Никола Србов
„Го нема Чакаларов ја нема Македонија“ извикувале андартските четници додека поминувале низ Лерин носејќи ја главата на војводата набиена на кол. И навистина, Чакаларов повеќе го немало, но неговиот дух бил присутен а Македонија и те како ја имало, таа била жестока како никогаш претходно. Македонија ја има и денеска, и Чакаларов го има денеска, неговиот дух, идеја, борба и жртва се секаде помеѓу нас. Неговите Невеска и Клисура е нашата Република Македонија. Ние кога немавме држава не се откажавме ниту од Чакаларов ниту од Македонија, но што правиме денеска?
Извикот на андартите сѐ уште има суштина, само што не знаеме кој сѐ е сега присутен во андартските чети, денеска Чакаларов е олицетворен во целиот македонски народ кој треба да исчезне за да ја нема ни Македонија. Тоа вообичаено го нарекуваат самоубиство.
Местото каде е роден Чакаларов се викало Смрдеш, тоа е село во Беломорска Македонија, славно село кое дало огромен број комити но и партизани. Од истото село потекнува и соборецот на Васил Чакаларов, Пандо Кљашев. Според К`нчов во селото живееле 1.780 жители, според Милоевиќ селото го сочинувале 240 македонски куќи. Речиси целото население биле Македонци по националност. Денеска ова село се вика Кристалопиги, тоа било новото име кое грчките власти му го доделиле во 1927 година. На пописот во 1951 година родното село на Чакаларов било заведено како напуштено, умрело. На пописот во 1971 година во селото имало 309 жители, сите колонисти донесени од Епир и Тесалија
Местата кои ги ослободил војводата, Невеска и Клисура, исто така се наоѓаат во Беломорска Македонија, денешна Грција. Гратчето Невеска според К`нчов имало 2.300 жители, според Милоевиќ 500 куќи. Најголем број биле Македонци и Власи. Денеска ова гратче се вика Нимфеон, тоа име му го доделиле грчките власти во 1926 година. На пописот во 1971 година, Невеска, или Нимфеон, имала само 130 жители. Клисура според К`нчов броела 3.400 жители, на пописот во 1971 година имало 502 жители.
Во борбата на Чакаларов голема улога играло и селото Д`мбени, од таму потекнувал и неговиот соборец Лазар Попо Трајков. Во близина на Д`мбени во месноста Локвата и Вињари се одиграла една од најславните битки на Чакаларов со османлиската војска која соработувала со грчкиот владика Каравангелис. Четите на Чакаларов однеле блескава победа над многубројната и надмоќна османлиска војска. Неговиот соборец, Лазар Поп Трајков, напишал поема за оваа славна битка и за неговиот другар, брат и соборец, ја насловил едноставно, според местото, „Локвата и Вињари“.
Според К`нчов во Д`мбени, родното место на Лазар Поп Трајков, живееле 1.650 жители, според Милоевиќ во Д`мбени имало 350 македонски куќи. Денеска Д`мбени го носи името Дендрохорион кое грчките власти му го доделиле во 1926 година. За време на Граѓанската војна во Грција, Д`мбени било срамнето со земја и замрело. По војната грчките власти подигнале куќи и населиле колонисти од Епир, па така, на пописот во 1971 година Д`мбени брои 352 жители.
Со војводата Чакаларов е поврзано уште едно место, родното село на Митре Влашето, Кономлади. Според К`нчов во Кономлди живееле 1.100 жители, според Милоевиќ во селото имало 230 македонски куќи, било населено само со Македонци. Денеска селото Кономлади се вика Макрохорион, а според пописот од 1971 година селото имало само 340 жители.
Дељо Марковски и Лазар Киселинчев се членови на Организацијата кои заедно со Чакаларов организирале внес на оружје за потребите на Организацијата. И двајцата се по потекло од село Косинец кое броело 1.360 жители, сите Македонци, и 150 куќи. Во 1927 година и Косилец си добило ново име, го нарекле Иеропиги. После востанието и навлегувањето на грчките чети селаните масовно се ислувале од Косинец, исто како што било случај со речиси сите населени места. После Граѓанската војна селото било целосно празно, па така, на пописот во 1951 година било заведено како напуштено. Во 1957 година грчките власти во селото населуваат 70 семејства од Епир.
На 9 јули 1913 година во месноста викана Лакато близу селото Бел Камен во борба со грчките андартски чети загинува Васил Чакаларов. Селото во чија близина бил убиен Чакаларов во 1928 добива ново име, било наречено Дросопиги.
По убиството на Чакаларов грчките андарти му ја отсекле главата ја набиле на кол и свечено ја носеле низ улиците на Лерин. Поворката била предводена од капетанот качен на бел коњ. И градот каде што било сквернавено телото на војводата доби ново име, грчките власти го нарекоа Флорина.
Ова е само мал дел од местата кои биле поврзани со дејноста на војводата.
Десеттина километри југоисточно од Ениџе Вардар и на 40 километри северозападно од Солун се наоѓа родното место на Крсте Петков Мисирков, Постол (Свети Апостол). До 1924 година во Постол живееле само Македонци, според К`нчов во Постол имало 520 жители, според Бранков имало 720 жители, а Милоевиќ ни говори за 80 македонски куќи. Во 1924 година од селото биле протерани 99 Македонци а нивно место биле донесени 675 бегалци од Источна Тракија. Во 1926 година Постол добива ново име, грчките власти го нарекле Пела (Агии Апостоли). После Граѓанската војна започнал да расте бројот на
жители во Постол но се намалува бројот на Македонци. Во античкиот период таму била престолнината на Александар Македонски.
На списокот до овие десетина места кои ги спомнав стојат илјадници населени места, населби, села и градови на кои им се променети имињата и етничкиот состав.
Утре е Илинден, најсветлиот празник за Македонците, некои го нарекуваат и македонскиот Велигден, сакав да напишам нешто кое во иднина можеби ќе биде забрането да се пишува. Ќе се смета за иредентизам, непријателска дејност или непријателско држење кон власта и братството и единството. Овие имиња ќе бидат забранети за нас, ќе треба да ги избришеме од меморијата. Науката ќе биде цензурирана, а цела литература која е напишана ќе ни остане како домашна архива која ќе треба да ја чуваме за идни времиња, се надевам нема да ни ја одземаат од домовите.
Доколку андартите физички го убија Чакаларов но не ја убија Македонија, нас не тераат да го убиеме духот на Чакаларов а со него и Македонија, за конечно да извикаат „Нема Чакаларов, нема Македонија“.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.