| четврток, 6 декември 2018 |

Kнижевна вечер со Горан Ферчец, Хрватска

Во текот на октомври во Скопје престојува хрватскиот писател Горан Ферчец  (1978 г.) еден од најдобрите млади хрватски прозаисти и граѓански активист, во рамките на книжевната резиденција за автори од Југоисточна Европа. По тој повод издавачката куќа Готен организатор на престојот, и издавачката куќа Икона, која на македонски го објави неговиот прв роман Овде нема да има чуда организираат книжевно дружење со Горан Ферчец и промоција на романот. Настанот ќе се одржи во книжарницата Икона во трговскиот центар Сити мол, како дел од настојувањата да се оствари подиректен контакт на авторот со читателите и со македонската јавност..

Резиденцијалната програма за книжевници, под покровителство на мрежата Традуки и градот Скопје, им овозможува на автори од Југоисточна Европа да престојуваат во Скопје запознавајќи се со книжевната, интелектуалната и културната сцена во Скопје, продлабочувајќи ги своите контакти и развивајќи ја соработката со македонската книжевност и култура. Авторите во Скопје работат на своите дела или преводи, посетуваат културни настани, организации и институции, и учествуваат во јавни настани во Скопје и други градови во земјата.

fercec-foto_by_matija-ferlin

За Горан Ферчец

Горан Ферчец (роден во Копровница, Хрватска во 1978) е автор, драматург и драмски писател. Дипломирал драматургија на Акамедијата на драмски науки во Загреб, член е на редакцијата на магазинот за изведувачки уметности Фракција, како и на Хрватската асоцијација на драмски уметници.

Ферчец е соосновач и приредувач (од 2008-2013) на драматуршкиот колектив, иницијатива која промовира перформанси и драмски текстови од млади хрватски и интернационални автори. Ферчец објавува текстови за перформанси, теоретски написи и есеи во локални и меѓународни магазини: Frakcija, Загреб; TkH-Walking Theory, Белград; Kretanja, Загреб; Scena, Нови Сад; Kazalište, Загреб; Buchkultur, Виена и на Хрватското Национално Радио. Неговиот роман Овде нема да има чуда беше објавен од хрватската издавачката куќа Фрактура во 2011. Во 2015 објави книга есеи Прирачник за вчера – тринаесет есеи. Романот влезе во потесниот избор за сите релевантни книжевни награди во Хрватска а преведен е и во Р. Македонија. Истата година перформансниот текст Писмо за Хајнер Милер, режиран од Бојан Џорџев, беше премиерно изведен на Загрепскиот младински театар. Неговото најново дело Работници ја имаше својата премиера во 2014 како дел од Vor den Hunden проектот во копродукција со дополнителен ансамбл од Bonn and Schaubühne Lindenfels во Лајпциг и Бон. За ова театарско дело Ферчец ги добил следните награди: награда од Австрискиот културен форум (2007); награда од Хрватскиот театар за за најдобра драматизација и адаптација (2014); награда од Фестивалот за драматургија Борштник (2014 и 2015); наградата Вељко Маричиќ за драматургија (2014).

За неговите литературни дела Ферчец ја добил годишната награда на Министерството за култура на Република Хрватска за романот Овде нема да има чуда, како еден од најдобрите десет романи во 2011.

Остварил резиденцијални престои во Kulturkontakt во Виена во 2010-та; Меѓународната куќа на писатели во Грац, 2014; и резиденцијален престој во Асоцијацијата на словенските писатели и фестивалот „Виленица“ во Љубљана, 2015.

За романот Овде нема да има чуда

Пустошот, празнината, враќањето во непостоечкото, распадот и заминувањето од историјата, се само некои од големите теми коишто во својот прв роман Овде нема да има чуда ги опфаќа еден од најталентираните современи хрватски автори. Главниот јунак Бендер, е млад интелектуалец соочен со криза на идентитетот, во неимнеувана метропола на Запад, во којашто отседнал за време на војните на нашите простори. Тој е ескапист којшто бега не само од минатото туку и од секојдневитето, преполн со сомнежи кон самиот себе. Во таквата, потполно нарушена позиција, еден ненадеен повик од такко му ќе го натера да се врати во својата татковина, во селото од каде што потекнал, во коешто по воените пустошења веќе никој не живее. Тоа враќање од урбаната антиутописка стварност во руралната пустелија, се

случува не само на реалното, физичко ниво на патувањето, туку и, уште поизразено, во свеста на главниот јунак. Неговиот судир со самиот себе, со своите демони и со така си, а и невозможноста да исчекори од судбината, го водат до сеопфатна негација на реалноста.

Овде нема да има чуда е еден од оние романи коишто поставуваат вистински прашања, но притоа не даваат одговори, затоа што ги нема. Главниот јунак во ова дело на Ферчец е амблематски интелектуалец на сегашноста, тој може само да трага и во тоа трагање сосема да исчезне, затоа што последиците од војните, транзициите и современоста се толкави што на поединецот не му оставаат никаква перспектива освен целосна ништожност, којашто може да биде, но и не мора, почетна точка за создавање на новото.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top