Не постои личност на планетата што не слушнала за Џеки Кенеди. Како прва дама, огромен број граѓани на САД ја респектираа, уште поголем број ја обожаваа иако некои ја оспоруваа. Имаше и такви што не покажуваа симпатии кон неа, а богами некои ѝ беа љубоморни и ѝ завидуваа. Но, никој никогаш не порекнуваше дека таа живее според високи и посебни стандарди и дека се однесува според правила што самата ги создава и наметнува.
Нејзината животна приказна е фасцинантна во секој поглед. И не е случајно што модерното време слави отмени, елегантни, карактерни, слободоумни и добро облечени жени. А, кралица на сите нив беше и сè уште е Жаклин Бувие Кенеди Оназис. Иако кратко престојуваше во Белата куќа, поради софистицираниот изглед, милиони жени сакаа да изгледаат како неа, а нејзиниот начин на облекување, фризурата, големите очила и бисерите што ги носеше со малите фустани без ракави и денес се познати како „Џеки О стил“. Едноставно, таа внесе гламур во Белата куќа, кој беше препознаен, но и прифатен. Иако многумина ѝ приговараа што ја преферира француската мода, таа секогаш се облекуваше според пригодите. На почетокот најзаслужен за тоа беше познатиот и легендарен американски креатор Олег Касиниј. Во него таа пронајде идеален сојузник со кој несметано започна да го гради својот сопствен стил. Тој за неа ексклузивно избираше и дизајнираше гардероба, иако таа точно знаеше како сака да изгледа и имаше јасна претстава што најдобро ѝ стои. Секаде каде и да се појавеше, привлекуваше големо внимание. Најмногу поради тоа што, од една страна, беше посебна и оригинална, а, од друга страна, едноставна. Преку денот носеше панталони и блузи, што беше практична облека за секоја млада мајка, но со однесувањето постигнуваше да изгледа толку софистицирано, што сите се чудеа како сето тоа ѝ успева. За официјални и протоколарни пригоди Џеки сакаше фустани без ракави или едноставни, елегантни костими. Во вечерните часови на официјалните приеми облекуваше тоалета која ја истакнуваше нејзината совршена фигура.
Може со право да се констатира дека, според тоа како се облекуваше, како се однесуваше, како комуницираше со јавноста и кој стил го наметна, нејзин пример и инспирација беше и до крајот остана актерката Одри Хепберн, нејзината безвременска елеганција и класичниот изглед. Токму поради тој непобитен факт, таа стана синоним за оригиналност, елеганција и посебност на жената. И повеќе од тоа: вистинска дама, но и најотмена прва дама на САД на сите времиња. Убава, шармантна и елегантна. Нежна, чувствителна и миленичка на целата нација. Славна, позната и обожавана. Уникатна икона на стилот и на убавината. Жена чијшто живот беше исполнет со љубов, слава, радост, страст, трагедија и болка. Сакаше и водеше удобен и раскошен живот. Живот исполнет со богатство, гламур, раскош, моќ и влијание. Најпрвин беше најмоќна жена на светот, со Џон Кенеди, а потоа и најбогата жена на светот, со нафтениот магнат Оназис. Но, секогаш непосредна во комуникациите, со елеганција што зрачи и стил што освојува. Нејзиното педигре, став и брак со претседателот на САД, Џек Кенеди, уште повеќе придонесоа да стане икона на стилот. Тој статус го постигна со елегантните костими, прекрасните и предимензионирани очила за сонце, кои го добија името токму по неа. Создадениот дамски стил – Џеки О – беше стил на едноставна елеганција што жените го прифатија и следеа. Беше и остана симбол на жена со префинет вкус и до денес е ненадмината прва дама во елеганцијата и стилот.
Стилот на Џеки опфаќаше едноставни фустани до колена, елегантни костими, рамни панталони со т.н. крој „цигара”, вечерни фустани со мали елегантни женски чанти и очила за сонце со големи црни рамки. Атрактивно и доследно го живееше својот стил, без разлика дали се однесуваше на облекување, воспитување на децата, односите во високото американско општество или, пак, примање ниски удари и неверства од животниот партнер. Но, знаела и да врати на ниските удари зададени од сопругот. Се зборува дека успеала да го заведе елегантниот Вилијам Холден, била во врска со младиот Марлон Брандо, а со холивудскиот убавец Ворен Бити имала страствена афера. Френк Синатра ѝ бил близок пријател, комуникацијата со италијанскиот индустријалец Џани Ањели била полна со предизвици, а последните години од животот ги поминала со белгискиот трговец на дијаманти Морис Темпелсман. Позната е нејзината изјава дека жените првиот пат се женат од љубов, вториот за пари, а третиот за пријателство. Како и да е, впечатокот што го оставаше секогаш беше контраст помеѓу, од една страна, ултрасмирено, вечно насмеано и по малку забавено однесување, како ненадмината убавица на ноќта, и силен интелект и независност, од друга страна. Не беше само општествено активна шминкерка која само се сликаше на забавите и изигруваше божица, како што некои сакаат да ја претстават денес, туку и жена со широка лепеза на интереси и познавања, од интерес за фотографија и сликање, преку пишување поезија и јавно читање проза, до работа во хуманитарни мисии и институции. Карактерно силна и секогаш горда со високо подигната глава. Дама до последен здив, која гордо и со одважност ги носеше креациите на многу модни креатори и дизајнери. За мене најелегантна беше во креациите на Коко Шанел и на Живанши. Денес стилот на Џеки најуспешно и најсензуално го продолжува модната и филмска икона Никол Кидман. Џеки Кенеди беше и остана икона на шармот, префинетиот стил и однесување што освојува. Жените сакале и сѐ уште сакаат да изгледаат, да се облекуваат и да се однесуваат како неа.
Како што веќе е изнесено, таа се соочуваше со лични трагедии, со политичките противници на Кенедиеви, со љубовните и сексуални авантури на неверниот сопруг, но секогаш, според некое непишано правило, успеваше сето тоа успешно да го менаџира, да се издигне над ситуацијата на најдобар можен начин, да биде прифатена и да служи за пример. Поточно, таа создаде стандарди на кои секогаш и во секоја пригода се придржуваше – стандарди кои и до ден-денес се почитуваат во светот на модата и во јавниот живот воопшто. Можеме да заклучиме дека во 60-тите години од минатиот век Жаклин Бувие Кенеди изврши големо влијание во светот на модата. Влегувајќи во Белата куќа како сопруга на триесет и петтиот претседател на САД и имајќи само триесет и една година, во домот на авенијата Пенсилванија 1600 не внесе само младост, туку и свежина, позитивна енергија, стил и гламур. Така пријатно ги изненади граѓаните на САД, но и го воодушеви целиот свет. За секогаш ќе ја паметиме како горда и одважна сопруга, грижлива и нежна мајка, отмена прва дама на САД и едноставна и шармантна икона на стилот.
Автор: Сотир Костов
Текстот е објавен во неделникот Република.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.