Во педесеттите години од 20 век жителите на САД беа опиени од стопанскиот напредок на државата по Втората светска војна и уживаа во општествениот живот залулан во успех и просперитет. Со текот на времето, материјалните добра се зголемуваа до невидени размери, а духовните вредности исчезнуваа во материјалното изобилство, така што, на крајот, беа истиснати од нагонот за хедонизам. Тогаш се појави симболот на новата генерација – бунтовник, бунтовник кој стрчеше во богатото и снобовско општество. Тој бунтовник се викаше Џејмс Дин. И на почетокот веднаш прашањето кој е Џејмс Дин. Згоден младич, со замислен поглед, сериозно лице, залижана коса, во полураскопчана црвена јакна и со неизбежна цигара во рацете… култна фотографија на Џејмс Дин од плакатот за филмот „Бунтовник без причина”. Оваа фотографија е искористена за печатење маици и јакни и е прва визуелна асоцијација во нашето колективно паметење за неговиот лик. Таа слика се наоѓа и на тинејџерските постери симболизирајќи ги побуната и отпорот на младите кон авторитетот на старите генерации олицетворени во државниот бирократски естаблишмент. Дин беше и сè уште е отелотворение на духот на 50-тите години од минатиот век содржан во девизата: „Живеј брзо, умри млад, биди убав труп’’. Тој е првиот познат и признат вистински бунтовник без причина. Деновите ги живееше како да му се броени, последни. Живееше брзо и загина млад, премлад. Имаше едвај 24 години. Беше јунак, херој на времето во кое живееше ултимативно. Емотивен и чувствителен антихерој со екстремно бунтовничко тинејџерско однесување. Мистериозен, нескротлив, по малку див. Со убавината што ја поседуваше, привлекуваше и освојуваше, а со однесувањето на граница на ексцес се обидуваше да ги одбива луѓето околу него. Знаеше да се искара за ништо и да се истепа без причина. Најверојатно тоа му беше одбранбен механизам од луѓето на кои не им веруваше. Своеглав и тврдоглав. Дури и загина по свое. Сепак, Дин трајно е запаметен како убавец со совршени црти на лицето, кој со молскавична брзина стана икона на холивудскиот филм и на поп-културата на 20 век.
Во што е големината и значењето на Џејмс Дин? Тоа младо, повлечено момче со тажен поглед, како што веќе напишав, во бела кошула, фармерки и црвена јакна, прво стана идол на целата негова генерација, а подоцна и на многу други генерации по неговата. Денес, од оваа дистанција од шеесет години, можеме со право да констатираме дека ако Марлон Брандо го промени моделот по кој се глумеше, тогаш Џејмс Дин целосно го смени начинот на живеење. Ајде уште еднаш да видиме како живееше тој? Буквално како бунтовник без причина, а како таков идол за многу млади во САД и во светот, икона на стилот, икона чијшто живот згасна кога имаше само 24 години. Сите знаеме дека тоа е период кога животот на многумина зема сè поголем замав. За жал, неговиот тогаш згасна. Почина, но стана јунак, херој на времето во кое живееше ултимативно. Инаку, важеше за емотивно, чувствително момче што се карактеризираше со тинејџерско однесување. Не типично какво што имаа многуте тинејџери од тоа време, туку крајно нескротливо и трајно непомирливо со тогашните правила на општеството што сè повеќе ги задушуваше младите, кои преку своите авантури си ја земаа слободата што повозрасните им ја ограничуваа или одземаа. Прангите, стегите и клишеата за тоа како да се живее – мирно, послушно, дисциплинирано – содржани во правилата на возрасните, но и наметнати на младите од нив, првин направија младите да не бидат сфатени од родителите и од општеството во целост. Од тоа се изроди непослушноста поради која најчесто младите беа прекорувани, осудувани, отфрлени. На тој начин тие се претворија во маргинализирани суштества на општествената периферија. Таа состојба најдобро се отсликува во мислата на Џејмс Дин во која тој вели дека актерот е најосаменото суштество на светот. Тој е сам со себе и со својата фантазија. Дин зборува за актер, а во суштина мисли на младото човечко суштество кое е осамено. Дека е така се потврдува од неговото интервју за „Њујорк тајмс“, во кое, меѓу другото, ќе каже дека актерството е најлогичен метод на изразување на чувствителниот човек. Неговата филозофија за актерот како човек и личност се надополнува и заокружува со мислата дека треба да се сонува дека ќе се живее вечно, а да се живее како дека ќе се умре утре. Неговиот став кон животот или поточно стилот на живеење безусловно беше прифатен од младината на САД, која беше заситена од зачмаеното општество, па така се роди бунтовништвото без причина.
Неговиот стил и став кон животот не се огледуваа само во неговата појава и во облекувањето. Многу битно, најбитно беше неговото дејствување во реалниот живот, однесувањето кон останатите, т.е. како им се обраќаше на луѓето. Со неговото однесување и зборување тој создаде голема енергија, која подоцна, во рамките на хипи-движењето, прерасна во огромна активирачка синергија од која се изроди младешкиот бунт во САД и пошироко во светот, бунт кој ѝ даде поттик на младата генерација да усвои нов светоглед, во чијашто основа беа самостојноста, независноста, слободата, храброста и одлучноста животот да го градат според свои сфаќања, потреби и желби. Така, и на тој начин, тој, Џејмс Дин, младото момче од периферијата на општеството, од маргиналец, прерасна во бунтовник, предводник на младата генерација, која првин го восприемаше како филмска ѕвезда, која прерасна во харизматична икона, а по ненадејната и прерана смрт, стана легенда. Легенда која еве трае и денес, повеќе од шеесет години. Тоа е една мала вечност, која, најверојатно, ќе стане голема и трајна. Дали е така? Ќе се обидам да одговорам преку споредбата со исто така еден големец – Марлон Брандо. И Брандо добро глумеше и беше одличен во улогата на млад бунтовник. Но, разликата со Дин е во тоа што тој, за разлика од Брандо, не глумеше. Неговото актерство во филмовите беше слика за него самиот – осамена и изгубена личност. Во тоа е разликата во однос на Марлон Брандо. Затоа можеме да кажеме дека Џејмс Дин е, а како што стојат работите и вечно ќе остане, вистински, реален и уверлив портрет на несфатената генерација. И за крај, единствениот точен одговор на прашањето кој е Џејмс Дин, е неодоливиот бунтовник без причина, бунтовникот што го промени светот.
Филмовите и автомобилите на Џејмс Дин: од љубов, преку пасија, до зависност
Во својот краток живот одглуми само три главни улоги во филмовите „Бунтовник без причина”, „Источно од рајот” и „Џин”. Во овие три филма тој оствари невиден перформанс, без разлика дали станува збор за привлечноста на авантурата и желбата за слобода во „Бунтовник без причина”, работата и одговорноста кон неа и кон животот во „Источно од рајот” и богатството и помешаниот систем на вредности во „Џин”. Покрај љубовта кон филмот, имаше уште една голема љубов кон убавите автомобили и брзото возење. Неговото животно мото „Живеј брзо, умри млад и биди убав труп” го чинеше и живот бидејќи загина во сообраќајна несреќа со своето „порше“ само 15 минути откако доби и плати казна за пребрзо возење. Неговата смрт фрли во очај илјадници негови обожавателки низ светот. Познатата сцена од „Бунтовник без причина”, во која Џејмс Дин потпрен на мотор, пали цигара и незаинтересирано гледа во камерата со подигната веѓа во рокабили-фазон, заслужено влезе и остана во антологијата на светскиот филм.
Автор: Сотир Костов
Текстот е објавен во неделникот Република.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.