Амбасада на Република Замунда во Македонија преку официјално соопштение изјави дека нема да учествува со своја кандидатска листа на парламентарните избори закажани за 11 декември, туку дека планира хумана акција за промоција на европските вредности, која нема никаква врска со политика.
Во соопштението потпишано од новиот амбасадор на Замунда во Македонија, Сарго Нумпси, стои:
„По долг период на интензивно, исцрпно анализирање и размислување, одлучивме дека нашата амбасада во Македонија, сепак, нема да поднесе своја кандидатска листа на изборите за народни пратеници во декември 2016 година. Амбасадата има предвид дека најдобро една земја се управува доколку директно се земе под свое законодавната и извршната власт, меѓутоа тоа не е работата на една амбасада, нели, океј? Плус, за тоа во Македонија нема никаква потреба бидејќи како што ни кажаа колегите амбасадори од западните земји, на листите на некои партии има топ, бонбона кандидати со широко срце и добар слух за нашите пријателски сугестии и молби“.
Тој додава: „Нашето директно учество на изборите преку листа со кандидати за пратеници нема да го има, и тоа е дефинитивно, но тоа не значи дека нема да го задржиме правото да правиме спонтани хумани акции кои никако нема да влијаат на демократските процеси во земјата и на резултатот на изборите. Што впрочем никогаш не ни било наша определба, да влијаеме на политичката сцена. Пу пу скраја“, рече амбасадорот Нумпси лесно поплукувајќи и додаде: „Напротив, ние секогаш сме биле заинтересирани строго за промовирање на европските вредности, а Европа праќа пораки на хуманост и ја промовира човечноста. Токму затоа решивме да спроведеме хумана кампања“.
„Хуманата кампања која Амбасадата на Замунда ќе ја спроведува за време на предизборната кампања ќе се вика „Подржи им го чадорот за да не настинат“ и ќе има за цел на митинзите на кои ќе врне дожд, наши претставници да им држат чадори над главите на двајца политичари од Македонија кои случајно испаднаа да се Заев и Верушевски. Целта на акцијата е Замунда да покаже дека се грижи за здравјето и имиџот на политичарите во Македонија и ќе стори сѐ за да покаже како треба да се внимава да не им се наквасат главите и да настинат, а воедно и да имаат лоши фризури, па да изгледаат лошо. Плус, доколку настинат, ќе зборуваат „на нос“ и тоа дополнително ќе го отежни нивното праќање политички пораки за време на митинзите“, објави амбасадорот.
Тој посочи дека Заев и Верушевски се избрани во околности на неверојатна случајност:
„Наша идеја беше на кој било ЕДЕН политичар во Македонија да му држиме чадор на митинзи за да пратиме порака дека Европа се грижи за здравјето на Македонците и за здравата политичка сцена. Значи, буквално на кој било политичар, можеше тоа да е кој било пратеник, министер, директор… Но, за да е фер, направивме лотарија која се одржа во мојот кабинет и бев присутен јас и стариот амбасадор Клошаро Гревили. И од сите, ама значи од сите имиња на политичари од Македонија, мислам дека беа околу 1760, ете сосема случајно така испадна да се извлече едно ливче, кое, всушност, на себе имаше како залепено уште едно ливче“, возбудено ја раскажува адреналинската ситуација во која се случил овој несекојдневен случаен лотарија избор на политичари за под чадорот на замунданците.
„Замислете, тоа беа ливчињата на Зоран Заев и на Зоран Верушевски. Како се залепиле токму тие ливчиња, така случајно и магично, не знаеме, но бидејќи имавме среќа да се обајцата од иста партија и да одат на исти митинзи, одлучивме да го прифатиме овој несекојдневен резултат бидејќи ќе поминеме со еден чадор за две глави“, вели амбасадорот.
„Неверојатно е каква среќа имаа овие двајца господа кои јас лично дури и не ги ни познавам, дури не ни знаевме никој од нас во амбасадата, не знаеше ни стариот амбасадор, кои се овие Зорани кога беа извлечени нивните имиња. Се чудевме, па после дознавме кои се и со што конкретно се занимаваат. Фини, галантни господа. Јас сакам воедно да им честитам, да им посакам среќа во кампањата на изборите, нашиот чадор ќе ги следи без проблем“, вели на крајот на својата изјава амбасадорот на Замунда.
Кромиди Запад
*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.
Кромиди Запад
*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.
*** The aim of "Dvogled" is to draw attention to certain phenomena in society. Any similarity to actual persons and institutions is merely coincidental.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.