| четврток, 6 декември 2018 |

„Антолог“ ја најави добитничката на наградата „BookStar“ 2018 : Во Скопје доаѓа Славенка Дракулиќ

„Антолог“ ја најави добитничката на наградата „BookStar“ 2018. Во Скопје доаѓа Славенка Дракулиќ, авторката на првата феминистичка книга во Источна Европа.

рва гостинка на годинашното, четврто по ред издание на Фестивалот на европската литература „BookStar 2018ќе биде големата Славенка Дракулиќ. Таа е воедно и годинашната добитничка на наградата „BookStar“ за книга што ја одбележува 2018 година, која ќе ја добие за нејзината најнова книга „Невидливата жена и други раскази“. Гостувањето на „една од највлијателните писателки“ во Скопје е предвидено за периодот 12-14 ноември, кога ќе ја промовира наградената книга и ќе има средба со читателите, соопштуваат од „Антолог“.

Славенка Дракулиќ е позната новинарка и писателка, родена во Риека во 1949 година. Пишува книги на хрватски и на англиски јазик, а некои од нив се преведени на повеќе од дваесет јазици, меѓу кои и на македонски. Во издание на американската издавачка куќа „Пингвин“ има објавено шест наслови.

Во публицистичките книги главно се занимава со секојдневјето во социјализмот, а по 1989 година и со војната во Југославија. Нејзината прва публицистичка книга, „Смртните гревови на феминизмот“ (1984), е еден од првите прилози за феминизмот. Следувале „Како преживеавме“„Тие не би згазиле ни мравка“„Телото на нејзиното тело“ и „Басни за комунизмот“.

Во книжевните дела Славенка Дракулиќ се свртува кон женското тело, болеста и траумата, истражувајќи ги и животите на креативните жени што живееле со познати уметници. Ги објавила романите: „Холограми на стравот“, „Мермерна кожа“, „Како да ме нема“, „Божествен глад“, „Фрида или за болката“, „Обвинета“, „Дора и Минотаурот“ и „Милева Ајнштајн, теорија на тагата“.

Во 2010 година во Прага е прогласена за еден од највлијателните европски писатели на нашето време. Добитничка е на „Наградата за европско разбирање“  на саемот за книгата во Лајпциг во 2004 година, како и на наградата на „Мечмејкинг форум“ за најдобра проект-книга за филмска адаптација за нејзината последна книга „Невидливата жена и други раскази“ во 2018 година.

-Советот на Фестивалот одлучи да ја додели наградата „BookStar за 2018 година на книгата „Невидлива жена и други раскази“ од Славенка Дракулиќ бидејќи таа се занимава со една предолго време премолчувана, често табуизирана тема, тоа е процесот на стареење и што сè носи тој, обработена на мошне комплексен начин, час низ призмата на иронијата, час низ окуларот на суровата реалност, час низ болката, час низ шармот на книжевната епифанија, велат од „Антолог“.

Дали со староста стануваме невидливи, што се случува со нашите тела, со нашиот однос кон другите и – уште поважно, со односот на другите кон нас? Мрежите што ги плетеме цел живот одеднаш стануваат тенки и кревки. Преку шеснаесет раскази во книгата „Невидливата жена“ Дракулиќ раскажува за меѓучовечките односи, за релациите меѓу родителите и децата, за заминувањето, исчезнувањето, заборавањето, болеста, срамот и болката, за најдлабоките чувства за кои не се осмелуваме да зборуваме. Длабоко емотивно, без задршка, раскажува за искуството при распаѓањето на животот.

Катарзична, ослободувачка книга, која удира во плексусот на современието. Секој расказ посебно му влегува на читателот под кожа, терајќи го да застане, да размисли за себе и за другите, да биде шокиран, да заплаче, да се препушти и на емоциите и на разумот. Менувањето на перспективите (прво и трето лице, машки и женски погледи, различни генерации) и прекрасно испреплетените автобиографски и фиктивни елементи во нарацијата прават читателот да се чувствува нурнат во текстот и истовремено дислоциран од него. Книга што уште еднаш докажува дека само литературата може да зборува за неизречливото!

„Невидлива жена и други раскази“ со недели е на врвот на бестселер-листите во Хрватска, а наскоро излегува и преводот на македонски јазик.

Фестивалот „BookStar“ ќе се одржи од 12 до 20 ноември 2018 година на повеќе локации во Скопје. Тоа e прв фестивал на европската литература во Македонија и е во организација на издавачката куќа „Антолог“. Манифестација започна во 2015 година и се одржува секоја есен, а годинашното издание е четврто по ред.

Писателката и новинарка Славенка Дракулиќ, моминско презиме Сушањ, родена е во Риека на 4 јули 1949 година. Од 1993 година е омажена за шведскиот новинар Рихард Сварц, кој е нејзин трет маж. Мајка е на 19 години помладата Рујана Јегер, археолог по професија, своевремено новинарка и преведувачка, а денес позната хрватска колумнистка и книжевничка.

Славенка Дракулиќ во младоста била мошне бунтовна. По караницата со авторитетниот татко, офицер во ЈНА, како гимназијалка побегнала од дома во странство. Работела како дадилка, меѓутоа светот на шеесеттите, на хипиците и на слободната љубов бил нејзин свет.

