| четврток, 6 декември 2018 |

СП во Франција: Македонските ракометари се осминафиналисти, Словенија му откина бод на Тунис во последната секунда

Во првиот натпревар од 4. коло на групата Б на Светското првенство во ракомет, Словенија и Тунис играа без победник 28-28 (15-13), со што Македонија и математички е осминафиналист.

Вујовиќ мечот го почна со изменет состав во споредба со мечот против Македонија, па Тунижаните зедоа крила и неколку пати во раната фаза резултатот беше израмнет. Сепак ветеранот Вид Кавтичник со серија на голови ги одлепи момците на Вујовиќ на +3.

Ветеранот Теж беше прегруб и заработи директен црвен картон во 20. минута, а таа предност Словенците ја искористија и заминаа на +4. Сепак во последните неколку минути од првиот дел Мозбах Санаи постигна два гола и на Тунис му донесе подносливи -2 на полувреме (15-13).

Сепак на почетокот на второто полувреме африканскиот вицешампион воден од феноменалниот голман Мисауи направи серија 4-1 и поведе со 17-16. Банур му се придружи на Санаи и мечот влезе во егал-зона. Туниската одбрана функционираше подобро, а Банур со два гола од крилна позиција на средина од вториот дел им донесе највисока предност на Тунижани (20-23). Веселин Вујовиќ побара минута одмор да ги среди редовите и да ја мобилизира неговата заспана екипа.

slovenija

И покрај неколку одбрани на Скок, Тунис даде уште неколку лесни голови, еден на празен гол за 22-25 на десет минути до крајот. Словенците целосно загубија глава, Благотиншек беше исклучен, Тунис дојде до 23-28 во 53. минута. Техничките грешки на „црвените“ ги користеше Словенија и Цингесар од контра напад погоди за 26-28. Зарабец на 70 секунди до крајот реализира седмерец за 27-28 и драма. Тунижаните погрешија и Словенија доби напад со човек повеќе. Со спектакуларен цепелин на пет секунди до крајот Јанц донесе реми, кое ја води Македонија во осминафиналето (28-28).

Во селекцијата на Тунис најефикасни беа Санаи со 8 и Банур со 5 гола, а кај Словенците најефикасни беа Кавтичник со 7 и Јанц со 6 гола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top