од почетокот на украинската криза. Зборовите на претседателот Трамп, кој изјави дека сака добри односи со Русија, но и дека тој најдобро ќе знае како да се казни Русија ако биде потребно да се влезе во конфликт со неа, влеваат дополнителна доза опасност за Македонија и за Балканот. Причината за тоа е што линијата на огнот меѓу Русија и САД, која ја промовираше јавно поранешниот државен секретар Џон Кери и за која се потврди дека постои, не може да биде избришана преку ноќ. Како што разликите меѓу двете суперсили што постојат во низа други области не можат да бидат надминати без сериозен компромис, за кој реално не се подготвени ниту Путин ниту Трамп, кој со својата инаугурација, всушност, ја почна кампањата за својот втор мандат.
(Текст објавен во 230. број на неделникот Република, 27.01.2017)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.