Оваа недела се навраќаме на 20-тите години од минатиот век. Вечерва филмот „Големиот Гетсби“ на режисерот Баз Лурман ќе ја доживее својата кинопремиера во „Синеплекс“. Во својата адаптација на култниот роман на Скот Фицџералд „Големиот Гетсби“, режисерот го комбинира својот претпознатлив музички и визуелен стил на раскажување.
– „Големиот Гетсби“ е забавна, модерна приказна. Тука има фантастична романса, сјај, пари, но и трагедија. Станува збор за сложени и богати ликови – заклучува режисерот.
Со премиерата на филмот ќе им се доближи посетителите ерата на џезот, раскошот, богатството, модата на 20-тите години на минатиот век. За таа цел во лобито на киното групата „Летачки пекинезери“ ќе ги доловат звуците на џезот. Нивниот настап љубителите ќе можат да го проследат со почеток во 20 часот. За тие што ќе решат да ја посетат премиерната проекција, кои ќе бидат инспирирани од 20-тите години на минатиот век и кои ќе имаат соодветен моден детаљ ќе добијат „Љубовно мени“ по намалена цена.
В сабота пристигнува и анимираната приказна за двајца јунаци што ќе се борат да ја заштитат природата. Од креаторите на „Ледена доба“ и на „Рио“ пристигнува филмот „Чувари на тајното кралство 3D“ (Epic). Во борбата што одвива околу нас, спротивставени се силите на доброто, кои ја штитат природата, и тие на злото, кои сакаат да ја уништат. Една тинејџерка ненадејно пристигнува во тајниот универзум, кој е населен од забавни и единствени јунаци. Таа мора да ги здружи силите со нив за да ги зачуваат нашиот и нивниот свет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.