Четвртиот културен настан од серијата „Денови на светската книжевност“ ќе биде посветен на шпанската и јужноамериканската книжевност, со наслов „На двете страни од океанот: литература по(д) диктатура“
На овој настан што ќе се одржи денеска, 7 април, со почеток во 13:30 часот во Центарот за конференции и студии на НУБ „Св. Климент Охридски“, книжевни излагања ќе имаат Огнена Никуљски и д-р Сања Михајловиќ-Костадиновска, кои ќе се осврнат на најбележитите литературни дела од јужноамерикански автори што може да се подведат под жанровската одредница диктаторски роман и на неколку значајни дела напишани за време на цензурата во Шпанија.
Да се пишува за диктаторите (реални и имагинарни) е секогаш предизвик, затоа што животот на диктаторот не е товар само врз раката и совеста, туку претставува и совршена метафора на апсолутната власт каде човекот се соочува во самотија со големината и мизеријата, со славата и поразот.
Романот „Јас, Врховниот“ од парагвајскиот писател Августо Роа Бастос, кој е објавен во едицијата „Ѕвезди на светската книжевност“, е едно од најзначајните дела во низата латиноамерикански романи за диктатори меѓу кои со високите книжевни вредности се издвојуваат и романите на Мигел Анхел Астуријас, Габриел Гарсија Маркес, Марио Варгас Љоса и др. Ќе бидат претставени и неколку значајни дела напишани за време на цензурата во Шанија (Ништо, од Кармен Лафорет, Копач од Антонио Ферес, Талкања низ Мадрид од Франсиско Умбрал, Време на тишина од Луис Мартин-Сантос, Пет часа со Марио од Мигел Делибес) за да се прикаже како авторите биле принудени да практикуваат автоцензура за да ги објават своите дела, и кон какви наративни решенија доведува тоа, но, исто така и да бидат посочени некои метафори кои постојано се провлекуваат низ делата како производ на вистински тоталитарен режим.
Првиот културен настан од серијата „Денови на светската книжевност“ беше посветен на кинеската книжевност, а потоа следеа претставувањата на американската книжевност и на унгарската книжевност.
Сите љубители на пишаниот збор кои ќе присуствуваат на овој настан ќе можат да ги разгледаат и да ги купат книгите од шпанските и јужноамериканските автори преведени на македонски јазик, објавени во рамки на капиталните издавачки проекти „Ѕвезди на светската книжевност“ и „Превод на дела од автори кои добиле Нобелова награда за литература“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фримзим Даути нов директор на НУБ „Св. Климент Охридски“
-
Во НУБ вечерва се отвора Координативниот центар за културна соработка на Иницијативата „16+1“
-
Николаус Вирвол од Германија и митрополитот Мелки Јурек од Сириската православна црква во посета на НУБ
-
Светскиот ден на поезијата-21 март ќе се одбележи во НУБ „Св. Климент Охридски“