Македонската фудбалска репрезентација се најде на 146. место на најновата ранг-листа на ФИФА, што е најслабо рангирање на нашиот национален тим во историјата на ова рангирање. „Црвено-жолтите“ во изминатиот месец одиграа само еден натпревар, претрпувајќи пораз од Албанија во Скадар, а токму тој неуспех придонесе да дојде до нов огромен пад на репрезентацијата при рангирањето на светската куќа на фудбалот.
Македонија на претходното рангирање се најде на 138. позиција, а во меѓувреме падна за дури осум места, при што пред „црвено-жолтите“ сега се наоѓаат селекции како Луксембург, Таџикистан, Либан, Хонгконг…
На врвот на листата нема промени, на чело се наоѓа Аргентина пред Белгија, а Германија скокна за едно место, па сега е треторангирана светска селекција, пред Колумбија и Бразил.
Од нашата група, Шпанија испадна од „Топ 10“ и моментно се наоѓа на 11. позиција, Италија е 13. со пад од три места, а најголем пад од сите има Израел, дури 22 позиции, па сега оваа селекција се наоѓа на 98. место. Зад Македонија се наоѓа само Лихтенштајн, кој е 182. рангирана репрезентација во светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.