По низа од четири учества на завршницата на Европските првенства во кошарка Европското првенство следната година што ќе се одржи во четири држави ќе биде осиромашено со неучеството на македонската репрезентација.
Дебаклот што го доживеаја избраниците на селекторот Драган Раца во последниот натпревар на домашен терен од Велика Британија од 62-89 практично беше крај на надежите за шансата за пласман на европскиот шампионат.
Македонските кошаркари и гостуваат на Унгарија в сабота, но натпреварот резултатски нема да има никакво значење со оглед на тоа дека сите шанси се срамнети со земја. Желбите и можностите на оваа сениорска селекција се различни и затоа шансата за оваа генерација се загубена се до шампионатот во 2021 година.
Во салата во Кавадарци македонските репрезентативци не ја добија потребната подршка од публиката која не ја исполни до последното место и со френетично навивање да им ја даде ветер во грбот на Војдан и другарите. Рака на срце тоа не се случи ниту на претходните два меча против репрезентациите на Унгарија и Луксембург.
Избраниците на Раца многу лошо шутерски го почнаа мечот и од стартот го бркаа противничкото водство. Водени од Кларк, Британците поведоа со 9-15, а ние мака мачевме да пронајдеме расположен поединец. Серијата на технички грешки на „жолтите“ на Велика Британија и понуди можност за двоцифрено водство во 11. минута.
Грешка по грешка, нашите кошаркари на одмор заминаа со негатива од -14 (30-44). Кога на стартот од третиот период предноста се зголеми на 18 поени во полза на гостите, се чинеше дека ќе не снајде истото сценарио од мечот во Лондон. Сепак Војдан Стојановски и миленикот на домашната публика Кире Николовски ја намалија разликата на подносливи -8 (46-54).
Полека почнаа да грешат и нашите противници и со зголемена доза на агресивност во одбраната крајот на третата четвртина мина во знакот на Костоски и Војдан Стојановски и набрзо беше 51-57.
Сепак Кларк со неверојатен асортиман на удари, најчесто тројки ја врати предноста од +14 во пресрет на последната четвртина. Последните 10 минути беа само формалност и Велика Британија лесно го приведе мечот кон крај до победа од 62-89. Во репрезентацијата на Македонија најефикасни беа Војдан Стојановски со 15 и Кире Николовски со 17 поени. Кај Британците се истакнаа Кларк со 21 и Лоренс со 14 поени. Квалификациите ги завршуваме в сабота во Солнок со мечот со најсилната репрезентација во групата, Унгарија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.