Лорен Блан е тренерот што се наоѓа на врвот на листата со желби на Интер како наследник на Франк де Бур. „Нероаѕурите“ вечерва се среќаваат со Торино и евентуален неуспех ќе значи и сигурен отказ за холандскиот стручњак, за што доказ е и фактот дека раководството на клубот веќе ја почнало потрагата по нов тренер.
Како што јавува тиражниот весник „Газета дело спорт“, челниците на Интер веќе стапиле во контакт со Блан, кому му е дадена интересна понуда. Оваа информација ја потврдуваат и француските медиуми, според кои „Блан по заминувањето од ПСЖ добил неколку понуди, но оваа од Интер е првата што со сериозен интерес ја разгледува“. Неофицијално, на Французинот му е понудена плата од пет милиони евра по сезона, плус буџет од над 50 милиони евра за засилувања веќе во јануарскиот преоден рок.
Италијанските медиуми тврдат дека тој би можел да пристигне во Милано веќе утре, но не сака да одговори на понудата додека „нероаѕурите“ се уште имаат тренер на својата клупа, па ќе го почека вечерашниот дуел со Торино за да види како ќе се одвиваат работите.
Само за потсетување, Лорен Блан и како играч има настапувано за Интер, носејќи го дресот на овој клуб од 1999 до 2001 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.