| четврток, 6 декември 2018 |

Во Гари ќе се произведува премиум вода за светскиот пазар

Во близина на Гари беше отворена фабрика за вода, која претставува резултат од работењето на концесионерот на минерална суровина - подземна вода MЛ-Гари, односно хрватскиот инвеститор, компанијата „Мали Лошињ“

Започнува со работа фабриката за производство на пакувана вода за пиење, лоцирана покрај регионалниот пат  Бошков Мост-Извор, на само 5 километри пред еколошки чистото село Гари каде што се наоѓа концесијата. Почетната инвестиција од 300.000 евра, а проценетите 7,7 милиони евра инвестиција, достигнаа 14 милиони евра за овие 3,5 години, колку што траеше процесот на реализација.

-Овој денешен свечен чин е финален производ од сите наши заложби и политики, а оваа инвестиција е од огромно значење не само за Гари и за Дебар, туку и за целиот западен регион, во насока на рамномерен и одржлив економски развој – рече министерот за економија Дритон Кучи.

Произведената вода во оваа фабрика е првенствено наменета за извоз, кој е веќе дефиниран, главно во соседните земји, арапските земји, Хрватска и Русија.

-Посебно е важно што се обрна огромно внимание на квалитетот и стандардите, па се доби висококвалитетна премиум вода, произведена по најмодерна технологија, што ја прави конкурентна за пробирливиот светски пазар – додаде Кучи.

-Инвестицијата што тука ја почнавме од темели пред околу три години, денес, благодарение на двајцата инвеститори од Република Хрватска, Дашмир Абдија и Бранимир Којиќ, доби лик на една од најмодерните, најсовремени и технолошки најопремени фабрики во Македонија и во регионот – рече во име на компанијата „Мали Лошињ“ Кујтим Деари.

Министерот за странски инвестиции Горан Мицковски го потенцираше значењето на водата како ресурс на иднината, чие значење е огромно.

-За нашава еконмомија, пак, посебно е значајно што инвестициите континуирано растат, а тоа значи и отварање на нови работни места, со што се придонесува кон намалување на невработеноста и зголемување на животниот стандард – рече Мицковски.

-Ниту еден инвеститор ниту имал, ниту ќе има административни проблеми во Дебар. Сите се добредојдени и за сите стоиме на располагање рече градоначалникот на Дебар – Ружди Лата.

Инаку, моменталниот број на 25 вработени, според најавите на инвеститорот, треба за многу скоро време да се зголеми, а дневното производство на флаширана вода може да достигне и до 200.000 литри по осумчасовна смена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top