| четврток, 6 декември 2018 |

Турската „Чагатај Кабло“ во Бунарџик ќе произведува кабли за автобусите на „Ван Хол“

Во технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 денеска беше поставен камен-темелник на турската компанија „Чагатај Кабло“ што ќе произведува кабли за автомобилската индустрија пред се наменети за автобусите на „Ван Хол“.

Како што истакна сопственикот Ахмет Короглу, во првата фаза ќе се изгради објект на површина од 7.000 метри квадратни во вредност од четири милиони евра и ќе се вработат 100 лица, а подоцна објектот ќе се прошири со што инвестицијата ќе се заокружи на шест милиони евра и ќе се вработат 300 лица.

Компанијата, како што кажа,  20 години произведува и има 35-годишно искуство во овој сектор, а во нивниот објект во Истанбул кој е на површина од 14.000 метри квадратни има 315 вработени. Се очекува компанијата да го започне производството во Скопје кон крајот на март или на почетокот на април следната година.

Се работи за инвестиција која беше договорена од страна на претходната влада на ВМРО ДПМНЕ. По повод ставењето камен темелник на компанијата „Чагатај Кабло“, се огласи и лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски на својот Фејсбук профил.

-И ова е една од инвестициите на која се работеше подолго време. Од компанијата објавија дека ќе инвестираат во месец декември минатата година, а на 17-ти мај оваа година потпишавме и договор за инвестирање. Иако беше предвидено фабриката да почне да се гради во месец јули, денес почнува градбата на капацитет кој ќе обезбеди работа на 200 луѓе. Оваа компанија е добавувач на белгиската фабрика за производство на автобуси Ван Хул која ја донесовме и која инвестираше во истата зона во Скопје. Чагатај Кабло ќе се простира на 6 илјади и 700 метри квадратни, а истата компанија во Турција има фабрика од 14 илјади метри квадратни. Ќе инвестира 3 до 6 милиони евра и ќе вработи 200 луѓе во прва фаза. Токму концептот кој го застапувавме на носење на големи странски компании допринесе во Македонија да инвестираат и нивните добавувачи, кој пак најчесто соработуваат со домашните компании. Ова обезбеди над 20 илјади вработувања само во зоните, и голем број надвор од зоните и работа за многу домашни компании. Овој концепт е граден со години, и треба да се продолжи наместо да се урива, а актуелната власт го прави токму тоа. Би бил среќен кога во Македонија би инвестирале, не само оние кои претходно сме ги договориле, сме потпишале договори, и се обврзале да инвестираат, туку да има нови кои ќе инвестираат. Засега таквата бројка е нула нови странски инвестиции. Токму ваквиот пристап и другите пропусти во економијата имаат видливо влијание на забавување и негативни макроекономски показатели. Нашиот концепт е спротивен на ова. Секогаш инвестиции, секогаш борба за нови работни места и сигурен стандард, секогаш работа, секогаш Македонија- објави Груевски.

На поставувањето на камен-темелникот присуствуваше и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Прашан дали денешното присуство на поставување камен-темелник ќе значи пракса во време на избори да се промовираат странски инвестиции, Анѓушев рече дека нема никаква партиска припадност и оти ќе присуствува на поставувањето камен-темелници на сите компании што ќе значат развој на економијата на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top