Македонската репрезентација денеска во Мец ја очекува дуелот со Словенија во кој со победа може да биде решен нашиот пласман во осминафиналето на СП во Франиција . Дуелот ќе биде интересен и од резултатски, но и од секој друг аспект. Натпревар на кој Лино Червар е на едната, а Веселин Вујовиќ на другата страна на клупата, само по себе предизвикува внимани. Тоа е она легендарно ривалство. Легендарни беа и искрите што своевремено избиваа меѓу Вујовиќ и пикерот Стојанче Стоилов.
– Вујо е многу променет како селектор, јас сум многу променет како играч. Мислам дека тоа што било порано ќе го тргнеме на страна, сега секој си ја гледа својата работа – вели Стојанче Стоилов во пресрет на денешниот меч.
Пикерот на македонската репрезентација нагласува дека вечерашниот меч ќе биде атрактивен токму и поради фактот што селекторот на Словенија е омилен лик во Македонија. Респектот за Веселин Вујовиќ кај македонската публика останува, но вечерва важна ни е победата.
– Ова ќе биде многу атрактивен натпревар, знаејќи колку фанови има Вујо во Македонија. Сите вечерва, нормално, ќе навиваат за нас, но во секој случај ќе биде интересно за гледање. Ќе видиме како ќе биде. Наше е да дадеме се од себе, бидејќи во спротивно мислам дека не може никој да победи – истакнува Стоилов.
Вчерашното реми на Исланд со Тунис внесува неизвесност до крај за конечната разврска во Групата Б во бораба за првите четири места кои носат пласман во осминафиналето. Со победа или со реми вечерав, Македонија е сигурно во осминафиналето, во спротивно ќе се бара нова шанса во последните два дуели со Шпанија и со Исланд.
– Рано е, мислам дека ние не би требало да ги правиме тие математики што би било кога би било. Уште е трет натпревар, ако го добиеме сме на коњ, ако не имаме пак шанса понатаму и тоа е тоа – вели Стоилов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.