| четврток, 6 декември 2018 |

„Антолог“ го објави романот „Дланка полна бои“ од Сучен Кристин Лим, добитничка на сингапурска книжевна награда

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го  објавуви романот „Дланка полна бои“ од сингапурската писателка Сучен Кристин Лим.Романот е прв добитник на Сингапурската книжевна награда во 1992 година. Преводот на македонски е на Николче Мицкоски. Oва е само втора книга од сингапурски автор, објавена во Република Македонија.

„Дланка полна бои“ е повеќеслоен роман што истражува 80 години од историјата на Сингапур преку еден ден од животот на Сувен, млада професорка што се труди да се пронајде себеси како личност и како уметник. Во својата потрага, таа ја истражува богатата историја на семејството на својот очув и открива многу надежи и тешкотии на раната емигрантска заедница на Сингапур – од кинески возачи на рикши и малајски келнери до индиски доктори. Никој не е поштеден од последиците на времињата што се менуваат.

Зад овие кулиси, пријателите на Сувен ги истражуваат темите на уметноста, љубовта, слободата и на предавството. Преку мајсторското раскажување и живописниот јазик на Сучен Кристин Лим, Сингапур на денешницата се сплотува со Сингапур од минатото.

Приказната изобилува со локални вкусови и ароми, а ликовите се живописно претставени и уверливи. Особено чувствителни се тажните животи на жените во приказната.

Книгата е објавена со поддршка на Националниот совет за уметност од Сингапур.

Сучен Кристин Лим (1948) е сингапурска писателка. Родена е во Малајската Федерација. На 14 години се преселува во Сингапур, каде што учи во училиштата на Манастирот на Светото Дете Исус, како и во Националниот сингапурски универзитет. Предавала во средно училиште, а работела и во Министерството за образование. Во 2003 година дава отказ за професионално да се занимава со пишување книги. Има напишано неколку романи, кратки раскази, книги за деца, учебници, драма, како и една поема.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top