Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објавуви романот „Дланка полна бои“ од сингапурската писателка Сучен Кристин Лим.Романот е прв добитник на Сингапурската книжевна награда во 1992 година. Преводот на македонски е на Николче Мицкоски. Oва е само втора книга од сингапурски автор, објавена во Република Македонија.
„Дланка полна бои“ е повеќеслоен роман што истражува 80 години од историјата на Сингапур преку еден ден од животот на Сувен, млада професорка што се труди да се пронајде себеси како личност и како уметник. Во својата потрага, таа ја истражува богатата историја на семејството на својот очув и открива многу надежи и тешкотии на раната емигрантска заедница на Сингапур – од кинески возачи на рикши и малајски келнери до индиски доктори. Никој не е поштеден од последиците на времињата што се менуваат.
Зад овие кулиси, пријателите на Сувен ги истражуваат темите на уметноста, љубовта, слободата и на предавството. Преку мајсторското раскажување и живописниот јазик на Сучен Кристин Лим, Сингапур на денешницата се сплотува со Сингапур од минатото.
Приказната изобилува со локални вкусови и ароми, а ликовите се живописно претставени и уверливи. Особено чувствителни се тажните животи на жените во приказната.
Книгата е објавена со поддршка на Националниот совет за уметност од Сингапур.
Сучен Кристин Лим (1948) е сингапурска писателка. Родена е во Малајската Федерација. На 14 години се преселува во Сингапур, каде што учи во училиштата на Манастирот на Светото Дете Исус, како и во Националниот сингапурски универзитет. Предавала во средно училиште, а работела и во Министерството за образование. Во 2003 година дава отказ за професионално да се занимава со пишување книги. Има напишано неколку романи, кратки раскази, книги за деца, учебници, драма, како и една поема.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на романот „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска-Георгиева во Библиотеката „Браќа Миладиновци“
-
„Антолог“ ја најави добитничката на наградата „BookStar“ 2018 : Во Скопје доаѓа Славенка Дракулиќ
-
„Антолог“ објави две обновени лектирни изданија од Александар Кујунџиски
-
„Бележникот на татко ми“ од најтиражниот писател од Холандија – Кадер Абдолах