Гари го населиле храбри и гостопримливи луѓе. Се чувствувате добре дојдени во секое време. Особено им е задоволство да слушнат дека сте прошетале во планината, сте ги посетиле тие интересни места што се гордост за гарци. Велат што се гарци, гарци се, ама што не се гарци, кога ќе се залепат за Гари, не се одлепуваат.
Свеж и чист воздух, температура многу пониска од таа во урбаните средини, жубор на вода и неверојатна вегетација – убавина што ја нуди Македонија, а малкумина ја користат. Велат мијачкиот крај е еден од најубавите краишта во земјава. Причини да се посети местото во пазувите на Бистра и на Стогово има многу. Недопрената природа на 1.100 метри надморска височина е вистинско место за одмор, но, како што велат старите гарци, само за тие што знаат да уживаат и ја сакаат природата.
Гари живее во лето. Во зима живот има во две-три куќи. Но во лето гарци се враќаат дома. Дел од куќите се сосема нови или обновени, во препознатливиот и оригинален охридско-крушевски стил на градење. Речиси секоја куќа е полна и отворена за тие што решиле да го посетат селото. Седевме во куќата на дедо Блажо Дојчиновски. Голема бела куќа, со кафени прозорци, куќа што го зачувала стариот стил. Ни раскажуваше интересни приказни за селото, за животот некогаш, за тоа што е Гари денес. Ќе ја слушнете приказната за килимарата во која работеле 120 жени и ги произведувале најдобри персиски килими што ги продавале во Германија. За задругата, за кулаците, за забавите и за музиката. Ќе ја слушнете приказната за печалбарите, за Димко Шангај, кој на времето како печалбар стигнал најдалеку, дури до Кина. Ќе ви раскажат за фудбалските натпревари на игралиштето, каде, како што умеат да речат, имало вистински голови уште во времето кога во Скопје обележувале голови со камења. Уживаат да зборуваат за нивниот подготвен тим, кој ги победувал тимовите од Мелничани, од Лазарополе и од другите околни села. Со гордост зборуваат за струјата што ја имале кога градовите немале, за малото кино во педесеттите години на минатиот век, за неверојатната вода.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.