Во 1976 година на Универзитетот во Загреб ги завршила студиите по компаративна книжевност и социологија. Од 1982 до 1992 година била постојана новинарка во неделникот „Данас“ и во ревијата „Старт“. Во тој период главно пишувала на феминистички теми. Нејзиниот прв наслов – книгата новинарски текстови „Смртните гревови на феминизмот“, издадена во 1984 година, е првата феминистичка книга во Хрватска, а веројатно и во цела Источна Европа.

Нејзините дела се преведени на дваесетина јазици. Дракулиќ ја напушта Хрватска во почетокот на 1990-тите од политички причини. Во непотпишана статија од 1992 година објавена во хрватскиот „Глобус“ пет хрватски писателки се наречени „вештерки“ што ја „силуваат“ Хрватска. Оваа статија стана светски позната, а Славен Летица, познат социолог и поранешен советник на претседателот Фрањо Туѓман, подоцна признава дека тој ја напишал. Според него, овие писателки, меѓу кои и Дракулиќ, не успеале да изградат цврст став против масовните силувања како планирана воена тактика на Босанските Срби во војната против Хрватите, туку ги толкувале како злосторство на „неименувани мажи“ врз жените. По објавувањето на оваа статија, Дракулиќ почнува да добива телефонски закани, а врз нејзиниот имот се вршени најразлични напади. Со мала или никаква поддршка од другите пријатели и колеги, решава да ја напушти Хрватска.

Некое време во родната земја нејзините текстови и книги ги објавувал само „Ферал трибјун“. Сепак, таа таму редовно се враќа.

Денес е постојана соработничка на весникот „Нешн“, а нејзините текстови се објавени и во „Њу рипаблик“, „Њујорк тајмс“ и „Њујорк ривју оф букс“, „Зидојче цајтунг“, „Интернационале“, „Дагенс њухетер“, „Гардијан“, „Нешн“, „Ла стампа“, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, „Политикен“…

Во кампањата „Хрватска во Европска Унија, растеме заедно“ Европската комисија ја претставува Славенка Дракулиќ како позната хрватска публицистка и авторка на романите „Холограми на стравот“, „Мермерна кожа“, „Божествен глад“, „Како да ме нема“, „Фрида или за болката“, како и на пет публицистички книги – „Како го преживеавме комунизмот и дури и се смеевме“, „Балкан експрес“, „Кафе Европа“, „Тие не би згазиле ни мравка: Воените злосторства на судот во Хаг“ и „Мал водич низ Музејот на комунизмот“.

Според настани од животот на Славенка Дракулиќ режисерот Петар Креља го снимил документарецот „Славенка или за болката“, премиерно прикажан во 2011 година. Филмот зборува за нејзината потресна и тешка болест што ја загрозила кога имала 27 години, како и за одважната борба против суровата болест и за пресадувањето бубрег со кој ѝ го спасиле животот. Креља во 1984 година го снимил документарецот „Врз пример од мојот живот“, кога Славенка Дракулиќ била во многу неизвесна ситуација затоа што тогаш сè уште не знаела дали ќе добие бубрег.

По разводот од првиот сопруг Слободан Дракулиќ, социолог, во средината на седумдесеттите, па од вториот сопруг Мирко Илиќ, илустратор и дизајнер, во осумдесеттите, останала самохрана и болна мајка во Загреб, со ќерката Рујана, која тогаш имала 16 години. Двете ја воделе тешката борба со откажувањето на бубрезите на Славенка. Со години била на дијализа во целосна неизвесност, додека не ѝ е трансплантиран бубрег во 1986 година во Америка. Потоа почнала да пишува романи.

Во 1987 година го објавила „Холограми на стравот“. Во тој свој прв роман, автобиографски, плете потресна исповед во која го прикажува и општествениот контекст на болните на дијализа и нивните надежи за трансплантација.

Но на почетокот на деведесеттите години повторно следувале откажување на бубрег и дијализа. Ниту тогаш не ѝ се препуштила на болеста, туку, и покрај дијализата, ги следела судењата на воените злосторници во Хаг и, секако, напишала книга – „Тие не би згазиле ни мравка“. Повторно ѝ е пресаден бубрег, и тоа повторно во Америка, само овој пат, во 2004 година, од жива донаторка, а не од мртва личност. Сè завршило среќно, а Славенка Дракулиќ создала роман.

Во книгата „Телото на нејзиното тело“ пишува за средбите со донаторите и за тоа колку многу луѓето сакаат да направат нешто добро, иако често се чини дека е обратно. Сакала да ја разбере својата донаторка Кристин Свенсон, која ја запознала по трансплантацијата. Морала да ја праша зошто одлучила да му донира бубрег на некој туѓинец.

Во романот „Фрида или за болката“, објавен во 2007 година исто така ја разработува трансформацијата на искуството со болест врз примери од животот на сликарката Фрида Кало, Мексиканка со германско потекло. Вниманието на јавноста го привлекол филмот од 2010 година „Како да ме нема“ (As If I’m Not There) на ирската режисерка Хуанита Вилсон. Снимен според истоимениот роман од Славенка Дракулиќ, филмот зборува за силувањата муслиманки во српските логори за време на војната во Босна. Голем дел од филмот е снимен токму во Македонија.

Живеејќи на релација Загреб – Виена – Стокхолм, Славенка Дракулиќ и нејзиниот сопруг Рихард Сварц во последно време главно пишуваат колумни и политички коментари за хрватски и странски весници.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top