| четврток, 6 декември 2018 |

Само со поддршка на стопанството може да ја позиционираме земјата како инвестициски рај во Европа

biznis-forum

Македонија и Украина имаат одлична економска соработка, но постојат можности за продлабочување на таа соработка посебно во областа на производството, ИТ секторот, фармацевската индустрија и туризмот. Ова беше заклучено на денешниот македонско-украински бизнис форум на кој учество земаа бизнисмени и членови на стопанските комори од Македонија и Украина.

Претседателот на Владата за спроведување на избори, Емил Димитриев при обраќањето пред украинските бизнисмени истакна дека овој бизнис форум е одлична можност за поставување на нови бизнис релации и иницирање на многу конкретни деловни потфати меѓу украинските и македонските компании.

– Познавајќи ги економските потенцијали и традиционалните пријателски односи на нашите земји, уверен сум дека постојат огромни, не искористени можности за продлабочување на нашите билатерални односи  преку интензивирање на економско-трговската размена, рече Димитреиев.

Осврнувајќи се на економските резултати постигнати во изминативе неколку години благодарение на владините политики, премиерот Димитриев ги повика украинските бизнисмени да ги искористат компаративните предности на Македонија за реализација на нивните бизнис планови.

– Подготвени сме да излеземе во пресрет и да обезбедиме максимална поддршка за реализација на вашите инвестиции и деловни потфати со македонските компании, им порача Димитриев на стопанствениците.

Според него, постојат огромни неискористени можности за унапредување на економско-трговските односи меѓу двете земји и тоа е заеднички интерес на Македонија и Украина, но, како што рече, и интерес за стопанските комори.

– Македонија во изминативе неколку години се издигна во едно од најпријатните изненадувања и стана еден од најпозитивните економски примери во Европа. Тоа е резултат на напорната работа на Владата и големиот број проекти чија цел беше да му помогнат на стопанството и да ја позиционираат земјата како одлична бизнис дестинација и инвестициски рај во Европа, подвлече Димитриев, додавајќи дека сите досега реализирани политики помогнаа Македонија да се справи со светската економска криза многу подобро од други земји во Европа и светот, а економијата продолжува да дава се подобри знаци на раст и стабилност.

Како потврда за економската успешност на земјата, премиерот ги наведе низата рангирања од страна на меѓународните финансиски институции меѓу кои Светска банка, Институтот за вреднување на бизнисот, Агенцијата ФИЧ, лондонскиот весник „Фајненшл тајмс“, ММФ, Европската комисија.

Министерот за привлекување странски инвестиции, Бил Павлески истакна дека има доста успешни примери од компании од Украина кои веќе имаат инвестирано во Македонија, како на пример во изминатите неколку месеци компанија со холандско потекло која има голема канцеларија во Украина отворила канцеларија и во Македонија во делот на производство на софтвер.

– Членовите на делегацијата се доста заинтересирани да соработуваат со македонски компании.  Целта е оваа соработка меѓу Македонија и Украина да се продлабочи во иднина, да се зголеми соработката меѓу македонските компании, да извезуваат во Украина и секако украинските компании  да најдат соработка со македонските компании, рече Павлески.

Павлески истакна дека целта е истовремено да се зголеми соработката при привлекување на украински компании во разни сектори во Македонија, посебно во производствениот сектор, но исто така и во други сектори, како ИТ секторот, а и зголемување на соработката во други сектори.

Генади Чижиков, претседател на Украинската комора за трговија и индустрија истакна дека соработката помеѓу Македонија и Украина се продлабочува со тоа што се создава многу сериозна база, постојат сериозни договори, спогодби меѓу трговско – економската палата на Украина и Стопанската комора на Македонија што им дозволува на компаниите и од двете страни да водат сериозен бизнис.

– Во Украина се повеќе бизнисмени знаат за позитивните тенденции на водење бизнис во Македонија што им дозволува на украинските бизнисмени директно да работата со македонските компании, а исто така им дозволува преку Македонија излез во Европа. Импресиониран сум од резултатите што ги постигнала Македонија во текот на последните 10 години од реформирањето на македонската економија. Украина моментално се наоѓа во фаза на реформирање  и некои од вашите идеи, реформи ние со задоволство би ги примениле и кај нас, рече Чижиков.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top