Партиите дел од коалицијата „За подобра Македонија“, денес ја потпишаа декларацијата „Македонија 2020“, со која се обврзуваат за посветено работење и реализирање на проектите и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, по потпишувањето на Декларацијата истакна дека ќе работат во насока на сеопшт развој, свесни се дека има уште да се работи и убедени се дека идеите на државотворност и одговорност се прифатени од граѓаните.
-Граѓаните сакаат напредок и просперитет и знаат кој има капацитет да го стори тоа и кому да му веруваат. Нашите ветувања тежат, а нашите зборови вредат. Сите заедно можеме да помогнеме за подобра иднина на Македонија. Ние членовите на Коалицијата се обврзуваме да ги штитиме интересите на РМ, македонскиот народ и интересите на етничките заедници, истакна Груевски.
Тој додаде дека и натаму остануваат посветени на стратешките определби како економскиот раст, отворањето на нови работни места, влезот на Македонија во ЕУ и НАТО, унапредување на меѓуетничките односи, борбата со организиран криминал и корупција и инвестиции во секоја област.
Груевски нагласи дека членовите на Коалицијата ќе обврзуваат дека ќе водат фер и демократска изборна кампања.
-Ќе ја цениме и почитуваме волјата на граѓаните и ќе промовираме позитивен конструктивен пристап во политиката. Свесни дека граѓаните сакаат крај на кризата во која бевме втурнати како држава, криза која донесе поделби, конфликтност и деструкција ќе работиме неуморно на нејзино надминување и во најдобар интерес на граѓаните. Тие сакаат, очекуваат и заслужуваат сите пречки и блокади кои СДСМ ги посавуваше изминатите две години да завршат и да бидат надминати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.