
Ненад Мирчевски
Јавниот повик на Џорџ Сорос за војна против сите неподдржувачи на „отвореното општество“, како и организирањето насилни протести во повеќе градови во САД веднаш по инаугурацијата на 45. американски претседател Доналд Трамп, за момент со слика и тон нѐ врати на скопските улици во екот на таканаречената Шарена револуција со која требаше насилно да биде урната легално избраната власт. Сликите од Вашингтон како да беа пресликани од Скопје, а насилните сцени речиси идентично се совпаѓаат со овдешните напади врз полицијата, вклучително и пропратната кореографија. Црното сценарио за насилни протести кое наоѓа примена во секоја земја во светот каде што му се потребни нереди и криза на газда Сорос, стигна и во земјата на потекло. Ова е уште еден доказ повеќе дека нашиве платеничиња не биле ниту креативни, ниту инвентивни во осмислувањето на плановите за протести. Напротив, врескале и уништувале државен имот според упатството напишано во прирачникот за уривање влади. Лица без сопствен идентитет, кои безпоговорно ја прифаќаат идеологијата на газдата, кој, пак, потоа богато ги наградува. Единствената разлика меѓу демонстрациите на Соросовите платеници во САД и на тие во Македонија (освен за висината на дневниците) е во практикувањето демократија на државните институции и во реакциите на странските дипломати и амбасади. Така, додека кај нас полицијата изигруваше топовско месо за платеничката банда, полицијата во САД воопшто немаше дилеми дали да преземе брзи и ефективни мерки за заштита на државата и на државниот имот. Резултатот од интервенцијата на тамошните власти е 230 уапсени, кои сега се соочуваат со затворски казни до 10 години или парични казни од 25.000 долари. А, не дека нашите полицајци не знаат да расчистат толпа хулигани и да го заштитат редот и мирот. Тие знаат како да се справат и со многу посериозни групи како онаа од Диво Насеље. Разликата е во тоа што вистинскиот владетел во САД живее во Белата куќа, а не во некоја од амбасадите.
За волја на вистината, не слушнавме дека пред Белата куќа се собраа дипломати за да изразат загриженост за практикувањето на демократијата во САД и да нудат посредништво во решавањето на ситуацијата. Немаше реакции ниту од овдешното претставништво на Сорос, ниту од прекалените борци за човекови права… Не дека има што да се забележи на начинот на одбрана на државата од платеничката орда на Сорос, туку, едноставно, би требало да реагираат принципиелно, на начин на кој го правеа тоа тука, во сопствената држава и врз сопствениот народ. Та нели се залагаат за отворено општество? Свет без граници и со универзални човекови права кои важат на секоја точка на Земјината топка… А Скопје, а Вашингтон… Би требало да биде исто. Или можеби не, а платеничиња? Проверете прво во прирачникот за насилства што пишува, па потоа одговорете!
Им се допаѓало тоа на борците на Сорос кои примаат астрономски плати или не, светот по 20 јануари почна да се менува. Иако не сме центарот на светот, промените доаѓаат и наваму. Граѓаните во Македонија и светот веќе сфатија дека зад филантропизмот, всушност, се затскрива опасен берзански шпекулант кој пати за политичко влијание, кое го наметнува врз владите каде што има влијание или кои со помош на своите граѓански организации ги довел на власт.
Вториот импресивен момент од инаугурацијата на Трамп беше појавувањето на Хилари Клинтон на свечената церемонија. Гест кој силно ја оцртува разликата во поимање и практикување на демократијата во Македонија и во САД. Тој што мисли дека Зоран Заев има многу повеќе причини од Хилари да не го признае поразот и да се обидува да ја заобиколи волјата на граѓаните или е голем политички наивец или смета дека се обраќа на проста маса. Хилари пропушти можност да го држи светот на дланка. Во буквална смисла! Заев, пак, дури и да успееше да се дограби до власт, ќе останеше само потрчко на чадорот и ништо повеќе. Ќе беше растргнат од оние на кои им ветуваше сѐ и сешто за да ја добие нивната поддршка.
Оттука не треба ни да се објаснува колку ѝ беше важно на Хилари да победи, а истовремено и тешко да се соочи со евентуалниот пораз. Што поради незадоволството од личниот неуспех, што поради стравот од неизвесноста што ја носи новата ситуација, но и поради неисполнетите обврски кон поддржувачите, донаторите, лобито… Колку тешко го прими неочекуваниот пораз најдобро го опиша самата таа, кога во својот прв јавен настап по 8 ноември призна дека првите денови по изборите не сакала да излезе од својот дом. И од шок, и од срам, и од неизвесност…
Сепак, и покрај сѐ, Хилари реши да ги надмине сопствените стравови и дилеми и да ја испочитува волјата на народот затоа што тоа е темелот на демократијата.
Познавајќи го демократскиот капацитет на СДСМ и на неговото раководство, далеку од умот е да очекуваме во блиска иднина ваков гест од Зоран Заев или од кој било од раководството на опозицијата во Македонија.
Причината лежи во демократската зрелост на поединците, но и во демократскиот капацитет на општеството во целина. Присуството на настанот беше навистина болно за Клинтон. Ако ја донесуваше одлуката водена само од нејзините чувства, сигурно не би се појавила. Но, поразената Хилари беше свесна дека со непојавувањето, освен што ќе ја прекршеше традицијата, ќе покажеше непочитување на мнозинството граѓани на САД кои го донесоа Трамп во Белата куќа и ќе предизвика опасна поларизација на општеството од која никој нема да има корист. Подадената рака на претседателските кандидати впрочем беше сигнал, повик за единство и смирување на страстите кои кулминираа во жестоката претседателска кампања.
Кај нас, пак, не само што честитањето на победникот е мисловна именка за опозицијата, туку им прерасна во традиција непризнавањето пораз и негирањето на изборните резултати. Ниското ниво на политичка свест и култура кај политичарите од калибарот на Заев силно негативно влијае врз единството кај граѓаните, а со тоа сериозно се загрозуваат и националните интереси на државата. Но, кој би можел да му го објасни тоа на човек што ги продава сопствениот народ и држава само за да се спаси од одговорност за својот криминал и погрешни политички одлуки!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


