Македонскиот ракометен шампион Вардар одлично ја отвори новата сезона во СЕХА лигата и во четвртото коло на домашен терен во „Јане Сандански“ славеше минимална победа над стариот ривал ППД Загреб од 32-31.
Победата над Загреб е трета победа во низа по триумфите над Металург и Веспрем како увертира на почетокот на новата сезона во Лигата на шампионите која започнува следниот викенд.
Екипата на Веселин Вујовиќ одигра солиден натпревар и го намачи македонскиот тим, но сепак мораше на крајот од мечот да му пружи рака на подобриот противник.
Мечот започна доста динамично и двете екипи како повеќе да беа концетрирани на нападот отколку на одбраната. Се играше гол за гол се до 11. минута кога Лука Раковиќ поранешниот вардарец го доведе Загреб во водство од 9-7. По тајмаутот на Раул Гонзалес Вардар заигра поангажирано во одбраната и со доста комбинаторики во нападот стигна до пресврт и водство од 14-12 со голот на Деревен.
Во продолжението од средбата македонскиот првак дојде и до предност од три гола (17-14) која воедно и ја задржа до крајот на првиот дел (19-16), но во воведните минути од второто полувреме Загреб тргна поагресивно и со максимална ефикасност во нападите успеа да ја врати неизвесноста и во 39 минута да изедначи на 22-22. Голем проблем во играта на двата тима беа техничките грешки, кои се повторуваа од напад во напад. Поради неколкуте грешки во низа на гостинот Вардар во 43 минута дојде до водство од 26-24, а на пет минути пред финишот на семафорот стоеше 31-28 за црвено-црниот колектив. Во финишот Загреб успеа да се доближи на 31-30, но Лука Циндриќ реализира во последниот напад за Вардар и ја реши дилемата околу победникот на мечот.
Најефикасен ракометар кај Вардар е Душебаев со осум гола, а зад него заврши Тимур Дибиров со седум гола, додека кај Загреб најмногу се истакна Стипе Мандалиниќ со девет постигнати погодока. Наредниот меч во СЕХА-лигата Вардар го игра во Словенија каде му гостува на новајлијата Целје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.