| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера во МНТ – „Тартиф“ на Галин Стоев

Според директорот на МНТ Дејан Пројковски, „Тартиф“ е меѓу капиталните дела на театарската литература, текст со кој, како што рече, режисерот и театарот што го поставува ја тестира својата зрелост

Вечерва во Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот е премиерната изведба на „Тартиф“ на Молиер во режија на Галин Стоев од Бугарија. Во драмата за лицемерството напишана во 1664, но секогаш актуелна и безвременска, насловниот лик ќе го игра актерот Драган Спасов-Дац. Тоа ќе биде негов прв настап во МНТ по доаѓањето од Драмскиот театар.

Во актерската екипа се и: Ѓорѓи Јолевски (Оргон), Даница Георгиевска (Елмира), Владимир Јачев (Клеант), Тања Кочовска (Дорина), Катина Иванова (г-ѓа Пернел), Дарја Ризова (Марјана), Оливер Митковски (Дамис), Никола Ацески (Валер), Александар Микиќ (г. Лојал), Кире Ѓоревски (Полицаецот) и Тања Ивановска (Флипот).

Режисерот Стоев пред две години го постави Тартиф во „Комеди Франсез“ во Париз, односно славниот Дом на трупата на Молиер, со кој соработува од 2007 година. На прес-конференција по повод премиерата рече дека скопскиот Тартиф е нова верзија, различна од таа во Франција.

– За мене беше важно претставата да е многу поразлична од таа во „Комеди Франсез“. Мислам дека не треба да се прави копирање на некоја претстава, туку секојпат се приспособувам на спефициките на екипата, на можностите на театарот и најмногу таа да се вклопува во локалниот контекст за да стане претстава која прво би имала смисла тука, рече Стоев.

133491803

Ѓорѓи Јолевски (лево) како Оргон и Драган Спасов – Дац како Тартиф

Ја пофали соработката со екипата на МНТ и самиот процес на подготовка во кој прифатил некои нивни предлози кои ги смениле неговите првични идеи. Стоев има соработувано со МНТ пред 17 години – во 1999 тука ја постави „Антигона во Техноленд“. Во меѓувреме изградил меѓународна кариера и работел во некои од големите национални куќи во Европа.

Според директорот на МНТ Дејан Пројковски, „Тартиф“ е меѓу капиталните дела на театарската литература, текст со кој, како што рече, режисерот и театарот што го поставува ја тестира својата зрелост.

Сценограф на претставата е Венелин Шурелов, костимограф Елица Георгиева, а композитор на музиката Саша Карлсон. По двете премиери денеска и утре, првата реприза на новиот „Тартиф“ е во сабота, 24 декември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top