Бројни посетители, издавачи и други гости денеска беа присутни на македонскиот штанд во рамките на Франкфуртскиот саем на книгата, кој се смета за најголем и најпосетен во светот. На македонскиот штанд, кој визуелно е еден од повпечатливите, посебно внимание денеска привлече и трибината посветена на македонската книжевност и напорите за пробив на светските книжевни пазари. Модераторот Ксенија Чочкова низ интересен книжевен разговор со тројцата реномирани автори од Република Македонија, академик Влада Урошевиќ, Гоце Смилевски и Ненад Јолдески, отвори многу прашања поврзани со темата во фокусот.
Авторите ги презентира сопствените искуства за пробивот на нивните дела на странските книжевни пазари, а ја потенцираа и важноста од изработката на квалитетни преводи преку кои ќе се пласираат македонските автори. Беше нагласена и важноста од формирање на мрежа на преведувачи на што повеќе странски јазици преку кои ќе се обезбеди квалитетен превод, а со тоа и пробив на меѓународната книжевна сцена.
– Македонските автори најчесто се преведуваат на само десетина странски јазици, додека нашите колеги во Франција или Русија на пример имаат можност да бидат преведувани на сите светски јазици. Оттука и потребата да се инвестира во креирање мрежа на преведувачи на повеќе јазици, бидејќи добар превод е клучот за пробив на странските пазари – вели Гоце Смилевски.
Авторите се согласија и околу важноста од презентација на македонската литература на саемот на книгата во Франкфурт, кој е вистинското место за остварување на контакти со странските издавачки куќи и литературни агенти од целиот свет, како и можност за склучување на авторски договори и промоција на македонските автори.
– Годинава постои голем интерес за нашите автори и дела. Остваривме многу контакти, кои очекуваме дека ќе резултираат во бизнис договори – вели Дарко Фиданоски, еден од основачите на издавачката куќа Арс Ламина и претставник на Македонската Асоцијација на издавачите.
– Не е доволно само да се преведат македонските дела на странски јазици, туку да се преведат од странски издавачки куќи, односно да се продадат авторските права за превод во другите земји. Тоа е најдобриот начин за промоција – заклучи Фиданоски.
На македонскиот штанд, на кој постојано има посетители и заинтересирани издавачи, посебен интерес пробуди и конкурсот на Министерството за култура за странски издавачи, односно за објавување на превод на дела на македонски автори. Посетителите добиваа и информации за начините на аплицирање на овој конкурс кој е отворен во текот на целата година и преку кој досега на 21 јазик се преведени 99 дела на македонски автори од сите генерации.
На настанот беше промовиран и обемниот Германско-македонски речник на Нина Димитрова-Шмигер и Роланд Шмигер, автори кои речиси две децении се посветија на создавањето на ова капитално дело.
– Она што започна како хоби, резултираше во четири изданија на речиси 4000 страници. Пристапот на изработка на речникот беше нетрадиционален. Работевме буква по буква, збор по збор, барајќи еквиваленти во двата јазика, што особено беше тешко на почетокот на деведесеттите години кога не постоеше Гугл – објаснуваат Роланд и Нина Шмигер. Тие се надеваат дека ова дело ќе го најде патот до македонските читатели.
Гостин на настанот беше и Пиштар Лутфиу, министер за образование и наука на Р. Македонија. Настанот, освен со дегустација на македонско вино и храна од нашето поднебје, беше збогатен и со настап на македонскиот реномиран гитарист, кој во последните неколку години доживува интернационален подем, Дарко Багески.
На македонскиот штанд се претставени над 500 книги на повеќе од сто македонски автори, монографии и публикации на повеќе издавачи и на повеќе институции. Се презентираа и капиталните едиции на Владата на Р.М. и Министерството за култура меѓу кои се и проектот „Антологиски приказ на македонската книжевност“, кој е преведен и на германски јазик.
Комесари на годинашното претставување на најголемиот книжевен саем во Европа се издавачките куќи „Арс Ламина“, „Култура“ и „Три“ од Асоцијацијата на македонски издавачи, а со поддршка од Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Македонски ден на Саемот на книгата во Франкфурт
-
Македонски ден на саемот на книга во Франкфурт: Големите предизвици на малите јазици
-
Стефано Бисачи, агент за издаваштвото од Италија: Не постои формула за успех која гарантира бум на една книга
-
На саемот во Франкфурт, сè поголем интерес за македонската детска литература