На четири или пет години цицањето на прст кај децата воопшто не е симпатично па многу родители се обидуваат да ја искоренат таа навика.
ЗОШТО ДЕЦАТА ГО ЦИЦААТ ПАЛЕЦОТ?
Цицањето кај децата е природен рефлекс и е нормален за новороденчињата и малите деца. Три четвртини од новороденчињата го цицаат палецот во првата година од својот живот. Кај некои цицањето започнува дури и во стомакот на мајката.
Цицањето на палецот ги смирува и релаксира децата и најчесто го прават тоа кога се вознемирени, кога им е досадно или кога се уморни. Токму поради смирувачкото дејство, на повеќето деца им е тешко да се откажат од цицањето на прстите.
ЗОШТО И КОГА ТРЕБА ДА СЕ ВМЕШААТ РОДИТЕЛИТЕ?
Родителите треба да знаат дека цицањето на прстите носи здравствени проблеми. Цицањето на палецот кај поголемите деца може да предизвика искривување на забите, искривување на вилицата и дури и проблеми со говорот. Освен тоа, може да се појави инфекција на ноктот на палецот и да дојде до сушење и пукање на кожата на прстот.
Преку ставањето на палецот во устата, децата внесуваат многу бактерии и тоа често предизвикува појава на болести.
Со текот на времето (до 3-4 годишна возраст) цицањето треба да започне да се намалува. Повеќето експерти се согласуваат дека детето треба да се одвикне да го цица палецот најдоцна до 5 годишна возраст. Најчесто децата се одвикнуваат кога ќе започнат да одат на училиште или во градинка, затоа што таму се под притисок од другите деца.
Ако вашето дете веќе има 5 години и сè уште го цица својот палец, потребно е да се заангажирате со искоренување на оваа навика.
КАКО ДА МУ ПОМОГНЕТЕ НА ВАШЕТО ДЕТЕ?
- Објаснете му зошто цицањето на палецот е штетно. Започнете со тоа што ќе му кажете што предизвикува цицањето – искривување на забите и вилицата, склоност кон појава на болести поради бактериите кои доаѓаат во устата и сл.
- Секогаш кога ќе забележите дека го цица палецот, опоменете го нежно.Никогаш не му викајте, не го исмејувајте и не го критикувајте вашето дете. На тој начин може да создадете поголем стрес и да ја влошите состојбата.
- Направете план за искоренување на оваа навика. Добро размислете што би го натерало вашето дете да се откаже од оваа навика и определете подолг период за да го спроведете планот (на пример, 3 месеци).
- Добро темпирајте. Изберете период за откажување во кој вашето дете не е под стрес (не започнува на училиште, нема ново братче или сестриче, не започнува да оди во градинка).
- Правете мали чекори. Прво определете една седмица во која детето нема да го цица палецот додека гледа телевизија, потоа определете седмица кога не треба да го цица додека се вози во кола итн. Не очекувајте дека оваа навика магично ќе исчезне. Мора да се движите бавно кон целта.
- Маркирајте го напредокот. Земете календар и обележувајте ги сите успеси што ги постигнувате. Може да му дадете на вашето дете само да ги обележува со маркер деновите кога успешно се откажало од цицањето на прстот.
- Наградувајте го за успесите. За секоја постигната цел, давајте му награда како посета на пица ресторан, гледање на повеќе филмови и сл. Можете да купите лепенки во форма на ѕвезда и за секој успех да го наградувате со по една ѕвезда.
Дополнителни совети:
- Ставете му завој во боја за секогаш кога ќе ја види раката да се потсетува дека не треба да прибегнува кон цицање на прстот.
- Давајте му различни активности, за постојано да биде зафатено и да не мисли на неговото палче: игри со пластелин, сложувалки, боење и сл.
- Овозможете му да заспива во мир и тишина за да нема потреба да се смирува и релаксира со помош на цицање.
- Навечер ставајте му ракавица за да го искорените ноќното цицање на палецот.
Некои родители преземаат подрастични мерки како премачкување на прстот со киселина или горчлива течност, но тие техники се препорачуваат ретко и само во краен случај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.