| четврток, 6 декември 2018 |

Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра

Нова седмица, ново задолжување. Вчера неспособната власт предводена од Заев, Тевдовски и Анѓушев ги задолжија граѓаните за 21,1 милион евра преку аукција на државни хартии од вредност. Од тие пари, околу половина се нов нето долг на државата, рече на денешната прес-конференција Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа посочи дека очигледно економската политика на владата се сведе само на задолжување, бидејќи ништо друго не работат.

-Нивото на реализација на капиталните инвестиции за 2018-та се бедно, односно 40%, а се наоѓаме пред крајот на буџетската година. Ниту се градат патишта, ниту болници, ниту училишта, детски градинки, водоводи, канализации. Јавноста со право се прашува каде завршуваат парите од буџетот и кредитите со кои не товари оваа власт? Економијата доживува колапс. Проекциите за растот на БДП оваа година се намалени на рекордно ниско ниво. Бесмислените политики предизвикаа отворање на спиралата на инфлација која го намалува стандардот, а граѓаните ги осиромашува. Јавниот долг на државата галопирачки расте и тоа го посочуваат и меѓународните финансиски институции. Надминати се сите психолошки бариери на долгови. Едноставно кажано оваа власт ги донесе до работ на бездната стопанството и целата економија, а со бесцелното задолжување го прави и последниот чекор. Оваа однародена власт по принципот ситиот гладниот не го верува, наместо за потребите на граѓаните се посвети на личното богатење на функционерите и нивните семејни бизниси- нагласи Кузмановска.

Пратеничката додаде дека ветувале живот, а донесоа преживување на кредит.

-Замачкуваат очи на јавноста со статистички гимнастики, манипулативни прес конференции и ветувања од типот “само што не ни тргнало“, а веќе се на половина од својот мандат. Ова мора да престане. На ваквите црнила мора да им се стави крај. Што порано, тоа подобро. Ова црнило кое ја спопадна Македонија со Владата на Заев, можеме и мораме заедно да го тргнеме- вели Кузмановска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top