Реал Мадрид денеска и официјално му врачи отказ на тренерот Хулен Лопетеги по ужасните резултати сезонава.
-Бордот на директори смета дека има голема диспропорција помеѓу квалитетот на играчите на Реал Мадрид, од кои дури осумина се номинирани за ‘Златната топка“, нешто што досега се нема случено, и резултатите постигнати сезонава. Клубот му се заблагодарува на Хулен Лопетеги и неговиот стручен штаб и му посакува многу среќа во иднина – стои во дел од соопштението на Реал Мадрид.
Нов привремен тренер ќе биде поранешниот фудбалер на тимот и сегашен предводник на Кастилја (Реал Б), Сантијаго Солари.
Реал Мадрид по 10 одиграни кола во Ла Лига се наоѓа на ужасното девето место со само 14 освоени бодови. На последните пет натпревари во првенството „кралевите“ имаат четири порази и едно реми без голови против Атлетико Мадрид.
Изминатиот викенд „кралевите“ беа понижени на „Кам Ноу“ во големото „Ел Класико“ дерби против Барселона со 5-1.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.