Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со огромно задоволство најавува дека деновиве излегуваат од печат обновени лектирни изданија на две книги од еден од најреномираните писатели за деца во Македонија – Александар Кујунџиски. Станува збор за книгите „Сакам книга“ и „Природо, љубов моја!“, кои од септември влегуваат во редовната наставна програма како лектири за III, односно за IV одделение. Новите изданија имаат и нов, освежен изглед со илустрациите на Фросина Андревска.
„Сакам книга“ е прекрасен избор од богатото творештво на Александар Кујунџиски. Содржи топли раскази, песни, сказни и драматизации во кои ќе ужива секое дете. Како дел од едицијата „Мозаик“, оваа книга, првпат објавена во 2006 година, досега е преведена на 11 јазици: албански, турски, ромски, влашки/аромански, српски, хрватски, црногорски, босански/бошњачки, словенечки, германски и на англиски јазик.
„Природо, љубов моја!“ е книга што целосно е посветена на природата и на грижата за неа, со која авторот Александар Кујунџиски е комплетно поврзан. Овој голем вљубеник во пишуваниот збор – како негова професија, и во природата – како негова опсесија, донесе и внесе во македонската литература за деца раскошно издание. Ова е четиво со кое треба „да се дружи“ секое дете при своето градење како личност.
Александар Кујунџиски е роден во 1946 година во Пехчево. Основно образование стекнал во родното место, средно образование во Берово и во Куманово, а високо образование на Филозофскиот факултет во Скопје. Живеел во Пехчево, Штип, Берово, Куманово и во Скопје, а работел како хуморист во Радио Скопје, како новинар во Редакцијата за емисии за деца, како уредник на списанието „Ловец“ и како самостоен уметник – писател. Досега објавил над сто книги за деца и млади и десетина за возрасните читатели. Меѓу големиот број изданија со песни, раскази, сказни, басни, романи, сликовници, пиеси, радиодрами, гатанки и брзозборки што овој автор им ги посветил на децата спаѓаат и следниве: „Немирен ден“, „Другарувања“, „Капка по капка – океан“, „И од пиле млеко“, „Кралот Ал Со Крпен Шал“, „Мотошишарка“, „Расцветани сказни“, „Нека патува добрината“, „Театарче Клопотарче“, „Осилки“, „Одлична единица“, „Гатанки-катанки“, „Мои бои“, „Букви-укви-кви“, „Броеви-роеви“, „Зборчиња-изворчиња“, „Гнездо од бетон“, „И строфите растат“, „Штраке-штруке“, „Кој сака да биде космонаут?“, „Слики од детството“, „Глен – Супермен“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Антолог“ ја најави добитничката на наградата „BookStar“ 2018 : Во Скопје доаѓа Славенка Дракулиќ
-
„Бележникот на татко ми“ од најтиражниот писател од Холандија – Кадер Абдолах
-
„Антолог“ го објави романот „Просечен индекс на среќата“ која ја доби Наградата за литература на ЕУ за 2015
-
„Антолог“ ќе промовира две книги од македонски автори