Живееме во време кога е тешко да се избега од сѐ, да се остави малку простор во денот за да се средат мислите, да се одморат мозокот и душата. Вести за терористички напади, кобни сообраќајни несреќи, тешки природни катастрофи, политика… Премногу политика во секој момент од денот, цело време, со години…
Сето ова не може, а да не допре до нас. Без разлика на возраста, полот, професијата, политичкото размислување или социјалниот статус – пред сѐ, сите сме луѓе.
Како да се надмине оваа тегоба на секојдневието, стресот од обврските, црните вести и мисли?
Секој има своја начин да се подобри, да работи на своето јас, на својата духовност, да ја негува човечноста во себе.
Mаја Саздановска, музичар: Животот никогаш не е таков како што планираме! Замислуваш и фантазираш како ќе биде, но здравата основа што родителите ќе ја вгнездат во своите деца е таа што нѐ прави луѓе како што растеме и се развиваме. Различни ситуации нѐ мотивираат какви промени ќе направиме и како ќе си го подобриме живеењето, битието, душата… Сакам да бидам сама со себе, да си помолчам, да си ги средам мислите. Мојот најголем лек е музиката, некаде читав дека пеењето е голем лек, па, како што се чини, го поседувам еликсирот на среќата.
Даниел Николовски, стилист: Со оглед на тоа дека живееме во едно стресно време со многу обврски што ни ги налага секојдневието, искрено и не посветувам многу време грижејќи се за себе кога е физичкиот изглед во прашање. Меѓутоа, со оглед на професијата, секојдневно запознавам различни карактери на луѓе од кои гледам секојдневно да исцрпам некоја доблест и искуство, за да успеам да бидам подобар човек. Во секој случај, сметам дека и сите ние би требало да функционираме така за наше подобро утре, на општеството, бидејќи човечноста што, дефинитивно, сите ја имаме е, всушност, и рецептот за среќа и за исполнетост, ако ја доведеме до нивото што секој треба да го има.
Елена Миленковска, пејачка: Не правам многу, за жал, бидејќи и самото време е премалку! Денот е краток, но секое слободно време што го имам си го посветувам себеси размислувајќи за многу теми, читам книги, трчам на кеј, посетувам сала за вежбање, се гушкам со моето куче, една од работите што најмногу ми ја исполнуваат душата, исто така, се обидувам да поминам убаво време и со моите најблиски. Ова мислам дека се доволно причини за еден човек да биде во добра психичка и физичка состојба.
Цеце Трајковска, водителка: Во свет и време на изместени вредности и многу малку човечност и „вистински“ луѓе, привилегија е да бидеш во друштво на искрени и чесни личности. За мене времето поминато во такво опкружување со луѓе од кои можеш да научиш нешто ново, луѓе што не познаваат граници и немаат ограничени размислувања е момент што треба да се искористи во однос на себеспознавање и себенадградување. Секое доживување, без разлика дали е позитивно или негативно, треба да е искуство и лекција за секого. Борбата за подобар живот е секојдневие, но, од друга страна, пак, хоризонтите се широки и затоа треба постојано да грабаме од светов!
Јован Куциновски, фотограф и музичар: Работам на себе со тоа што гледам моментните лоши политички влијанија да немаат ефект врз мојот креативен живот, тоа е, сепак, некоја борба во подобрување на квалитетот на животот.
Нина Јанева, пејачка: Подобрувањето и работењето на себеси никогаш не смеат да престанат. Најчесто учам од малите грешки, затоа што големите ги правам намерно, за да видам какво ќе биде размислувањето или, пак, реакцијата на луѓето. Најважното од сѐ е дека сите чекори што ги преземам се лично моја одлука. Дури и ако немам поддршка од никого, јас преземам чекор што мислам дека треба да го преземам. Пред неполни шест месеци преземав многу ризичен чекор, но денес сум посреќна од кога било поради тоа, иако многумина ми велеа да внимавам и да не го правам тоа… Ние сме тоа што го правиме. Затоа тоа што го правиме во која било ситуација треба да биде обмислено, дури и да е нестабилно. Секогаш имај план Б. И најважното: Секогаш преземај одговорност за своите постапки… Тоа те прави свесно човечко суштество.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 207. број на неделникот „Република“, 19.08.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.